Поедноставено речено, ние во ќесата за ѓубре не фрламе отпад, туку денови од животите на нашите внуци и правнуци. Така гледано, ѓубре не е она што е фрлено, туку она што го направило.

Воја Жанетиќ

Од минатиот воведник, објавен на ова исто место, минаа 14 дена. За тоа време, ако можеме да се потпреме на веб-страната www.worldcounts.com и на малку математика, светот станал побогат за околу 81 милион тони ѓубре. Но, да ја оставиме планетата и глобалната ситуација, да го анализираме личниот придонес. Па да речеме: за време на подготовките за пишување на овој текст, авторот, како и обично, ја дополни содржината на кантата за ѓубре со извесно количество отпадоци. Не е културно да се претура низ отпадот, па дури ни низ сопствениот, но којзнае кога повторно ќе ни се даде можност за ваков вид раскажување.

Значи, содржината на кантата за ѓубре, настаната во гореопишаниот временски период: догорчиња и пепел од еден полупразен пепелник; шишето во кој се наоѓаше јогуртот испиен во текот на два дена; книжна ќеса од пекарата, обвивка од топено сирење, пластична капсула од апаратот за еспресо, парче фолија кое беше замотана чоколада, потврда од банкоматот; несфатливо количество хартија од фискалните каси од продавници и од трафики; ќеса во која беше спакувано овошје од самопослугата; кора од банана; пластично шише од потрошен гел за туширање; хартија од принтерот со текстот од вчера, кој имаше грешка. Сигурно имаше уште нешто на дното, ама ме мрзеше да копам.

Вашиот воведничар е фабрика за ѓубре…

* * * * *

Вечно трагајќи по модалитетите на совршена егзистенција, Хомо Сапиенсот, по религијата и идеологијата – кои нуделе рај на Небото или на Земјата – се решил за собирање на рајски предмети во корпи за пазарење. Козумеризмот, доминантниот општествен систем на сите континенти освен, донекаде, во Африка, е стап со два краја кој немилосрдно удира по планетата. На едниот крај се наоѓаме ние кои купуваме како ненормални, а на другиот оние кои таа посакувана ненормалност ја креираат со своето хипер-производство. Планетата на која се наоѓаме е извор на енергија и на суровини за производство, а финалниот производ е ѓубрето настанато со потрошувачката. Меѓу тие две дестинации се наоѓаат милијарди човечки суштества кои, и покрај многу едноставниот процес кој е во тек, и понатаму бараат некоја друга, повисока смисла на своето постоење. А ја нема, исчезнала. Да ја наполниме кантата и да ја однесеме до контејнер, за тоа, всушност, и сме се родиле.

За да може ова тврдење за новонастанатата корисност на нашиот вид уште подобро да се докаже, да обрнеме внимание на појавата на отпад и онаму каде што тој не се очекува, па и не се ни гледа: лажните вести се, всушност, информативно жубре, сѐ попопуларните хибридни политички режими се демократија на пат за контејнерот, пропагандата е политика која се расипала и повеќе не може ниту да се рециклира. Пред да се фрли концептот рок или филмска ѕвезда во канта за ѓубре, преодниот облик се вика инфлуенсер, рамноземјашите и интернет надримедицинарите се суштества од депонијата на науката. Случувањата во Украина се, всушност, Првата светска војна која застојала и смрди од ѓубриштето на историјата. Отпад на сите страни. Со кој не знаеме што да правиме.

* * * * *

Сега има речиси осум милијарди луѓе. осум пати повеќе одошто се проценува дека ги имало пред само два века. Освен тоа, сега во просек се живее отприлика два пати подолго одошто во тоа време, а тешко дека може да се пресмета колку многу пати повеќе се трошат ресурси за еден дишечки припадник на човековиот род. За да има помалку отпад во ваква состојба на нашата размноженост, или барем да го има повеќе за преработка, не е доволна само свеста за загаденоста на Земјата и љубовта кон природата која се разгорува во нашите станови во солитерите. Потребно е искрено локално признание дека овој свет не сме го наследиле за да го оставиме на депонија, покажувајќи им го притоа на идните генерации долгиот среден прст на конзумеризмот. Поедноставено речено, ние во ќесата за ѓубре не фрламе отпад, туку денови од животите на нашите внуци и правнуци. Така гледано, ѓубре не е она што е фрлено, туку она што го направило.

Среќно рециклирање, цивилизацијо.