Она што може да помогне за постигнување на сајбер еластично општество е дизајнирање рамка која ќе вклучи збир на карактеристики што ќе им помага на лидерите, раководните органи и одговорните лица да разберат што е сајбер еластичност и како истата може да се постигне.

д-р Митко Богданоски

Глобалната пандемија само ја покажа оправданоста на вложувањето на големите корпорации и лидери во ИТ секторот во постојаниот развој на нови технолошки решенија. Овие решенија го олеснија непреченото функционирање на сите сектори и сегменти на општеството, кои речиси и да не престанаа со нормалното функционирање. Но, како и што се претпоставуваше од самиот почеток, новиот начин на функционирање на општеството се соочи со нови предизвици. Голем дел од секторите кои се преориентираа делумно или целосно на работа од далечина, која се базираше на употреба на различни ИТ решенија, се соочија со проблеми во функционалноста кои некогаш се предизвикани од нефункционалност на опремата и платформите кои се користат за работа од далечина, но многу често причина за тоа се нападите врз системите и мрежите кои се реализираат од страна на злонамерните корисници од различни побуди.

Со процесот на технолошки поддржаната глобализација, дигитализација и создавање на “паметно” општество како резултат на новите технолошки решенија и преку милијардите “нешта” кои се и ќе бидат поврзани на Интернет, општеството на глобално ниво, секако и во регионот на Западен Балкан, ќе се соочи со уште поголеми предизвици. Од таа причина, лидерите во областа на сајбер безбедноста стануваат повеќе од свесни дека безбедноста во сајбер просторот базирана само на зголемување на доверливоста и интегритетот преку искористување на технички-базирани безбедносни механизми и  решенија е недоволна да се справи со сè пософистицираните напади и дека зголемувањето на еластичноста (резистентноста) на општеството на ваквите напади е вистинскиот одговор на овие закани.

Еластичноста на сајбер заканите нуди многу повеќе од безбедност, нуди оперативен и деловен континуитет кој ќе се базира на претходно преземени мерки од страна на релевантните фактори и минимален ангажман и влијание од страна на жртвата. Таа може да се обезбеди преку навремено откривање и отстранување на ранливостите во системите и мрежите, размена на информации по вертикала и хоризонтала, градење партнерства и високо ниво на доверба, различни видови на едукација на сите нивоа и со сите, вкоренување на безбедносната култура и сајбер хигиената уште од рано детство.

Генерално, ова е нешто што е познато на сите, вклучително и за државите од Западен Балкан. И не само што се запознаени со овие решенија, туку и се дел од нивните Национални стратегии за сајбер безбедност. Она што е главен проблем со овој регион, а и пошироко, е што често надлежните не разбираат дека наведените решенија за обезбедување на сајбер безбедност и сајбер еластично општество и институции ќе бидат целосно функционални кога ќе се обезбеди соодветна имплементација на активностите од акциските планови, но уште повеќе кога ќе се обезбеди континуитет во спроведување на заштитните механизми. И, како и со секоја друга стратегија, така и во сегментот на безбедноста во сајбер просторот, земјите од Западен Балкан потфрлаат во делот на имплементација на стратешките цели и континуитет на имплементирање на воочените решенија.

Сепак, мора да бидеме коректни и да кажеме дека не секогаш слабата имплементација на стратегиите треба да ја поврзуваме со слабата посветеност на надлежните органи. Имено, во конкретната ситуација има реален проблем, а тоа е што во моментов не постои дефинирана рамка, модел на зрелост и начин за мерење на сајбер еластичноста. А доколку нешто не може да се мери, не може ниту да се процени нивото на имплементација.

Она што може да помогне за постигнување на сајбер еластично општество е дизајнирање рамка која ќе вклучи збир на карактеристики што ќе им помага на лидерите, раководните органи и одговорните лица да разберат што е сајбер еластичност и како истата може да се постигне. Оваа рамка би го опишала пристапот и односот кон обезбедување сајбер еластичност. Би обезбедила можност проактивно да се одговори на заканите и да се даде брз одговор во случај на повреда на сајбер просторот, а проактивноста е клучен пристап во градењето на сајбер еластично општество. Само оние што гледаат напред и дејствуваат проактивно ќе бидат подобро позиционирани не само да преживеат туку и да напредуваат – без оглед на предизвикот со кој би се соочиле во иднина.

 

Проф. д-р Митко Богданоски, Декан на Воена академија “Генерал Михаило Апостолски”