Би било згодно да наведам сега случај и кога јас сум спасил некое дете од напад на разјарен чопор кучиња… но овај… јас не сум спасил ничија нога.

Зоран Кесиќ

 На овој свет постои Ром кој го добил името по мојот татко.

Постар е од мене само една година и живее во барака на почетокот од слепата улица која ми е центар на социјалниот, културниот и спортскиот живот, а во улицата живее и симпатијата.

Годината е 1986.

Имам 10 години, а тој 11, и заедно со уште десетина деца од соседството ги извршуваме следниве активности:

  • играме фудбал на мали голчиња во слепата уличка
  • собираме полжави на полјаната покрај мојата зграда, не знам зошто, тој секогаш ги носеше некаде
  • ги лижеме врвовите од фишеците за да бидат подобро залепени, па со самото тоа поефикасно да го збрцаме противникот низ дувалката
  • одиме во соседното маало каде што живеат деца кои ни се непријатели и во врелите летни вечери им уфрламе јајца низ отворените прозорци и бегаме
  • одиме во најблиското кино (Авала) и го гледаме Ајкула, па потоа на овие што не биле, восхитено им ги прераскажуваме крвавите моменти
  • се менуваме со стрипови, давам два Капетана Мики за еден Загор
  • играме тапкање и џамлии во паркчето кај крајната станица на тролејбусот број 22
  • ги заобиколуваме навечер урнатините во кои се собира глутница кучиња скитници, а постарите деца раскажуваат дека на една жена ѝ ја изеле ногата.

Една вечер кутрињата ме нападнаа. Како и зошто се затекнав таму сам, немам поим.

Се сеќавам дека имав фудбалска топка во раце, која никако не сакав да ја испуштам, и неколку грди, страшни и лути кучиња кои многу силно лаат и ме опколуваат. Еден е веќе кај мојата нога и се обидува да ме гризне. Од мракот наидува мојот другар Ром кој го добил името по татко ми и фрла камења на кутрињата, мавта со рацете и се залетува накај нив.

Песовите се штрекнуваат. И понатаму лаат, но се повлекуваат. Охрабрен, почнувам и самиот да викам и да се движам кон нив. Јас се заканувам на српски, другарот на ромски јазик. Неговите закани звучат поопасно и поконкретно.

Песовите заминуваат. Жената на која песовите ѝ ја изеле ногата ја немала таа среќа да наиде мојот другар Ром кој го добил името по мојот татко.

Значи, Ромите, заклучуваме, им ги спасуваат нозете не луѓето и умеат да избркаат кучиња скитници.

Сега ќе заклучиме и дека Ромите крадат.

Мајка ми работеше во ЈАТ и патуваше на обуки во разни земји во странство.

Од Швајцарија мене и на постариот брат ни донесе два транзистор во облик на бубамара.

Никој никогаш во мојот универзум немал транзистор во облик на бубамара, дури ни оние од соседното маало, а еве јас сега го поседувам.

А тогаш, по една посета на мојот другар Ром кој го добил името по татко ми, го изгубив.

Се менувавме со сликички во мојата соба, тој си замина, а бубамарата некаде се затури и никаде не можевме да ја пронајдеме.

Отпосле дознавам дека мојот татко нешто поразговарал со својот најдобар другар од детството – таткото на мојот другар Ром кој го добил името по татко ми, по што мојот другар дојде повторно во мојата детска соба за уште да се менуваме со сликички.

Бидејќи слушнал дека некаде сум го изгубил транзисторот во облик на бубамара, другарот ме праша дали можеби сум погледнал под креветот. Иако бев погледнал под сите кревети, ормани, троседи и го бев превртел целиот стан без успех, мојата бубамара, за чудо, по таа сугестија од мојот другар, чудесно се појави токму под креветот.

Го умеат тоа транзисторите-бубамари, да одлетаат некаде, па да се вратат.

Да се пофалам, и јас сум крадел играчки.

Кога ќе одевме во посета кај некои мамини или татини пријатели кои исто така имаат деца, го чекав првиот момент кога мојот мал домаќин нема да биде во собата за да „здиплам“ пар џамлии, некој војник или што било друго што може да се пикне в џеб.

Набрзо потоа, украдените играчки ќе исчезнеа од моето скривалиште на здиплени нешта, а нашите посети кај тие пријатели драстично ќе се проретчеа. Се сомневам во родителите, дека тие ми ги краделе играчките што сум ги украл и дека им ги враќале на сопствениците.

Од ова заклучуваме дека не-Ромите крадат.

Би било згодно да наведам сега случај и кога јас сум спасил некое дете од напад на разјарен чопор кучиња, па да изведам убава паралела и заклучок, сѐ фино да се заокружи – дека сме исти луѓе со свои доблести и мани, без оглед на бојата на кожата, но овај… јас не сум спасил ничија нога.

Им се извинувам на читателите, не умеам да пишувам за расизмот кон Ромите, бидејќи сум слушнал дека постои такво нешто, но просто не го сфаќам тоа. Како што сум слушнал дека постои и квантна физика, но не ме прашувај да ти објаснам за што се работи.

Само од лично искуство можам да наведам што сѐ Ромите умеат да прават:

  • да те научат да броиш на ромски. Вака: јек, дуј, трин, штар.
  • гостувањето во емисија да ти го условат со тоа вечерта пред снимањето да те одведат во кафеана во Стара Пазова каде што свират најдобрите ромски тамбураши на светот, „па кога заедно ќе се напиеме, ќе го доживееме и ќе го преживееме тоа, тогаш сметај дека сме се запознале“.
  • да се расплачат кога ќе ги прашаш како почнале да се занимаваат со гулабарство и како било некогаш, бидејќи секогаш се расплакуваат на минатото, другарството, љубовта и гулабите, особено овие кои на синовите им даваат имиња според своите најдобри другари од детството
  • да можат да те погодат директно во око со фишек од дувалка од далечина од 20 метри, но нема да го сторат тоа затоа што сте од иста улица, маало и племе
  • да ти ја спасат ногата да не ти ја лапнат кутриња
  • и да ти пронајдат исчезнат транзистор-бубамара.