Да не се лажеме повеќе: денешната цивилизација е една обична институционализирана, измазнета кражба. Разбојништво, да бидеме попрецизни. Киднапиравме, грабевме, крадевме, земавме без прашање, позајмувавме без враќање, материјално силувавме… дури не е ни лесно да се најдат вистинските зборови за тоа што им го направивме на идните генерации кога се во прашање состојбата на природата, околината, температурата, водата, воздухот. Опкружувањето, нели.

Воја Жанетиќ

Овонеделната тема на „Опкружувања“ бара еден обичен ментален времеплов. Значи, фантазија. Која ќе нѐ одведе не многу години во иднината. И една сцена.

Врз огромно камено подножје се наоѓа енормно голема, како некоја висококатница, пластична ќеса полна со секакво ѓубре. Околу подножјето – кое сосе гореспоменатата ќеса претставува споменик оставен за идните генерации – се турка секаков народ. Некој малку ќе заплаче, некој само ќе воздивне, некој ќе положи венец или цвеќе (пластично, секако), некој доволно бескрупулозен ќе одржи и пригоден говор. Медиумите снимаат и известуваат, ќе се направи и понекое „селфи“. Најпосле, луѓето ќе се разотидат, оставајќи го споменикот да биде виден од секој што ќе наврати. И што ќе прочита што пишува на подножјето. А напишани се два збора, запирка и точка.

„Извинете, деца.“

 

Да не се лажеме повеќе: денешната цивилизација е една обична институционализирана, измазнета кражба. Разбојништво, да бидеме попрецизни. Киднапиравме, грабевме, крадевме, земавме без прашање, позајмувавме без враќање, материјално силувавме… дури не е ни лесно да се најдат вистинските зборови за тоа што им го направивме на идните генерации кога се во прашање состојбата на природата, околината, температурата, водата, воздухот. Опкружувањето, нели.

Арамиите кражбата секогаш ја нарекуваат со некое друго име. Овој арамилак лицемерно е наречен загадување. Начинот на кој се грижиме за сето она здраво и чисто што ќе исчезне расипано е наречен екологија. А станува збор за најобично себично, простачко распродавање на сѐ што би можело да им остане на нашите потомци. Сето она врз чија основа и нивниот живот би бил возможен. Значи, станува збор или за обид или за реализација на убиство на некој што ќе живее во иднината. Совршено злосторство, најпосле успешно изведено.

Она „извинете“ не се однесува само на ѓубрето што го имаме изнафрлано, шумите што ги испосековме, водата што ја загадивме, видовите живи суштества што ги истребивме, мразот што го истопивме. Можеби најголемиот грев на таканаречената екологија лежи во тоа што таа се однесува само на загадувањето на природата. Природата не се загадила сама, на таа тема можат да кажат нешто оние кои одамна го осмислиле училишниот предмет „Запознавање на природата и општеството“. Не можело природата да ја загади некое незагадено општество… Да поедноставиме: може да се случи на идните генерации, на кои сѐ уште не сме ни почнале да им се извинуваме, во пластични ќеси да им ги оставиме и демократијата, образованието, меѓучовечката комуникација, културата, здравството… Сето она што, за време на нашиот конзумеристички, шопохоличарски цивилизациски мандат, исто така отиде на невидлива депонија. Во ќесиште, поголемо.

 

Ова наше „Опкружување“ има полно право да зборува за загадувањето во опкружувањето. Во прашање е регионално опкружување, значи, сиромашно. Имено, споменатата екологија е активност за богатите, а не за оние кои не се такви. Решавањето на прашањата околу загадувањето им доликува на еколошките Јупитери, а не на оние другите субјекти од латинската изрека. Имено, секое уредување им е полесно на оние уредените; ние овде баш и не можеме да се пофалиме дека сме зеле в раце некакви општествени гребла. Дури и да сме зеле, слабо нешто сме изгребале.

Во таа смисла, лесно може да се случи и наводната „Борба за чиста природа“ – без разлика дали станува збор за ќеса на дрво или за сулфур во воздухот – да ја доживее судбината на речиси сѐ што имаме во таканаречениот Регион. Да ја увеземе. Заштитата на природата ќе ја набавуваме исто како во случајот со горе-долу секоја друга заштита и како со горе-долу сѐ што е сложено или бара напредна технологија. Тука треба само уште да се утврди кој е шпедитер, кој претставник, на кому колку ќе му пикнеме во џеб – накратко, кој сѐ ќе се опари со уште една увозна работичка, која наскоро ќе биде и најголемата која некогаш постоела. Како и дали на таа и таква export-import-trange-frange заштита на природата ќе се плаќа царина, кога веќе „зачувувањето на околината“ не е наше. А не е. Наше е само она ќесиште со ѓубе. Сѐ пополно и сѐ поголемо.

Споменичко, од почетокот на овој текст.

Извинете, деца од опкружувањето.