Граѓанскиот активизам – во најголема можна мера и кај најголем можен број луѓе – ќе се сведе на понекој гневен „пост“, како и на „лајкување“ и „шерување“ на некои општествено корисни активности што ги извеле некои други, ретки и невообичаени луѓе.

Воја Жанетиќ

 Приказната за состојбата на граѓанскиот активизам ќе ја започнеме со разгледување на состојбата на нашите граѓански способности и времето што го имаме на располагање за активизам во принцип. И однапред да предупредам, за самиот активизам ќе стане збор дури некаде пред самиот крај. Трпение, молам.

* * * * * * *

А приказната започнува со велосипед. На велосипедот се наоѓа курир од службата за достава, кој наскоро ќе заѕвони на нашата врата и ќе донесе ќеса со храна подготвена онаму каде што не сме отишле да јадеме. Содржината на ќесата ќе заврши во нашата чинија, онаму каде што некогаш завршуваа оброци кои самите си ги готвевме. Нашата активност се сведе на користење апликации за достава во телефонот. Платено со картичка, да не се мачиме.

Можеби би можеле да одиме во кино? Ама кој да се заморува со излегување, ете го има филмот или серијата на интернет, двата можат да се изгледаат на големиот екран од домашниот телевизор и да се платат, повторно, со помош на некоја апликација.

Кому не му се гледа филм, може да прочита и некоја нова книга, но не мора да излегува до библиотека или до книжарница, затоа што постои апликација и за купување и читање книги. Ако сето наведено ви е здодевно и ве заморува, секогаш можете да си „куцкате“ со пријателите, евентуално предвид доаѓа и видео повик, кој сега да се облекува и да излегува, има апликација. А и што да облечеме кога уште не стасала испораката од онлајн-шопингот, која ја нарачавме, нели, преку апликација.

* * * * * * *

Иако крајно ги мразам речениците кои во себе го содржат изразот „…живееме во времиња што…“, мораме да забележиме дека живееме во времиња што од нас не бараат ништо активно. Мешавината од конзумеризам, хиперпродукција и информатичка и индустриска револуција – и сето тоа дополнително потпомогнато од пандемијата – од нас бара да работиме брзо за да заработиме, а потоа уште побрзо да го потрошиме заработеното. Кој не може доволно да троши, ќе мора многу повеќе да работи, може и од дома. А ако сепак нема пари за купување, некој гениј смислил „хеликоптерски пари“, загарантиран доход кој служи да се купува и кога нема работа и плати. И сето ова е потребно за оние кои создаваат сѐ на што ние ги трошиме парите да имаат работа, да заработат и потоа да потрошат сѐ што имаат. И така во круг.

Она малку слободно време што му останува на поединечниот учесник во оваа економска невроза ќе оди на пораки, повици, лутање низ социјалните мрежи и сите останати волшепства кои ги овозможуваат современите телекомуникации. Граѓанскиот активизам – во најголема можна мера и кај најголем можен број луѓе – ќе се сведе на понекој гневен „пост“, како и на „лајкување“ и „шерување“ на некои општествено корисни активности што ги извеле некои други, ретки и невообичаени луѓе. Бидејќи за што било друго – нема кога. Добро, може некое „селфи“.

* * * * * * *

За самиот почеток на самиот крај од приказната за активизмост да констатираме дека не е измислена некаква „активист.ком“ платформа. Со нејзина помош граѓанскиот активизам би станал некој вид граѓански доставизам: ќе нарачаме колку часа некој нарачано општествено свесен курир наместо нас ќе учествува во некое општествено добро; или ќе протестира, со нарачка што треба да скандира и каков плакат треба да носи. Но, вакво решение, засега, сѐ уште нема.

Значи, наместо непостоечката активистичка достава, по некое неверојатно чудо и понатаму постојат разбирливо малубројни луѓе, кои со чудесен напор се опираат пред мамките на модерното општество и наоѓаат време, енергија и волја да се борат за општото добро. За нашето добро, да бидеме попрецизни. И уште, останаа сосема малку деново, месеци и години за и ние останатите да собереме сила за претпоследната можна акција на граѓанскиот активизам: граѓанска акција за поддршка на граѓанските активисти. Затоа што ако тоа не се случи, сите овие што управуваат со шарената лага во која живееме ќе пратат нарачка да дојде на крајот некоја достава по сите нас.

И граѓански да нѐ деактивира, засекогаш.