Во папазјанија од штури партиски платформи, отсуствува вистинска идеолошка конфронтација меѓу левицата и десницата, ниту пак партиите имаат  било каква идеолошка конзистентност.

Aтанас Kировски

Македонското политичко милје е конгломерат на различни типови на политички партии кои власта ја доживуваат и практицираат како шанса за збогатување, а членството и симпатизерите партиите ги перцепира како заводи за вработување. Во таа папазјанија од штури партиски платформи, отсуствува вистинска идеолошка конфронтација меѓу левицата и десницата, ниту пак партиите имаат  било каква идеолошка конзистентност. Парадоксот е дека во Македонија токму левицата ја изврши приватизацијатаа, а во моментов додека е на власт ја практикува најконзервативната политика на рамен данок наследена од претходната власт на десницата. Претходниот премиер Заев најави даночни реформи за поправедно општество и намалување на социјалните раслојувања, но набргу се откажа од оваа клучна реформа, и лицемерно си се врати на рамен данок. Од тој аспект, во општеството нема разлика дали владее десница или левица, а чувство на граѓаните е разочараност и политичка апатија изразена преку рефренот „ сите се исти“. По долгото владеење на десницата во македонското општество се јави автентичен израз за подобро и поправедно општество, изразена преку секојдневните протести на таканаречената „Шарена револуција“ која се обиде да даде боја на депресивниот „црно бел свет“ кој е лајтмотив на бесконечната македонска транзиција, но откако СДСМ дојде на власт, таа идеја ја искомпромитира.

Во моментов она што ја прави разликата меѓу партиите е односот кон таканаречените национални прашања, кадешто социјалдемократите се помеки и спремни да прават компромиси, за на тој начин да ја туркаат европската агенда на државата, за разлика од десницата која е многу поригидна. Најголемиот парадокс на политичката сцена е партијата Левица која се обидува да ја заземе крајно левата позиција на политичкиот спектар, со болшевички пароли во кои се залагаат за „диктатура на пролетеријатот“ и закани дека ќе конфискуваат приватен капитал и бизниси ако дојдат на власт, но едновремено се жестоки националисти и се влезени во „етничко наддавање“ со десницата околу тоа кој е поголем патриот, а нивниот политички дискурс повеќе ги прави фашистоидни отколку левичари.

Она што беше типична карактеристика на македонската десница додека беше премиер Никола Груевски –беше митоманијата кон славното античко  минато на нацијата. Со изградбата на грандиозни споменици во центарот на Скопје на Александар Велики и Филип Втори – успеваше и симболички да комуницира со електоратот кој му даваше поддршка успешно продавајќи ја проекцијата кај сиромашните и недоволно едуцирани слоеви за тоа дека македонската нација некогаш била најмоќната. Таа проекција- денес сме мали и сиромашни, но погледнете ги симболите какви некогаш бевме- што значи пак ќе ја вратиме нашата стара слава, успешно функционираше цела декада, што пак дополнително ги влоши односите со Грција која од петни жили се обидува да му докаже на светот дека само таа ги има тапиите на хеленистичкото наследство. Денеска десницата го напушти тој наратив, и е свртена кон поновата историја и конфликтот со Бугарија околу историските недоразбирања, за што има одобрување и кај популација која традиционално не се согласува со политиките на ВМРО, пред се заради негаторскиот однос на официјална Софија кон македонската нација и јазик, и невештите политики на СДСМ кои оставаат впечаток дека се подготвени да ги прифатат буквално сите барања на Софија.

Се на се, македонското политичко милје е целосно лишено од било какви вредности, и политичари или партии кои би инспирирале со некаква конзистентна идеолошка агенда, и е претворено во секојдневни тривијални обвинувања меѓу партиите кој прави поголеми злоупотреби на власта, кадешто е навистина тешко да се направи дистинкција која е левицата, а која е десницата, и кои се нивните автентични идеологии.

 

Aтанас Kировски, новинар и  политички аналитичар