Успешен претприемач во ова Опкружување е чудо над чудата. Еве, да речеме, тој живее во пост-социјалистичка транзициска култура која ги создала изразите „се снашол“ и „што му е гајле“, а кои претставуваат вербализиран восхит за „лесни пари“.

Воја Жанетиќ

Можеби најстариот виц во модерниот свет е оној за тоа како Рокфелер го заработил своето богатство. А вицот вели: купил едно јаболко, го изгланцал и го продал поскапо така изгланцано. Потоа истото го сторил со две, три, четири јаболки… Јаболките се множеле, сѐ додека еден ден не починал постариот Рокфелер и на овој помладиот, што гланцал јаболка, не му оставил огромна сума пари.

Претприемачите, со кои се занимаваме денеска, се всушност Рокфелери во основање, но со амандман дека немаат богат предок кој, преку тестамент, ги изразува емоциите кон помладите поколенија. Во еден момент, ако преку реалното претприемништво некогаш се соберат доволно пари, претприемачите стануваат и капиталисти. Но, тогаш економската романтика станува суров бизнис, со кој овде нема да се занимаваме. Па ќе се вратиме на темата.

Значи, претприемач. Парична бајка која понекогаш и се остварува.

Чудо едно.

* * * * * * *

Причината зошто потписникот на овие редови никогаш не ја сметал економијата баш сосема за наука е затоа што, во еден свој аспект, таа се однесува на непредвидливото, ирационалното. Да не е така, на Економскиот факултет ќе постоеше катедра за богатење, а на мастер и на докторски студии би можеле да се научат и побрзи и најбрзи методи за доаѓање до големи пари. И така, докторите на економски науки би биле истовремено и најбогатите луѓе на светот, а не Елон Маск, кој – кога ќе посвои куче – со тоа предизвикува толку бурна реакција на своите фанатични следбеници, што на берзите на криптовалути скокнува оној, и онака бесмислен, Догкоин. Тоа значи дека за економски успех нема ниту рецепт, ниту метод, туку нешто друго. Има претприемништво, секако, но и тоа се состои од сто чуда.

Претприемачите се луѓе на кои, пред сè, им требаат три среќи. Првата среќа се однесува на тоа дека треба да ја имате вистинската идеја во вистинско време, втората дека треба да се родите со талент да смислите идеја и енергија да ја „истуркате“. Третата среќа е најголема, а тоа е да не се премногу оние кои би го презеле вашиот бизнис кога тој ќе стане профитабилен. Или кои би зеле некој дел од него. Тие што не бараат ништо од вас се нарекуваат конкуренција, а оние што бараат многу од вас се нарекуваат рекетари. На листата на оние кои исто така ја отежнуваат работата, ќе ја додадеме и државата, олицетворена преку даноците и придонесите, како и банките, олицетворени преку мали букви и големи камати и провизии. Во таа смисла, успешен претприемач е олицетворение на чудо. Пред што било друго.

А успешен претприемач во ова Опкружување е чудо над чудата. Еве, да речеме, тој живее во пост-социјалистичка транзициска култура која ги создала изразите „се снашол“ и „што му е гајле“, а кои претставуваат вербализиран восхит за „лесни пари“. Во која се заработуваат парите на Рокфелер, но притоа доаѓањето до тие пари да не подразбира баш дека мора некој да умре. Или барем никој од семејно блиските.

Во тоа и такво Опкружување, претприемачот е друштвена аномалија која би сакала со работа, што сопствена, што на оние кои ги вработува, да дојде до она до што секој нормален во Опкружувањето доаѓа со „снаоѓање“. А претприемачот и се грижи, што е додатно недопустиво. Дури и донекаде загрижувачко.

* * * * * * *

Економскиот феномен на претприемништво на овие простори, а за кој треба да имате среќа на ниво на чудо, се темели на особина на претприемачот која, сама по себе, претставува уште поголемо чудо. Имено, претприемачот презема. Презема што било, па дури и нешто конкретно. А тоа во Опкружувањето – каде што ретко кој (читај: никој) не презема ништо по повод исчезнувањето на државата, на правото, на безбедноста, на парите, на здравјето и, последователно, на разумот, ма, на сѐ – е реткост на која ѝ нема рамна. Претприемачите и претприемачките се повеќе од самите себе, а тоа не го ни знаат: тие се Преземачи. Вид чие преживување самото по себе е најголемо чудо од сите чуда за кои читавте денеска. И на кој, еве, и понатаму се чудиме, а притоа – со најголема почит.

Чудно, зар не?