ЛГБТ+ заедницата и поединците во нејзините рамки имаат право да имаат загарантирани права. И никој нема право да им ги ускратува тие права. Од правото на безбедност до правото на собирање, да речеме.

Воја Жанетиќ

Во новиот број на „Опкружување“ ќе разгледаме на кој начин во опкружувањето се почитуваат, штитат и унапредуваат правата на ЛГБТ+ заедницата и на поединците во нејзините рамки.

И на почетокот, во овој воведник, логично е да се констатира дека правата на сите заедници и поединци – легитимни и легални учесници во кој било со закон организиран државен простор – мораат да се почитуваат. Онаа демократска држава што не го прави тоа се негира самата себе. И точка. Овде би можеле и да го завршиме овој воведник. Но, ајде, ред е да напишеме уште нешто.

Еве, да речеме. Приклучувањето кон нешто што е политички и економски организирано – доколку некоја држава се одлучи на таков чекор – подразбира да се почитуваат вредностите и стандардите кои ги има она на што треба да се приклучиме (или на што сме приклучени). Секоја држава, да речеме, која сака да стапи во политичко и економско обединување со денешен Авганистан треба навреме да го намали бројот на столчиња во училиштата, со цел соодветно да се имплементираат стандардите кои се однесуваат на тоа дека децата од женски пол не можат да одат во училиште. Од друга страна, за здружување со Европската Унија такви конкретни вредносни критериуми не се потребни, туку напротив, сите оние кои се по карактер спротивни. Вклучувајќи го и оној дека и ЛГБТ+ заедницата и поединците во нејзините рамки имаат право да имаат загарантирани права. И дека никој нема право да им ги ускратува тие права. Од правото на безбедност до правото на собирање, да речеме.

И овде би можеле да го завршиме овој воведник. Но, ајде, за да нема ништо спорно, да наведеме и дека секое непочитување на гореспоменатата логика зборува или за недостиг на желба за наведеното приклучување или за недостиг на желба за постоење на функционална држава. Или и за едното и за другото.

И ете, сега е напишано онолку колку што на ова за почеток му е реално потребно. Но, ајде сега нешто друго, да не го завршиме воведникот прерано.

* * * * *

Времето, како што е познато, има незгодна навика да тече. Во таа смисла, истече значително количество време откако ова балканско опкружување се сретна со посткомунистичкото изобилство на права на рамноправност. Одамна беше, навистина.

Во меѓувреме, во остатокот од светот, глобализацијата и економскиот либерализам зедоа замав, а потоа почнаа да слабеат; социјалните мрежи се размрежија по интернетот, а покрај нив и сѐ хистерично што оди со нив; очигледните климатски промени (освен загриженост и страв) донесоа миграции; економската нерамноправност се зголеми, врзувајќи со себе современо робовско работење – од милост наречено Прекаријат – како истовремена причина и последица. Во светот, во кој веќе ништо не е исто, и „ништо не е исто“ стана излитена фраза. Се извинуваме поради нејзината употреба.

Таков храбар нов свет, продуктивен и креативен, создаде и го зголеми бројот на малцинства кои, од овие или оние причини, повеќе или помалку оправдано, се чувствуваат загрозени. Дури и некои мнозинства, судејќи по она што може да се види, а и по некои нови списи за нив, се најдоа во ситуација да бараат одбрана на своите права. Сѐ повеќе има борци за разни слободи, а сѐ помалку слободен простор кој објективно може да се даде. Па, потребата за слобода се јавува и онаму каде што претходно не била очекувана: ослободување од вакцинација, од тркалезноста на планетата Земја, од владеењето на луѓето-гуштери. А во тек се и преноси во живо од борбата за слобода од империјалната ограниченост, слобода од планетарната поврзаност, па дури и за слобода од претходно дадените слободи и права.

* * * * *

Изгледа дека сега е време да се завршува воведникот. Но, пред тоа, ред е на овој негов нов, и веројатно последен крај, да се каже и дека ЛГБТ+ заедницата веќе го нема ако главен „сопарник“ само монолитното конзервативно општество или тврдоглавата анахрона држава. Во дваесет и втората година од овој необичен век, гореопишаната хиперпродукција на малцински и слободарски заедници (вистински или лажни) како последица донесе заситеност од „понудата“ на своевидниот „пазар“ за борби за права. И резултатот од сето ова би можел да биде причина за загриженост: зголемена рамнодушност на збунетата цивилизација, глобално и локално. Кога има толку многу за решавање, најдобро е да не се решава ништо. Па ни правата на ЛГБТ+ заедницата.

За која денеска зборуваме.

По крајот на овој воведник.