Значи, возењето напред низ историјата продолжува, само одредени делници се возат во рикверц.

И ги има сѐ повеќе.

Воја Жанетиќ

За нештата во светското опкужување на тема укинувањето на правото на абортус да бидат појасни, ќе навратиме накратко до Сомалија, по еден сосема друг повод.

Кон крајот на септември 2020 година, сомалиското Радио Далсан објави вест која како да стигнала од далечната историја: во гратчето Џилиб (Jilib) стрелан е Ахмед Кусејн Хасан (Ahmed Kusane Hassan), кој пред воениот суд на милитантната терористичка организација Ал Шабаб (Al-Shabaab) – „признал“ дека се занимава со вештерство. Ова, во рамките на само една деценија, беше четврто јавно, со судска пресуда, отстранување на вештери и вештици. На планетата Земја, во 21. век.

Новото доба во кое живееме се врати на „традициите“ за кои мислевме дека прекинале: Барбара Здунк, Полјачка од Пруска, беше обвинета за вештерство и осудена на смрт со горење на клада во далечната 1811 година. Значи, возењето напред низ историјата продолжува, само одредени делници се возат во рикверц.

И ги има сѐ повеќе.

* * * * * * *

А сега малку фантазирање.

Во главниот град на една од земјите од регионалното опкружување, пред некој ден се одржани демонстрации на кои се бараше укинување на мобилните телефони и изградба на голем број телефонски говорници. Овие две мерки здружено би овозможиле оптимално поприродно продолжување на комуникацијата на далечина за оние кои се наоѓаат далеку од дома или од работните места. Оние порадикалните меѓу собраните граѓани бараа и враќање на телефонските централи со оператори кои ги спојуваат соговорниците рачно, бидејќи со тоа постапката на воспоставување врска ќе биде уште поусогласена со религиските списи во кои мобилните (додуша и останатите) телефони – ги нема. It’s complicated, што би рекол „Фејсбук“ статусот.

Ова, секако, се нема случено. Меѓу другото, и затоа што укинувањето на мобилните телефони би ги оневозможило учесниците на собирот против правото на абортус во нашето опкружување – кој навистина се случи на 15 мај дваесет и втора година од дваесет и првиот век – да штракнат по некое селфи. За спомен од протестот против нешто што, како и мобилната телефонија, можеби може да се смета за историски прогрес. Од собирот никој не си отиде дома со возило на парен погон, ниту со коњска запрега; вестите за протестот не ги пренесуваше барабанџија, туку се појавија на медиуми кои, како да е дело на ѓаволот, и произведуваат и дистрибуираат содржини со помош на некаква електрична енергија. И тоа по земјината топка, која тврдоглаво одбива повторно да стане рамна плоча. Како што си била, во оние убави времиња кога абортусот не постоел. За вакцинацијата и да не зборуваме.

Значи, историската технолошка и комуникациска модерност, изненадувачки, со себе донесоа мода на враќање и разгледување на дилемите кои до вчера се сметаа за немодерни и надминати. Во истиот пакет со повторното разгледување на правото на абортус се појавуваат и разгледувањата на правото на земјите на империјален статус; или правото на укинување на секуларноста на државата; правата на капиталистите на неплатена експлоатација на работната снага и неоданочување на профитот; правото на олигархиите на укинување на слободата на говор и на мислење. Можеби овој простор се населува и затоа што борците за „традиционални“ права се преселија на борба на некои нови права, веројатно живеејќи во убедување дека со новите слободи додатно ги зацврстуваат оние старите. Така, да речеме, со борбата за право на спортско натпреварување за трансродови пливачи додатно се поттикнува рамноправноста во, да речеме, надоместокот за работа меѓу машката и женската работна сила. А изгледа дека тоа баш и не може, и дека тоа не е баш така.

Бидејќи, да повториме, It’s complicated.

* * * * * * *

Внимателниот читател ќе забележи дека ова е текст за правото на абортус и за сѐ што се случува во врска со тоа право во последно време, а во кој самото право на абортус речиси и не се споменува и не се поддржува со аргументи. Во тоа име, треба да напоменеме дека истата методологија ќе се користи и кога ќе се пишува текст за иницијативите за легализација на робовската работа, враќање на феудалното управување на земјоделските поседи, насилна верска и национална конверзија, како и употребата на исклучиво еднонасочна струја. Кога и да се појават во нашето идно минато.

А тоа ќе биде наскоро, по сѐ изгледа.