Значи, Денот на вистината е навистина потребен. Итно. И мора да не се шегувам кога го предлагам ова, без оглед што во тек е Денот на шегата.

Воја Жанетиќ

Поттикнат од постојаната потреба да се оневозможи пад во економските активности, а истовремено да се овозможи пад на бројот на новозаразени, Кризниот штаб донесе одлука дека, за разлика од бојадисувачите,

железарниците не можат да бидат отворени за посета на купувачи до крајот на пандемијата, туку својата роба можат да ја продаваат исклучиво преку апликација и преку служби за достава. Причина за оваа разлика во третманот на малопродажните објекти е тоа што вирусот Ковид-19 подолго се задржува на метални површини одошто на бои, лепила и на четки. Кризниот штаб размислува и за издавање на постојана дозвола за работа на оние фризерски, козметички и салони за педикир во кои на клиентите им се приоѓа само одзади.

* * * * * * *

Известените кругови во Брисел тврдат дека во тек е изработка на предлог според кој секоја земја кандидар за пристапување кон ЕУ би имала обврска видно да ги влоши своите дипломатски односи со Русија и со Кина. Во случај влошувањето на односите да ескалира со прекин на дипломатските односи со источните сили, земјите од подрачјето на Западен Балкан ќе бидат префрлени во таканаречениот „брз колосек“ во преговорите со ЕУ, што ќе значи дека нивните поглавја ќе бидат отворани и без читање. Официјални реакции од Москва и од Пекинг на овие гласини сѐ уште нема, но познавачите на ситуацијата очекуваат брутална одмазда во вид на намалување на цената на рускиот гас и на дополнително зголемување на кинеските инвестиции во овој регион. За бесплатни вакцини ќе се размислува само во случај на понатамошна ескалација на притисоците од ЕУ.

* * * * * * *

Може сега вака да се набројува до недоглед, Први април (денот на кој се објавува овој текст) душа дал за шегување од ваков вид. И има само еден таков Ден на шегата во годината, без соодветно општественопрославувачко „огледало“ во вид на, да речеме, Ден на вистината. Таа првоаприлска навреда веројатно настанала по угледот на оној осмомартовски Ден(ски) роднина, кој нема свој антипод во Денот на мажите. И, исто како што во еден ден со букетите не може да се надомести нерамноправноста во останатиот дел од годината, така и со шегите во текот на еден ден не може да се надокнади целата недуховитост која ќе се случи во останатите 364 дена од една година.

А имаше добри шеги на овој датум, секако. Па, омилената би можела да биде објавувањето на рекламата за бургер (а и тоалет хартија, исто така) специјално дизајнирани за левораки. Или, сега веќе легендарната репортажа за бербата на шпагети во италијанското село Тичино, како и веста дека Биг Бен ќе добие дигитален дисплеј. Идејата за добра првоаприлска шега е во нејзиното позиционирање на границата меѓу фантазијата и реалноста, а идејата за нејзината полна успешност се добива со увидот во бројот на нас, будалите, кои сме во состојба да поверуваме во неа. За разлика од вистината, во која веруваме независно од датумот. Ова, всушност, нѐ води кон суштината на ова време во кое се наоѓаме. И кон потребата навистина да се воспостави Ден на вистината.

* * * * * * *

Мина, еве, една година со идејата дека со куп неусогласени разнородни локални мерки може да се совлада глобално зло. Зборуваме, значи, за епидемијата. Но, ако зборуваме за: климатските промени, за драстичната светска нееднаквост, за прокси војните… и така натаму до бесконечност во набројувањето – периодот на упорност во глобалната лудост на оваа цивилизација може да се прошири и на децении. Во однос на кажаното панземско, на умот му е уште понедофатлива големината на локалните списоци на идиотштини рамномерно распоредени по државите низ светот, што е исто така лажно претставено како сериозен образец по кој треба да се водиме и да живееме. Накратко, „Мора да се шегувате“ е реченица која се изговара на секојдневна база, а само на Први април одговорот е – „не“. Денот на вистината, во тој случај, би бил оној ден кога сосема сигурно би знаеле дека никој не се шегува, без разлика колкав апсурд е во прашање.

Значи, Денот на вистината е навистина потребен. Итно. И мора да не се шегувам кога го предлагам ова, без оглед што во тек е Денот на шегата.

Среќен празник, на тие што го слават.