Дојде време малку да се поправи она дека „на младите светот останува“. Затоа што не е точно. Веќе им останува онолку свет колку што ние постарите сме им оставиле. А им оставивме шипинки.

Воја Жанетиќ

Еден од секако најпотребните споменици на светот е огромна мермерна плоча, поставена над претпоставеното ниво на вода на планетата, откако ќе заврши глобалното топење. На неа треба да пишува „Извинете“. Ако ништо друго, би било во ред оние кои ќе живеат тогаш да знаат дека ние, кои живееме сега, знаеме што сме погрешиле. И дека барем ни е жал.

А има причини да ни биде жал. Климата ја расипавме, демократијата им ја препуштивме на парите и на интересите како никогаш досега, ние што имаме што да јадеме фрламе повеќе неизедена храна отколку што сме изеле, произведуваме повеќе одошто сме во состојба да купиме и да трошиме, ја загадуваме и ја исцрпуваме планетата која ја пренаселивме. Ги богатиме популарните, ги популаризираме богатите, а политичарите – таа сè понедостојна меѓукласа помеѓу претходните две – ги правиме и побогати и попопуларни одошто некогаш биле, претворајќи ги нивните семејства и потомци во носители на обновата на овој новосоздавачки несреќен феудализам.

И сето ова, секако, под услов предмалку споменатите да престане да ги чеша она прсте со кое се активираат војни и бомби, а кое многу често воопшто и не е на раката. Во вселената на сопственото семоќно безделничење, барем неколкумина од нив токму сега размислуваат дали сепак смее да се пипне оној единствен прекинувач кој досега не смеел да се притиска. Веројатно, на тој начин, би се пратиле во смрт онолку луѓе за колку што се смета дека би можеле да бидат жртва достојна на сопствената конечност.

На младите светот останува, рековме. Кој свет? Овој?

Бум.

* * * * *

Со светот и со државите во него во моментов владеат – да не се лажеме – главно многу амбициозни самољубиви старци. Лакомо држејќи се за прилично многу власт, штотуку ја реализираат идиотската намера зад себе, одамна потрошени, да остават иднина која лично веќе ниту ја имаат, ниту можат да ја замислат. Како последица на тоа, меѓународната политика, во моментов, во најголема мера претставува крик по изгубената потенција поткрепен со оружје, додека меѓународната економија е чисто трупање на пари на сметките на оние кои тие пари нема и не можат да ги потрошат ниту за сто животи. А ниту во тој еден, кој штотуку забрзано го трошат.

Затоа и темата на овој број од нашиот порталски магазин – која зборува за учеството на младите во политичкиот живот – може да се промени барем во воведникот. И можеме слободно да разгледаме колку е воопшто потребно постарите да учествуваат во политиката.

Ниту малку? Да, ниту малку.

Ејџизам? Да, секако.

И тоа веројатно недоволен.

* * * * *

Значи, како се управува со планета на која оние што умираат (или оние со страв од смртта транспониран во искомплексирана криза на средните години) одредуваат колку и како ќе се живее? Така што таа планета ќе се подари на управување (а сосема извесно и на исклучиво право на глас) на сите оние кои немаат страв од гроб, од заборав, или од престанок на секаква моќ – од идеолошка до телесна. На сите оние кои ќе направат свет по мерка за годините кои се пред нив, семејствата кои ќе ги создаваат, работните места на кои ќе работат без робување, здравјето кое нема да го трошат на испарувања и таложење на хиперпроизводство и хиперпотрошувачка. Значи, на младите. И единствено ним.

И ако некој помисли дека постарите сепак знаат подобро, само нека ги погледне вестите од деновиве, нека ја разгледа состојбата од Јемен до Украина, нека ги впие размислувањата по социјалните мрежи од прашањето за вакцинација до обликот на земјата. Или нека го измери мразот на поларните капи или нека размисли за ова штотуку минато најтопло лето откога се мери температурата. Доколку и тогаш помисли дека светот околу нас, и покрај сè, не треба да го водат исклучиво оние луѓе кои понатаму ќе живеат во него, тогаш нека најде некој друг, по содржина сосема поинаков и помалку намерно бесен општествен памфлет.

Затоа што овој стигна до својот крај.

За младите во политиката, толку.