Цеца сѐ уште беше Величковиќ, а Вук Драшковиќ опозиција, кога сфатив дека владеењето на правото е нешто како Свет Грал за кој мораш да се бориш, да го бараш и да веруваш дека тој постои, без разлика колку реалноста ти докажува дека си во невозможна мисија.

Зоран Кесиќ

Некои раскажуваат дека го виделе, дека некогаш навистина постоело.

Одредени трагачи по возбуди и авантуристи се колнат дека посетиле некои далечни земји во кои тоа е реално, пореално не може да биде.

Други, пак, одмавнуваат со главата на овие приказни и ги прогласуваат за бајки, суеверие, политика, разонода за масите.

Не зборувам за самовили, вештерки, чудовишта од Лох Нес и други суштества од фантазијата, зборувам, секако, за владеењето на правото.

Во своите речиси четири и пол децении постоење, наместо со владеење на правото, главно сум се среќавал со правото да се владее. И тоа со неограничено право да се владее онака како што на владетелот му одговара во дадениот момент, без никакви стеги, контроли, санкции, или, не дај Боже, институции кои тоа владеење би го контролирале, зауздале и насочиле кон почитување…

На што?

На правото? На уставот? На законот? На етиката? На моралот? На домашното воспитување?

Заедно со митолошкото владеење на правото, и овие поими сѐ почесто, наместо во нашето општество и во нашите секојдневни животи, можат да се најдат во убаво насликаните книги што можеме да им ги читаме на децата пред спиење. (Ова не го мислев сериозно, и не, немојте на децата да им го читате Уставот навечер, ќе го сонуваат Коштуница или нешто уште полошо.)

Со правото на владеење како што сака владетелот се сретнав уште во нежните години на своето младо битие. Цеца сѐ уште беше Величковиќ, а Вук Драшковиќ опозиција, кога сфатив дека владеењето на правото е нешто како Свет Грал за кој мораш да се бориш, да го бараш и да веруваш дека тој постои, без разлика колку реалноста ти докажува дека си во невозможна мисија.

Реалноста во тие мои херојски борби обично се манифестираше во вид на полициски кордон кој се залетува кон тебе, што обично предизвикуваше да заборавам на чесната потрага по владеењето на правото и да го побарам најблиското засолниште.

Моето право да се плашам од цајкани ни тогаш, ни ден-денеска, никој не може да ми го одземе, особено што веќе со децении не ме напушта чувството дека секако сум виновен за нешто и ако ме фатат, ќе го јадам стапот.

Честопати во тие години ми се случуваше да излезам на избори, да му го дадам некому својот глас, а државата тој глас да ми го украде, изеде, изгуби или, едноставно, да исчезне ливчето. Па тогаш излегував на улица да барам владеење на правото, а државната телевизија, уште истата вечер, наместо храбар борец за вистина и за правда, ме нарекуваше предавник, странски платеник, сила на хаосот и безумието, или малку понежно – една рака луѓе.

Сфатив дека јас имам право да гласам, но дека немам право да очекувам дека мојот глас и ќе се брои. Кој ми е виновен кога очигледно сум заокружил погрешен одговор. Никогаш не ми одеа квизови.

Иако немаше владеење на правото, во тие години оние нешто постари од мене имаа право да бидат мобилизирани и испратени во една од војните во кои Србија не учествуваше.

Интересно, откако ќе се вратеа од војна, честопати во мир ги губеа сите права кои некогашните воини би требало да ги имаат.

Сиромашните и гладните граѓани имаа право својата скромна заштеда да ја вложат во една од сензационалните пирамидални банки кои ветуваа високи камати.

Ветувањето испадна ветер и магла, а банките, искористувајќи го правото да го ограбуваат народот, се затворени, баш како и нивните сопственици, нешто подоцна. По промената на власта, очекувавме владеењето на правото во секој момент да пристигне во Србија. Најпосле, ги дочекавме и „Ролингстоунс“, па зошто не и тоа владеење на правото.

За жал, како што и големите бендови понекогаш на гостувања праќаат некоја своја резервна постава да ја сработи „тезгата“, да ги земе парите и да побегне пред незадоволните фанови да сфатат дека се насамарени, така и владеењето на правото ќе ѕирнеше одвреме навреме, но набрзо исчезнуваше, а ние сѐ повеќе и повеќе сфаќавме дека и овие „новите“ нема да нѐ удостојат со привилегијата да живееме во нормална, уредена земја.

И најпосле, во последната фаза од нашето немање на владеење на правото која се случува веќе речиси десет години, стигнавме до трогателната, таканаречена „ретро“ ситуација, за некои позната и како „ги сакам деведесеттите“, во која сум повторно како некогаш одамна предавник, странски платеник, слуга на амбасадите, а понекогаш (најчесто ноќе кога има полна месечина) и сатанист.

Свесен сум дека тој Свет Грал на владеењето на правото веројатно никогаш овде нема да го дофатиме, но доколку помислите дека ова се зборови на дефетист, на депресивец, на човек кој ја изгубил надежта – се лажете.

Борбата е моето средно име.

Колку целта е понедостижна, толку мојата упорност е поголема.

Во заробената држава тлее пламенот на слободата.

Тој пламен е во овие гради.

Излегувам на улица и одлучно барам моментално воспоставување на владеењето на правото.

Или тоа, или правам тотален хаос.

Упс, ене полиција!

Сепак заминувам дома да го завршам овој текст, а и малку е свежичко оваа мартовска вечер.