Накратко: сето она што мислиме дека било десно, се мрднало налево, а сето она што било лево, се мрднало надесно.

 Воја Жанетиќ

Сите ја знаеме приказната за тоа како Индијанците (политички коректно – американските староседелци) го добиле името. Што не е причина да не ја повториме уште еднаш.

Значи, Кристофер Колумбо, пристигнувајќи на брегот на Америка, мислел дека успеал да дојде до Индија, каде што и се упатил. Па жителите на местото каде што стасал, наместо во Индија, упорно ги нарекувал „Индиос“, одбивајќи да сфати дека открил нова територија и дека постигнал поголем успех одошто наумил. И каква врска има сега тоа со денешната тема на нашиот портал, која го разгледува прашањето околу левицата и десницата во Опкружувањето? Па, ќе излезе дека има.

* * * * *

Кога некој современ политички Колумбо би се упатил во правец на денешните политички леви и десни Индии, би налетал на нови територии, создадени во сеизмичките потреси кон крајот на XX и првата петтина на XXI век. Па, да речеме, левицата. Истоварувајќи се на брегот на егзотичната новонастаната политичка територија, на левата страна од нашиот идеолошки „глобус“, Колумбо би налетал на некои чудни политички домородци, кои се занимаваат со маргинални прашања, бидејќи немаат преголеми проблеми со капитализмот. Тој, во меѓувреме, станал сосема „cool“. А нема ни работничка класа, оттука тој „coolness“. Имено, работниците се раслоиле на оние кои живеат во Кина, на оние кои не се во Кина, а работат без договор, осигурување и права, и на оние кои преминале во конзервативната средна класа затоа што, на пример, ја надгледуваат работата на роботите. А роботот работи ли работи, го надгледувал ти или не.

Или, да речеме, десницата. Тргнуваш натаму каде што била, а пред тебе се испречува непознат идеолошки континент, населен со ликови кои тешко ги бранат националните права, затоа што нацијата е прописно дополнета со имигранти и заедно со нив се наоѓа во потрага по работа и по подобра плата. Тешко се брани и традицијата, бидејќи таа слабо успева на Тик Ток, а сите се на него. Плус, комунизмот во меѓувреме пропадна, па ни борбата против него нема смисла. Така, нашите десни „Индијанци“ главно се зафатени со закани околу уништувањето на „нашиот начин на живот“, што и да значи тоа. И да, не треба да се заборави дека оваа Нова Десница повторно ќе нè направи големи. Такви, изгледа, сме биле некогаш.

Накратко: сето она што мислиме дека било десно, се мрднало налево, а сето она што било лево, се мрднало надесно. Колумбо копа дупка во Санта Марија и се откажува од понатамошно патување. А штета, бидејќи има уште толку многу за откривање, само ако отпатуваме подалеку, во малку порадикалното лево и десно. А таму живеат, да речеме лево, борците за права на пливачите кои се идентификуваат како пливачки. Или, да речеме десно: борците против тркалезна земја и против чипување со Антихристовиот QR код, кого го „има насекаде“, па логично е дека Антихристот и го оставил таму насекаде.

Бог да чува.

* * * * *

И така некако дојдовме и до ова Опкружување, провинциски расположено да ја следи секоја светска мода, па и политичката. Во овдешната верзија на ова Колумбово идеолошко истражување потребно е да се внесат и помали дополнувања:

Во опкружувањето ќе имаме десница и левица без членови и без гласачи, затоа што сите ќе заминат во Германија и во Шведска.

А гласачи не се ни потребни, затоа што власта би требало да се извлекува со ждрепка. Победникот оди во опозиција, а поразениот нека види што ќе прави наредните четири години без пари, без енергенси и без стока на полиците. Во полуфиналето, исто така со извлекување на добитникот, би можело да се утврди кој е десница, а кој левица. Кој доаѓа на власт само поради власта, а кој е навреден дека сме глупави, па не сме го донеле на власт. Макар што, не мора ни таква лотарија, сеедно е кој што, да простите, ќе извлече.

Затоа што тоа е ист вид среќа.

Да простите, најголема.