Да нѐ има повеќе и клинците да ни растат тука, во земја која има добри и драги соседи, кои исто така своите лажни патриоти ги пратиле во некоја Тунгузија, тоа е мојот сон.

Зоран Кесиќ

Веќе со децении се обидуваат да ми ги згадат Србија, знамето и химната. Во мое име правеа гадости, а фактот дека тоа „го правеле и други“ ништо не менува.

Исчисти прво во својот двор!

Го присвоија правото да се нагрнат со нашиот барјак, нивните одвратни влакнести газови да ги замотаат во тробојката, па дури и кога, така замотани, почнуваат да серат и да мочаат по знамето, за набљудувачите од страна тоа е слика на голем патриот кој ги обожава своите национални симболи, а не на кретен кој всушност сере по нив.

Ми ја украдоа и кирилицата.

Гадости на кирилица, лаги на кирилица, површност, неукост, баналност и неписменост, сѐ на кирилица.

Им одговараш на латиница – предавник си.

Им одговараш писмено, почитувајќи ги правилата на граматиката и со љубов кон јазикот што го зборуваш, а притоа укажувајќи благонаклонето на бруталните правописни грешки, недостојни дури и за ученик од трето одделение, ако си одговорил на латиница – предавник си, плус вообразен, и што се замислуваш дека си, некаков Андриќ?

Исто така, предавник си и во следниве случаи:

– ги критикуваш нашите злосторници („не се злосторници, туку херои“)

– ги критикуваш нашите претставници на власта („какви се такви се, наши се, а не сум забележал баш дека Хрватите и Бошњаците така ги критикуваат нивните“)

– ги критикуваш изјавите на црковните великодостојници („предавник / сатанист“)

– се вакцинираш („предавник / се продал на Вучиќ / сатанист“)

– си викнал во емисија гостин кој не е Србин („ја продаде верата за вечера“)

– не ги мразиш сите Хрвати и Албанци туто комплето, туку селективно, само хрватските и албанските гадови кои тоа го заслужиле („оди таму кога толку ти се допаѓаат“)

– немаш ништо против ЛГБТ популацијата („те платил Сорош така да зборуваш, инаку интимно сигурно и ти мразиш педери, ама хонорарно демек не ти пречат“)

– не мислиш дека твојот народ е безгрешен и не мислиш дека сите останати се голи гомна („автошовинист, жали Боже што и овакви се нарекуваат Срби“)

Србија и српството стана алиби за битанги. Отприлика, да тргнеш да ограбуваш банка, ако фантомката ти е во боите на знамето, чичко полицаец никако не би смеел да те запре, бидејќи ризикува да биде растргнат во јавноста како предавник.

Или имаш намера да убиеш противник од друг криминално / навивачко / дилерски клан, па во телефонска снимка го храбриш колегата / братот: „Бог е брате на наша страна, брате. Запаливме брате свеќа во Црква брате, нема брате шанси ова да не ни успее брате.“ (Парафразирам и претерувам, но лично слушнав едвај нешто поблага снимка).

Ако забележиш дека на Бог и на Црквата најчесто се повикуваат оние што се најоддалечени и од Црквата и од Бог – „еве овој пак плука по светците“.

А убавата наша Црква никогаш не се оградува од злосторниците кои се повикуваат на неа. Не ѝ се одвратни тетоважите на манастири на грбовите и светци на бицепсите на некои опасни батиња, не го гледа добриот поп златниот крст на ретровизорот на скапата машина платена со крвави пари и воопшто не пречи што децата се лечат со смс пораки, а Црквата е ослободена од плаќање данок.

Предавник си и ако потсетиш на тој факт.

Значи, и верата се обидуваат да ми ја згадат.

Ексклузивно право да бидат големи патриоти, големи верници и големи Срби имаат најодвратните и најлажливите меѓу нас – да речеме, уредниците на таблоиди. Така, со весник за Велигден добиваш и налепници за јајца – малку Тесла, Пупин, Вук Караџиќ, малку цар Душан, кнез Лазар, Караѓорѓе, па малку Вучиќ и Дачиќ, па патријарх Павле и Путин, па Милош Обилиќ и доктор Несторовиќ… За слава во таблоидите задолжително се закачува сликичка од светецот, а тоа што светецот немарно допира разгаќена, цицлеста учесничка во реалити шоу на насловната страница – никој тоа нема да го прогласи за бласфемија, антисрпство, предавништво и сатанизам.

Рекордерите во број на лажни вести на насловните страници, значи докажани лажговци, се најголеми Срби и се најблизу до Бога (и до цицки).

Но затоа, јас кој со моите клинци често и со задоволство знам да поседам во Црква и да им објаснам кој е кој тука (не, не е Дедо Мраз), зошто сите тивко зборуваме (можеби Бог спие) и зошто треба да се прекрстиме кога влегуваме и излегуваме (куќен ред), сум мразител на Црквата.

И онаа жена што ни се смешка благонаклонето, бидејќи ѝ е мило што гледа и малечки во Црква, и тивко ми зборува „секоја чест“, и таа е будала и продадена душа. И тоа што рачно пишувам и се потпишувам исклучиво на кирилица и што го обожавам својот јазик, па ми е гнасно кога ќе видам неписменост, не го менува фактот дека ако полуписмен мамлаз се наметне со знамето, станува патриот, а јас останувам странски платеник.

Епа ќе ви го одземеме знамето, лажговци!

Го валкате со својот неморал, со својата глупост и расипаност.

Премногу ни е убаво знамето за да ви го препуштиме вам.

Не знам точно како, но и кирилицата ви ја одземаме.

Премногу е скапоцена и совршена за да ја акаат некои кои не умеат да ја пишуваат.

Србија исто така ќе ви биде трајно одземена, а на располагање ќе ви биде да се гордеете со Тунгузија, да речеме, и тоа само додека не ја извалкате и Тунгузија.

За мене патриотизмот е обид, макар и залуден, да ја поправиш својата земја во толкава мера за и твоите деца еден ден да посакаат да останат во неа, а ако тоа го посакаат твоите деца – ќе го посакаат и многу други.

Да нѐ има повеќе и клинците да ни растат тука, во земја која има добри и драги соседи, кои исто така своите лажни патриоти ги пратиле во некоја Тунгузија, тоа е мојот сон.

И да ми се врати моето знаме!