Зошто умре дијалогот? Значи, едноставно: затоа што зајакнаа и надвладеаја двата преостанати облици на вербално и секакво друго комуницирање – монолог и молчење.

Воја Жанетиќ

Понекогаш е најдобро нештата да ги набљудуваме поедноставено, па така ќе биде и со оваа чудна појава – смртта на дијалогот во 21 век.

Но, пред да се фрлиме на поедноставување, да кажеме збор-два за сложеноста на оваа тема: малку по преминот меѓу двата века, светот постепено почна да се затвора во „меури“ на поединечни, изолирани и не претерано проверливи вистини. Една по една, се создаваа заедници кои се темелат врз свои вредносни стандарди и свој свет на точни и неточни тврдења. И тие, секако, не разговараат меѓу себе. Како последица на тоа, ги има сè повеќе.

Крајот на овој долг и мачен процес го дочекуваме опкружени со своевидни историски парадокси: постојат луѓе кои се подготвени да одат на клада, како некогаш Џордано Бруно, но за разлика од него – со тврдењето дека земјата е рамна плоча. Паралелно со нив егзистираат, организирани во заедница, лица кои се сомничави околу прашањето каков вид крв тече во вените на кој моќник, бидејќи се убедени дека со светот владеат ладнокрвни луѓе-гуштери. Американскиот физичар Боби Хендерсон во 2005 година ја основа, од чиста зезанција, Пастафаријанската црква која се темели на уверувањето дека светот го создал голем летечки шпагетолик монструм. Не би требало да се обложиме дека, во моментов, не постојат луѓе кои се сериозни верници на оваа религија. Патем, писателот на овие редови му припаѓа на автокефалниот пармезански огранок на нашата црква.

Оваа голема експлозија на мини-галаксии кои се вртат околу своите сопствени вистини во поново време изроди и поголема заедница на нео-медицински политиколози, кои (веројатно) тврдат дека во вакцините има чип што служи за некоја голема подлост на длабоката држава, а таа се состои во бла, бла… Тој „меур“ сега веќе е и тешко да се следи, бидејќи излезе дека за короната не е најдобар лек ивермектин, туку барут. Војната е исцелител на сите болести. А и таа настана како резултат на постоењето на два света, кои се темелат на две, всушност, заеднички вистини – дека ќе бидат освоени и уништени од страна на оние другите. Дијалогот меѓу овие два света изгледа исто така умрел, како и сите други дијалози од претходно. Тоа носи опасност заедно со дијалогот да умреме и сите ние.

А сега да се вратиме на горе ветеното поедноставување на одговорот на прашањето – зошто умре дијалогот? Значи, едноставно: затоа што зајакнаа и надвладеаја двата преостанати облици на вербално и секакво друго комуницирање – монолог и молчење. Новата технологија за комуникација, креирана со интернетот, ни ги овозможи благодетите на социјалните мрежи, но тие не послужија само за тоа да го вмрежат постоечкото општество, туку и да создадат сосема нови социјални заедници. А за основање на овие нови дигитални племиња се потребни монолози на пророците и на водачите, папагалско повторување од страна на „апостолите“ и на следбениците, како и молчење и покорност од присутното стадо. Во сето тоа потпомага и уверувањето на денешната цивилизација дека секоја заедница има право да постои, и дека врз основа на рамноправноста на различните заедници – и на луѓето во нив – истовремено може да се креира и рамноправност на човечките тврдења и вистини. Така, дијалогот се претвори во „соживот“ на рамноправните „теории“. Веќе во следниот чекор изнесувањето на докази станува навреда за недокажаните, кршење на нивното право да веруваат во она што го тврдат, па макар тоа да било и погрешно. Да, земјата е тркалезна, но да бидеме толерантни, да ја промениме темата, нашиот соговорник е рамноземјаш.

Значи, смртта на дијалогот настанала со воскреснување на многубројните монолози. Со последици како оние од мрачното доба на средниот век, се роди пресветлото доба на овој нов век: од силниот сјај на рамноправни вистини повторно ништо не се гледа. Демократијата е заменета со рамноправност на автократиите, знаењето се повлекува пред толеранцијата кон незнаењето, здодевната наука живее во сенката на блескавото шарено празноверие. Што има да се разговара, кога толку убаво и забавно вревиме едни крај други. Секако, и овој текст кој штотуку го прочитавте е дел од таа врева, и сосема е возможно дека за смртта на дијалогот мора да се побара некое друго објаснување. Бидејќи сè е релативно, што би рекол Ајнштајн.

А што знае па и тој.