Во паника ја осознавме заблудата за испревртените вредносни критериуми, за погрешните приоритети,  за значењето на некои до вчера небитни нешта, за смислата на живеењето. За човековата кревкост. Ја осознавме, но дали сме подготвени за промени?!

Dr Vera Jovanovska-Tipko

 Како да немаме среќа со ритмичките години. И 2020, како и онаа стотина години пред неа, предизвика сериозна аритмија на воспоставениот животен стил. А тој, навикнат на секојдневни тахикардиски бркотници кон се повисоки и подалечни само-поставени цели, заробен во моќта на виртуелните  разно-разни ,,мега“ трендови (бизниси, бајтови, пиксели, …)  и повремено зачинет со, не ретко бизарни микро хедонизми, доживеа целосен колапс. Формата потклекна пред суштината.

Воспоставената глобализација стана главен, незапирлив преносител на вирусот. Наеднаш, пандемијата го пренасочи фокусот кон, долго време, мазохистистички маргинизираниот здравствен сектор. Во паника ја осознавме заблудата за испревртените вредносни критериуми, за погрешните приоритети,  за значењето на некои до вчера небитни нешта, за смислата на живеењето. За човековата кревкост. Ја осознавме, но дали сме подготвени за промени ?!

Доживеавме цивилизациски потрес со бројни ,,афтер шок“ ментални ефекти. Како на колективно, така и на индивидуално ниво. Особено податливи за  време со неограничени можности за трансфер на бројни (дез)информации. Медиумска преплавеност со мислења, анализи, ставови, бројки, дијаграми, предвидувања, очекувања, обвинувања. Инфодемија која предизвика своевидна психодемија со фактор на репродукција кој е во постојан раст. Ковид стрес синдром – колективен Ковидизам. Ментален софтвер базиран на хипохондриска и опсесивна когниција со компулсивно поведение. Психосоматски стрес како последица и причина. Последица на вирусната пандемија. Причина за намален имунитет и зголемен ризик. Стрес кој кај некои предизвикува преплавеност со страв, а кај други, негова негација.

Настана емотивна катарза. Зголемен страв од контаминација, болест, економска криза, од непознато, неизвесност, смрт. На површина испливаа опсесивната компулсивност, раздразливост, анксиозност, незадоволство, замор, несоница, деконцентрација, злоупотребата на психотропни супстанци. Се  изгуби смислата за живот, се зголеми хроничната осаменост, социјалната изолација, суицидалност. Букнаа гневот и нетрпеливоста, а со тоа и семејната агресија. Наеднаш, научените автоматски механизми се стеснија, луѓето прераснаа во ,,тивки“ непријатели, никнаа граници и ограничувања. Настапи масовна депресија. Деструктивен мисловен вртлог кој влече надолу. Колективна психоза со долготрајни последици.

Година потоа. Разбравме, барем за сега, дека дигитализацијата не може да го замени чувството на љубов и емпатија, човековата топлина, алтруизмот, болката, погледот, прегратката, бакнежот. Дека и најсофистицираните машини се инфериорни во однос на социјалната интер-релација. Дека треба многу повеќе да се насочиме кон себе, да бидеме креативно адаптибилни и иновативни. Со подигнување на свесноста за значењето на менталното здравје да ја поттикнеме и подржиме внатрешната инстиктивна борба за опстанок.

Увидовме и дека сме меѓусебно нераскинливо времежени. И на индивидуално и на колективно ниво. Дека неможе да опстојат  бесконечни граници и ограничувања. Дека, колку и да сме различни, во основа сме сепак исти. Со слични ментални матрици, емоции, отпори и одбрамбени механизми.  Дека личната среќа е зависна и од колективната. Дека треба да го менуваме односот кон себе, другите и природата.

Мораме што побрзо да ја научиме ковид лекцијата за прифаќање на непознатото, непредвидливото и несигурното. И дека за сé треба време и трпеливост.

Panta Rei.

И затоа Lockdown – Shut down – Reprogram – Restart !

 

Dr M-r Vera Jovanovska-Tipko, psihijatar, kognitiv bihejvior psihoterapevt, generalen menadzer na terapevstki centar Ekvilibrium-razum i vizija, so dolgogodisno prakticno iskustvo.