Дополнително „повишената температура“ е предизвикана и од спорните околности околу набавките на респиратори во Сараево, од Ковид болницата во Бања Лука, од оставките во Кризниот штаб во кантонот Сараево… Згора на сите потешкотии во работата, се одржуваат и се најавуваат нови штрајкови на работниците во здравството.

Пишува: Д-р Бакир Накаш

Уште од моментот кога Светската здравствена организација, како „подарок“ во пресрет на Новата 2020 година, огласи постоење на нов „кластер“ на вирусна инфекција на белите дробови, од непознат причинител, со својот искуствен рефлекс на инфектолог осетив дека ни доаѓаат тешки времиња.

Иако во пензија, секојдневно ме „прогонуваше“ мислата за тоа во какви околности посттранзициски недовршената Босна и Херцеговина дочекува предизвици од голем калибар. Колку здравствениот систем ќе успее да се спротивстави на новата болест, која стана немилосрден „тест“ за подготвеност на здравствените системи на неа да одговорат на вистинскиот начин.

Првиот бран, во почетокот на март, кај нас во БиХ го дочекавме со сите мерки на превенција како и другите земји во околината и во светот и бевме задоволни со постигнатите резултати, со релативно малиот број на новозаразени, болни и починати.

За жал, времето покажа дека предвреме сме почнале да се радуваме. По релативното смирување во текот на летото, почетокот на есента го проследи пораст на бројот на новозаразени, болни и починати, што ги покажа сите слабости на здравствениот систем во институционално и уставно сложената држава. Недостатокот на субординација и координација од врвот на државата до здравствените установи на локално ниво, претераната вмешаност на политиката во организацијата и во функционирањето, а недоволно присуство на струката, резултираа со оцени од страна на поединечни здравствени авторитети и политичари дека здравствениот систем е пред колапс. Сѐ почесто се предвидува дека нема да може и понатаму да го издржи секојдневното зголемување на бројот на новозаразени и потребата за нивно лекување во здравствените институции.

Дополнително „повишената температура“ е предизвикана и од спорните околности околу набавките на респиратори во Сараево, од Ковид болницата во Бања Лука, од оставките во Кризниот штаб во кантонот Сараево…

Истовремено, неоправдано се занемари и се стави во втор план потребата за лечење на многубројните хронични болести, што може да остави несогледливи последици во блиска иднина.

Освен тоа, на почетокот од пандемијата, но и денеска, згора на сите потешкотии во работата, се одржуваат и се најавуваат нови штрајкови на работниците во здравството, кои се незадоволни од организацијата на работата и од непотпишаните колективни договори. Отсуството на адекватна соработка меѓу здравствените установи и непотребните јавни огласувања на нивните раководители дополнително создаваат чувство на несигурност и на страв кај граѓаните. Оправдано се плашат дека нема да добијат соодветни и навремени здравствени услуги, иако со години, преку здравствените придонеси, ја финансираат здравствената заштита.

Прекомплицираниот здравствен систем, вкупно 13 од ниво на кантони, преку ентитети, до државно ниво, и недостатокот на соодветно усогласување, само дополнително го отежнува прилагодувањето на операциите кон растечките опасности од КОВИД.

Многумина ќе речат дека и побогати земји, со значително подобро организирано здравство, денеска се пред колапс, па дека не е чудо што тоа се случува и во нашата „пост дејтонска Босна и Херцеговина“.

Меѓутоа, едно е сигурно. Здравството во БиХ, организирано на овој начин, не е подготвено да одговори на предизвиците и да обезбеди квалитетна здравствена услуга за пациентите.

Како резултат на моменталната состојба, но и на претходно воочените недостатоци, ќе биде неопходно започнување на низа промени во организацијата на здравствената заштита.

Она што денеска е најпозитивно, а за што најмалку се зборува јавно, е пожртвуваниот однос на повеќето здравствени работници.

Вработените во јавните и во приватните здравствени установи, од работниците што ја одржуваат чистотата, преку работниците во техничките служби, медицинските сестри и техничарите, лаборантите, сѐ до докторите и другите вработени во здравствените тимови, тивко и вредно работат и ги исполнуваат секојдневните обврски во врска со лекувањето на болни од вирусната инфекција Ковид-19 и на сите други, не помалку опасни заболувања кои го загрозуваат здравјето и животот на нашите сограѓани.

Ваквиот однос е сигурна гаранција дека здравствените системи ќе ги издржат сите предизвици кои во моментов им се наметнуваат и дека ќе ги овозможат сите неопходни промени за подобра организација.

 

Д-р Бакир Накаш, инфектолог, специјалист во областа на заразни болести. Работниот век го мина на Клиниката за заразни болести во Сараево, во Воената, а подоцна Државна болница „Сараево“, каде што беше директор сѐ до заминувањето во пензија. Беше помошник во Министерството за здравство на Федерацијата БиХ.