Многу видови исчезнале затоа што веќе немале свое опкружување; поучени од тоа, би можеле да се обидеме да го зачуваме ова наше опкружување. А еден од најдобрите начини за тоа е да дознаеме што е можно повеќе за опкружувањето.

 Воја Жанетиќ

Некое време ќе има пауза во опкружувањето. Пардон, во ова „Опкружување“. Претходната реченица ќе има поразбирлива и помалку загрижувачка смисла ако објасниме дека станува збор за тоа дека целиот овој наш портал одредено кратко време нема да објавува нови текстови.

А да се прашува авторот на овој текст, не само што не би имало пауза, туку новото издание на Опкружување би излегувало секој ден. Бидејќи, отприлика, толку често треба да се информираме што се случува во опкружувањето. А во наредните редови ќе се обидам да објаснам и зошто.

* * * * *

„Опкружување“ е еден исклучителен збор.

Тој не ја подразбира територијата на која се наоѓаме, не бара омеѓување со граници, нации, водачи, нема никаква обврска кон дневните случувања и нивните актери. Опкружувањето не се однесува строго на условите кои се диктирани од преговори и договори: политиката може, но и не мора да влијае врз нашето опкружување, бидејќи нашето опкружување, ако така одлучиме, може да биде лишено од допир со минливото. Условите во нашето опкружување се нешто врз што можеме да влијаеме, ако знаеме како. Или да го оставиме исто, ако ни се допаѓа.

Опкружувањето го сочинуваат пријателите кои ги познаваме, луѓето кои ги среќаваме, метеоролошките услови во кои живееме, пределите кои ги посетуваме, местата на кои можеме да бидеме, она што го читаме, го гледаме и го слушаме, јадењата кои ги јадеме и пијалоците кои ги пиеме. Човек има слобода да го избира своето опкружување, ако не му се допаѓа, може да го промени. А ако не му одговара сосема, може и да го подобри.

Во нешто поширока смисла, опкружувањето е и она што можеме да го делиме. А ако не сме си едни на други во опкружувањето, можеме да размениме искуства: кому какво му е опкружувањето; што, кај кого и на кој начин се подобрило во опкружувањето, но и што и зошто кај кого се влошило, па опкружувањето веќе не е исто. Кој што направил за своето опкружување и на кој начин опкружувањето му се оддолжило по тој повод. Ако сакаме опкружувањето нешто да направи за нас, мораме и ние нешто да направиме за опкружувањето. Покојниот Џон Кенеди на такво нешто и мислел, само погрешил што ја употребил земјата како субјект за размислување околу делувањето. Па се заврши како што се заврши.

* * * * *

А ние за своето опкружување, всушност, малку знаеме. Во тоа ни пречат дневните вести од политиката, „лајн“-овите на социјалните мрежи, сериите за „бинџување“ и спектаклите за директно гледачко учество. Сѐ и сешто се труди да го сврти вниманието кон себе, лажно претставувајќи се како наше природно опкружување, одземајќи ни го времето, парите и на стрес ненавикнатото здравје. И, што е најважно, одземајќи нѐ нас од нашето вистинско опкружување. Неважното се прогласува за важно, невлијателното за влијателно, глупавото за паметно. Сѐ што може да биде впрегнато во тоа да го прекинеме допирот со реалноста, својски се труди да ја исполни својата задача. Нашето опкружување е нашата единствена реалност. На која се посветуваме нереално малку.

Од сите овие причини, опкружувањето бара свој секојдневен информативен медиум. Во кој луѓето ќе разменуваат мисли за своето опкружување, за начините кои помагаат опкружувањето да се зачува и да се подобри, за патиштата по кои окружувањето треба да се упати, за некако да опстане во иднина. Многу видови исчезнале затоа што веќе немале свое опкружување; поучени од тоа, би можеле да се обидеме да го зачуваме ова наше опкружување. А еден од најдобрите начини за тоа е да дознаеме што е можно повеќе за опкружувањето.

Значи, поради опкружувањето, ова наше „Опкружување не би требало да престане да работи. Баш напротив.

* * * * *

И за крај: не само што сечие опкружување е загрозено, туку и ова конкретно „Опкружување“ е на мета на нечии насочени хакерски напади. Нашиот сајт веќе со денови им пречи на некои на кои не им е по волја опкружувањето во општа, а и „Опкружување“ во оваа поединечна интернетска смисла. Тоа зборува подобро од што и да е друго дека „Опкружување“, поради опкружувањето за сите нас, и тоа како има смисла.

Благодарам на читањето, се читаме повторно.