Примарната општествена функција на едукацијата во време на корона стана индикација за сериозноста на „заклучувањето“, некој вид метро за привидна нормалност. Има училиште, нема епидемија; има епидемија, нема училиште. И така до бесвест. Да беше образованието прекинувач, досега ќе се расипеше од употреба.

Воја Жанетиќ

Ако дозволите, приказната за образованието во пандемија би ја започнале вака:

Историјата на ова време, во своето скратено издание, отприлика гласи: еден вирус некако, некаде и некогаш мутирал, па ги нападнал луѓето; а потоа луѓето, секако, насекаде и сега се промениле, па мутирало општеството. Можеби една од најголемите општествени промени е поделбата на работната и на сите останати цивилизациски сили на:

а) „есенцијална“ – онаа која мора и може да оди на работа во сите епидемиолошки услови;

б) онаа другата, останатата, која може да работи „од дома“ или воопшто да не работи, бидејќи ја изгубила работата.

Сѐ уште нема медицинска студија која посебно се занимава со здравствената состојба или со имунитетот на касиерките, аптекарките или возачите на камиони, на комбија и на градскиот јавен превоз. Ниту, пак, Марвел ќе направи филм во кој, да речеме, „Wonder Woman“ на нашето време веќе нема трико што ѝ ги истакнува градите, ниту штит во рацете, туку работна униформа испрана во илјада води, а во рацете кусур на кој, за некое чудо, не се наоѓа вирусот Ковид-19. Елем, од ова важно цивилизациско-работно достигнување, преоѓаме на образованието.

 

******

Токму на границата меѓу двете новодијагностицирани човечки раси – онаа која од дома оди на работа и онаа на која работата ѝ се всели дома – се наоѓаат „полуесенцијалните“, воспитни и просветни работници. Како некаков резервен состав на војска, тие на команда се враќаат на своите училнички фронтови, кога, во тој момент важечките показатели, велат дека епидемијата стивнува. Истите тие показатели можат да ги остават и дома. Примарната општествена функција на едукацијата во време на корона стана индикација за сериозноста на „заклучувањето“, некој вид метро за привидна нормалност. Има училиште, нема епидемија; има епидемија, нема училиште. И така до бесвест. Да беше образованието прекинувач, досега ќе се расипеше од употреба.

А најверојатно и се има расипано.

 

******

Потоа.

На оваа „има – нема“ училигра додатно великодушно ѝ „помагаат“ електронските средства за комуникација. Училишниот час се прикажува како епизода од телевизиска серија: сега и ликовно и хемија можат да се „бинџаат“. Технолошки поопремените едукатори можат своите часови да ги држат во виртуелни училници, акутно запрашани што сѐ уште, на нивните безбројни екрани, следат нивните ученици или студенти со пословично невклучените камери и микрофони. Ако едукацијата имаше проблем – а имаше – и пред оваа епидемија, а во однос на прашањето како да биде конкурентна на сѐ побезбројните облици на виртуелна и на мобилно достапна забава, сега тој проблем доби гигантски размери. И се претвори во парадокс: како, во епохата на најголема достапност на знаењето, да ги натераш луѓето да дознаат и да научат што и да е?

Дваесет и првиот век на голема врата го воведе зборот „содржина“. Тој означува слики, зборови и идеи на кои сме подготвени да им го подариме нашето време. Исто така, се покажа дека позабавните и побизарните „содржини“ имаат предност над сите останати – човечката раса сака да ја забавуваат. А на списокот за забава, образованието и/или воспитувањето секако го завземаат последното место. Патем, на заморените посетители на училиште рамноземјашката теорија или учењата на QAnon им се помалку здодевни едукациски содржини од географијата или од политичките науки. Така испаѓа дека, во канџите на пандемијата, системот на образование конечно се трансформира во периодично организирано чисто „бејбиситирање“ на помладата генерација која зјапа во мобилниот, додека постарите се обидуваат да не бидат отпуштени од работа.

Со променлив успех.

 

******

И така, наскоро ќе помине учебната година.

Што се научи во пандемиските наизменично функционални училишта? Веројатно малку.

Што, во истото време, научи општеството за образованието и за неговите недостатоци? Уште помалку.

Што научи цивилизацијата за самата себе? Изгледа ништо.

Што може да се заклучи од сето тоа? Па, да речеме, ова: дека образованието за поправка на образованието е можеби најважното нешто што би имало смисла да се учи. За да сфатиме како се врши вакцинација на едукацијата, кога ќе ѝ дојде редот.

Во ова опкружување, заостанато во образованието