На што станавме збир во новите гео-политички околности? Колку медиумите ги преминуваат тие нови граници? Колку ги интригираат новите партикуларни реалности?

Џевдет Тузлиќ

Тито, Андриќ, Крлежа, Селимовиќ, Ќопиќ, Константиновиќ, Месиќ, Џајиќ, Осим, Шекуларац, Сушиќ, Церар, Моника Селеш, Лепа Брена, Екатерина Велика, Бијело дугме, Парни ваљак, Леб и сол…

Кога немаше социјални мрежи, ги имаше на вести и на насловните страни на белградските „НИН“ или „Политика“, на загребскиот „Старт“, на сараевскиот „АС“, на љубљанската „Младина“, на титоградската „Побједа“, на „Нова Македонија“… во заедничката шема на ЈРТ, во Зелениот мегахерц…

А тогаш избувна нова технолошка револуција и ги произведе социјалните мрежи. Па информациите станаа глобално достапни.

Но избувна и војната на Балканот. Па животот стана како наслов од книга на Есад Ќимиќ, „Политиката како судбина“, се надвиснаа некои чудни „сенки на Балканот“, почнавме да слушаме некои други химни, да поддржуваме некои нови херои, иако неретко други тоа ги чинело глава…

На што станавме збир во новите гео-политички околности? Колку медиумите ги преминуваат тие нови граници? Колку ги интригираат новите партикуларни реалности?

 

Приказна прва

Неодамна на каналот на една регионална телевизија имаше репортажа за ковач и самоникнат поет од Србија. Столар не станал само затоа што пресекол штица онаму каде што не требало, татко му бил лут, па тој завршил занает во ковачница. И таму погрешно препилил метална шипка, но мајсторот не се лутел. Му рекол да ја зажари и одново да ја пресече. Во столарскиот занает нема поправен испит, во ковачкиот има. И тоа пресудило.

Тв-приказната за поетот-ковач е сјајна. Но, можеа да ја видат само претплатниците на тој некој оператор. Нема голема побарувачка за позитивни човечки приказни во агенциските вести, во весниците, на телевизиите. Се фаворизираат дневно-политички несогласувања.

Најсвеж пример е „нон пејпер“-от на Јанез Јанша на божемното мирно исчезнување на цела една држава. Насловните страници и ударните термини на регионалните ТВ станици вревеа за тоа со денови. Интервјуто на српскиот претседател Александар Вучиќ на една приватна сараевска телевизија е тема број 1.

А кој, надвор од Словенија извести дека Анже Ланишек е 9-ти скокач во светот, а надвор од Хрватска дека Филип Зупчиќ е трет велеслаломаш во светот, дека Лана Пудар од Мостар во Белград остварила феноменален резултат на 100 метри пеперутка и дека ја остварила олимписката норма за Токио?

 

Приказна втора

Една единствена и благородна дилема е забележана само во романсираната биографија „Лијановиот сон“.

Главата на едно контровезно херцеговско семејство загрижено ги прашал синовите „што да правам , за кого да навивам, играат моите и нашите“. А играле кошаркарските репрезентации на БиХ и на Хрватска.

Мислите ли дека таа дилема им била интересна на „моите“ и на „нашите“ медиуми?

 

Приказна трета

Порталот од Бања Лука, „Бука“, крена прав во регионот со кампања против говорот на омраза.

„Хејт СЛОВЕни, уште сте живи“. Над 5 милиони прегледи. Охрабрувачки силно спротивставување на говорот на омраза. Без политичка коректност ја разоткри лагата дека, демек, нема говор на омраза.

Најдобар сигнал дека вистинската омраза постои, а дека војната беше само епизода, е поделбата на „тие“ и „ние“. Шампиони во интензитетот на говорот на омраза се млади луѓе кои не вкусиле војна. Кои се нивните инспиратори? Чии алатки се тие?

 

Приказна четврта

Дали говорот на омраза е инициран од политичари, јавни личности…? Како што е Емир Кустурица, кој разврзува на тема што му е далечна колку и ѕвезденото небо од окото на набудувачот!? Авторот со филмски краснопис зборува за усвојување на законот за кирилица и за истополови бракови. И стигнува сè до Дража Михаиловиќ, чија четничка идеологија ја прогласува за антифашистичка. Ја нафрли топката за нови препукувања.

 

Приказна петта

И покрај поделените ставови за потеклото на пандемијата, верувам дека потенцијалните креатори имаа барем една чесна намера: да го обединат светот со планетарна несреќа? Политиката изгледа не следи таква логика. Претседателите на државите одеднаш станаа хуманисти, донираат или свечено превземаат вакцини. Но, мислат и на собирање поени. Секогаш ќе дојдат некои избори. Па ја користат можноста да се сликаат несомнените шампиони на зарази со широк спектар на делувања.

 

Приказна шеста

Во Сараево беше ден на жалост. Почина генералот Јово Дивјак. И додека обичните луѓе жалеа, по анализата на медиумските објави, наодите се двојни. Едни го испратија со трогателни текстови, други ја игнорираа неговата смрт или го прогласија за „отпадник на својот народ“.

Нова платформа за поттикнување омраза.

По примерот на насловот од поемата на Абдулах Сидран, напишана пред скоро 50 години, треба да се запрашаме: Навистина – ти и јас – на што сме збир?

И, да бидеме позитивни, освен на тестот за корона.

 

Џевдет Тузлиќ, босанскохерцеговски новинар со повеќедецениско искуство во радио, телевизија и печатени медиуми