Како жени политичарки верувам се соочуваме со предизвици кои емотивно посилно ги доживуваме, не растревожуваат, некогаш не шокираат, а многупати не ставаат несвесно да се повлечеме пред агресивноста или простотилакот од некои „колеги„ мажи, на кои секако не им е местото во политиката.

Jana Belcheva Andreevska

 Во светот постојат различни ставови и стереотипи за тоа кој се занимава со политика. Некои велат дека оние кои имаат професија, професионално си работат, а оние кои немаат одат во политика. За некои пак политиката е временски ограничена активност, додека не ги остварат своите замисли или не се разочараат и ја напуштат засекогаш. За некои е определба, а за најголем дел жени во политиката активноста, тоа е идеологија надополнета со алтруизам и со потреба да се погрижиме и да го менуваме светот на подобро.

Често мислам дека жените своите политички влијанија ги имале и кога не биле вклучени, ама биле видливи, кога своите стремежи, своите погледи за она што е или не еисправно , го изразувале дома, во своите помали или поголеми заедници. Гласните и храбри жени пак секогаш биле „заразни„, нивната храброст се пренесувала и ангажирала нови приврзаници. Или како што вели американската писателка Маја Ангелоу: Each time a woman stands for herself, without knowing it possibly, without claiming it, she stands for all women.

За сите жени активниот ангажман во политиката е поврзан и со поддршката која ја имаат од дома. Тој supportiveenvironment не е чест, некаде е и привилегија, а поврзан е со економската состојба, со едукацијата и еманципацијата, со поделбата на одговорностите и обврските и со слободата. Затоа е уште поважно сите ние кои сме се приклучиме во политиката, да бидеме гласот на сите жени, на нивните потреби, за нивните слободи, едукација и за нивното достоинство.

Јас сум од тие кои со политика почнале да се занимаваат во своите четириесетти, во момент кога почнав да размислувам дека нашето достоинство не им е важно на оние кои ги носат и креираат локалните политики. Не можев да поверувам дека некој прифаќа да живее во услови кои се недостоинствени, нехумани и неквалитетни, а тоа да му биде и „нормална„ околина на децата. Се уште сметам дека она што е добро, убаво, нормално, квалитетно мора да стане дел од животот на моите, вашите и на сите деца во нашата средина, а не да се навикнуваат на „ненормалното„ прифаќајќи го како неминовност. Инженер по вокација, и човек опседнат со бројки и знаење за просторни податоци, се зафатив да ги погледнам јавно достапните податоци на анкетата за предлог урбанистичкиот план за населбата во која живеам.

Влегов во локалната политика како огнен поборник за човекот, за неговите потреби, за најмладите и највозрасните, за многубројните, но уште повеќе за маргинализираните и малубројните. Идеализмот не смееме да го предадеме, иако разочарувањата ни се секојдневни. И надежта е дисциплина, ко што пишува Румена Бужаровска.

Како жени политичарки верувам се соочуваме со предизвици кои емотивно посилно ги доживуваме, не растревожуваат, некогаш не шокираат, а многупати не ставаат несвесно да се повлечеме пред агресивноста или простотилакот од некои „колеги„ мажи, на кои секако не им е местото во политиката. Моите разочарувања сепак биле поголеми кога наместо поддршка, токму од жените сум добивала напад поради мојата храброст, одлучност или непопустливост. Преиспитувањето на одлуките и сомнежот во исправноста го чинело Сократ живот, но по скоро 3.000 години нам ни оставило цивилазациска придобивка дека промислувањето и дебатата даваат нова вредност во креирањето подобри одлуки. Повлекувањето од дебата заради агресивноста на опонентите значи губење на цивилизациска вредност, па токму затоа апелирам кон сите жени во политиката да стојат исправено и храбро и да не замолчуваат.

 

Јана Белчева Андреевска, советник во Советот на Општина Центар (Скопје)