Не постојат ниту Меѓународен Црковен Фонд, ни Светска Црква, ни Црковна Унија – Црквата е одговорна само пред Бога, а тој, како што е познато, многу ретко ги праќа своите специјални пратеници во инспекција.

Воја Жанетиќ

За почеток, а и за потребите и на оваа тема и на овој текст, би било добро да споредиме две групации на луѓе: верници и граѓани. Ќе видите наскоро, има тоа некаква чукната смисла.

За почеток, грубо дефинирање на проблематиката. Верниците се групација обединета под институцијата на верската заедница (во понатамошниот текст ќе ја нарекуваме Црква, па сега, која и да е), како и под соодветните верски записи, правила и обичаи. Овие другите се обединети под административните институции, закони и прописи, а кои важат на одредена територија на која припаѓаат граѓаните. Кога нештата ги набљудуваме токму од овој територијален аспект, граѓанинот може да се вика и државјанин. И на крајот: верникот мора да биде и граѓанин / државјанин, додека граѓаните не мораат да бидат и верници. Односно, до сега никој не тврдел дека граѓание мораат во нешто да веруваат. Но, еве, сега некој го тврди токму тоа.

Верниците веруваат дека постои Бог. Граѓаните веруваат дека постои Држава. Како што стојат работите, ниту постоењето на едното, ниту на другото не е во целост докажано. А и сѐ потешко е да се докаже.

* * * * * * *

„Државата постои!“ – воскликнува државниот шалтерски службеник, на што граѓанинот одговара „Навистина постои!“ и ги предава своите документи во обредот Собирање на Документација. Со доказ дека уплатил прилог под иконата на Банката, која се наоѓа на некој друг кат од Администрацијата, храмот на Државата. Во документите, пак, граѓанинот ја упатува својата молитва кон Државата да му се оствари некоја потреба, а државата може молитвата и да не му ја услиши. Не се вели залудно „Не давај, Државо“.

Државата како, во суштина, религиски ентитет не почива само на верувања во нејзината праведност и во ефикасноста на Администрацијата. За потребите на вербата на граѓаните во моќта на Државата се организираат и церемонии на паради, како и воени и полициски вежби. Тукуречи, литии. Светите датуми на основањето на Држават се прославуваат како и сите други религиски денови кои го одбележуваат раѓањето на објектот на верување, а на државното стадо му се подарени и многу други црвени букви во државниот календар, кои слават разни сомнителни верувања. Така ги имаме Први мај и Осми март.

Уште многу други докази би можеле да бидат на страна на тезата дека верувањето во Државата е религија како и верувањето во Бог. Дека без масовна верба во овоземската правда на Државата би завладеал масовен овоземски атеизам, попознат под името анархија. Во него луѓето би се однесувале како Државата да не постои, посилните и побогатите би ги наметнувале своите правила, не би имало кој да го штити имотот, криминалот би цветал осоколен од идејата дека нема Држава која би можела да го казни, големодостојниците на Администрацијата би повлекувале недржавнички и антидржавни потези со јасна свест дека непостоењето на Државата тоа им го дозволува. А во изборната борба за заземање на високи позиции во Администрацијата, државната црква, некојси лажен пророк би им ветувал на неверниците дека Државата ќе се врати и дека потоа ќе завладее Рај. А не овој пекол во кој живееме.

Што и да сте помислиле, во ред е.

* * * * * * *

Кога би отишле само чекор понатаму, споредбата меѓу Божјата и Државната администрација не би завршила баш во корист на оваа втората. Црковните ресурси не се приватизираат, барем не во формално-сопственички облик. Нема манастир кој е отстапен на странски религиски инвеститор, па уште и со субвенции. Понатаму, Црквата нема јавен долг, а и ретко ѝ се случува младите засекогаш да ѝ заминат во друга црква на привремено или постојано верување, затоа што во домашната црква немаат перспектива. Не постојат ниту Меѓународен Црковен Фонд, ни Светска Црква, ни Црковна Унија – Црквата е одговорна само пред Бога, а тој, како што е познато, многу ретко ги праќа своите специјални пратеници во инспекција.

Во таа, а и во секоја друга смисла, на Црквата ѝ е многу полесно, а во размислувањето за тоа дали божјата и државната администрација соработуваат или не, и во какви односи се воопшто – постои еден многу важен предуслов.

Верниците немаат причина да се грижат. Нивната заедница ќе опстане.

А граѓаните, како Држава, да. Ако ја има и колку ја има.

Амин.