Полека поминува веќе втората по ред година, чија главна карактеристика е дека се променил нејзиниот број, но не и чувството дека во нејзиниот тек течело и времето.

 Воја Жанетиќ

Еден ден, историчарите секако ќе можат да утврдат што се случило во текот на претходната и на оваа година, како и во кој правец сето тоа водело и отишло, но нам кои престојуваме во ова Сега – ни се измолкнува каква било поширока слика за исходот. Па сепак:

Некој шегобиец на социјалните мрежи објавил фотографија од полно кафуле и под неа напишал „2019 B.C. Before Corona“. Ознаката Пред Христос (Before Christ; B.C.) која досега ја користевме за да опишеме колку одамна се случило нешто, станува тажен потсетник дека луѓето „одамна, одамна“, онојпат Пред Короната, живееле слободно. А пред сѐ слободно од стравот дека математичката веројатност ќе ги доведе до личен придонес во морбидните графикони за заболени и починати од Заразата. Сите оние кои не можат да ја поднесат оваа математика, ја заменија со малку поинаков логички систем – мора ова да се надвладее со некој систем – чии аксиоми се Заговор, Измама, Привид, Моќ и Профит. Во предворјето на тие два света се наоѓа инјекцијата со вакцина. И слободата, една од ретките преостанати, да се донесе во суштина лесна одлука со што и на кој начин да се бориме.

За времето повторно да почне да тече.

* * * * *

А дека – освен што времето навидум стои – под нас стартувал некаков чуден механизам, еве неколку сликички кои го објаснуваат.

Институцијата која се занимава со бележење на статистиките од Опкружувањето соопшто дека цените на производите во рибарството и во земјоделството од септември минатата година до септември оваа година скокнале за преку 40 отсто. Да поедноставиме, добар дел од она што го јадеме сега е речиси напола поскапо. Би требало да бидеме за отприлика третина помалку гладни, со оглед на тоа дека платите и пензиите не растат. Ќе додадеме сега уште една нула на цифрата од погоре, за да го регистрираме фактот дека најценетата дигитална валута – Биткоин – ја зголемила својата вредност за околу 400 отсто само во текот на изминатата година. Електронско-економските обложувачи ќе бидат четири пати посити. Ако е тоа воопшто возможно.

Потоа: Илон Маск, ѕвездата на нашата хиперпродукциска и потрошувачка култура, одлучи да продаде дел од акциите за малку да го намали количеството на пари кое треба да го издвои за плаќање даноци. Тоа малку уште малку го зголеми, па вкупната сума на продадени акции неделава изнесува околу осум милијарди долари. Во истата таа недела, откриено е дека на градилиштето на една фабрика во Зрењанин работат работници од Виетнам на кои им се одземени пасошите. Значи, робови, најдалеку што е воопшто можно од даночно загрижениот Маск.

А особено во XXI век.

* * * * * * *

И сега вака можеме да ги редиме овие слики до бесвест. А нема потреба. Работата се сведува на тоа дека ова глобално медицинско пореметување со себе довлечка и дополнителни цивилизациски биполарни пореметувања: едните се богатат во електронско-технолошката иднина, а другите се насила вратени во дамнешните времиња на синџири и камшици. И тоа е сосема компатибилно со поделбата на оние кои имаат и користат никогаш подостапни информации и оние на кои Заговорот им го прераскажала сосетката, која за тоа ја известил чичкото на сестрата од најдобриот другар кому колегата од работа му пренел што дознал неговиот познаник  од обложувалница од жената со која чекал во самопослуга. Како своевиден шлаг на овие времиња, се појави потребата од Водачи кои ќе нѐ извлечат од оваа надреалност, а таа потреба битисува паралелно со фактот дека оние кои штотуку нѐ „извлекуваат“ никогаш не биле подалеку од реалноста. И тоа е, накратко, нашето Опкружување.

Спој на Рај и Пекол, кои од некаква причина, по векови разделеност, конечно одлучиле да го продолжат животот во заедница, баш сега и баш овде.

Епа, нека ви е со среќа, младенци. Во опкружувањето и пошироко.