Како прво, би било добро да се знае што (сѐ) е праведно. Како второ, трето и четврто, би било добро да ги имаме оние што ќе носат добри закони, оние што добро ќе ги спроведуваат и оние што добро ќе ги почитуваат.

Меѓутоа, животот носи други решенија.

Воја Жанетиќ

Одвреме навреме доаѓа време кога мораат да се променат термините со кои располагаме. Посебно во ова време на колективен страв од смртта кој, патем, се подели на страв од болест и страв од вакцини против пренесување на болест. А и главно седиме дома, што друго и би правеле.

Значи, времево душа дало малку да се преиспитаме на тема зборовите и изразите што ги користиме во говорот, во расправите, во фантазиите… Па така, ете, и тоа „владеење на правото“. Затоа што со тоа владеење на правото – или правна држава, како и да ја нарекуваме – изгледа дека имаме малку проблеми. Па ајде, во овие малубројни редови што следуваат, да се обидеме да ги разјасниме.

 

* * * * * * *

Постоеја прилики, барем што се однесува до потписникот на овој текст, да сме присутни во многу прилики во кои е изрекувана реченицата „Сѐ според закон, чисто како солза!“. Таа реченица, во етичка смисла, е многу често многу спротивна на онаа наивната „Мора сѐ да биде според законот!“.

Од здраворазумска страна, а со неа повеќето од нас, не-правниците, располагаат како перспектива, би било убаво Сѐ Да Биде Според Закон, а не според нечија лична, или, скраја да е, лукративна одлука. Сепак, од гледна точка на оние што се плашат дека некаква нивна неправедна постапка би можела истовремено да стане и нелегална, тоа „сѐ според закон“ е формулација која има поинакво значење. Таа покрива внимателно усогласување на степенот на неправда со законските дупки, кои законодавецот немарно или намерно ги оставил за да може да се изврши некакво злодело во согласност со параграфите. Од ова произлегува дека не е само важно дали законите ја ограничуваат државата во репресија или поединците во криминал, туку и кој, како и поради што ги носи. Чисто да се потсетиме, своевремено нацистите ги донеле Нирбершките закони, а по повод нивното видување на расната еднаквост; реченицата „сѐ е според законот“ тогаш имала веројатно една од најмонструозните употреби.

Во таа смисла, значи, претпоставката за „владеење на правото“ е „владеење на правите“ или, ајде, „владеење на правните“… Види, го променивме терминот со кој се занимаваме и го заменивме со два нови. Што значи играње со зборови, чудо едно.

 

* * * * * * *

Повторно, лаички гледано – а за подобро не сме ни опремени – некако изгледа дека за овдеразгледуваното владеење се потребни неколку важни работи. Како прво, би било добро да се знае што (сѐ) е праведно. Како второ, трето и четврто, би било добро да ги имаме оние што ќе носат добри закони, оние што добро ќе ги спроведуваат и оние што добро ќе ги почитуваат.

Меѓутоа, животот носи други решенија. За почеток, немаме баш многу време прецизно да размислиме за тоа што е праведно, бидејќи се занимаваме со толкава регистрација на неправедно. Потоа, пишувањето на закони со време стана многу суров роднина на пишувањето историја: оној што победил, или победува, има право да ги испише своите страници со Правила според кои ќе се однесуваат оние што изгубиле. Погодуваме, истата таа манифестација на моќ ги поставува оние и управува со оние што ги спроведуваат Правилата. И на крајот, почитувањето на Правилата претставува некаков вид на последичен однос кој Завојувачот. Оној кој се помирил со состојбата на нештата, поради страв или капитулација, ќе го почитува законот. Оној што не се помирил, гледа каде се гореспоменатите „дупки“. Или не му е грижа за тоа каде е затворот. Или би го кршел законот што самиот го напишал, едноставно, таков тип е. Криминалец универзалис.

Имајќи го сето ова предвид, на правната држава ѝ недостигаат три нешта:

вистинска држава, вистински државници и вистински државјани. Повторно малку си игравме со зборови и повторно добивме добри резултати. Што би се рекло, ако заклучуваме пребрзо или токму колку што ни бара должината на овој текст – пред владеењето на правото би можеле да воспоставиме владеење и на правилни зборови. Да не се збунуваме со непрецизни значења на изрази што сме ги прифатиле можеби најмногу затоа што пречесто ги употребуваме.

Ако зборуваме праведно.