Има ли Берлинскиот процес капацитет, посветеност и ресурси да му помогнат да започне суштински трансформативни процеси, вклучително и процесот на помирување, наспроти тенденциите кои со еден збор се нарекуваат стабилократија? Особено затоа што се работи за Балкан, и тоа Западен.

Џабир Дерала

Врзете ги појасите, Берлинскиот процес се враќа! Приказната, започната во 2014 година под „диригентската палка“ на германската екс-канцеларка Ангела Меркел, по неколкугодишното затишје, добива нова енергија и нови перспективи. Барем така се најавува. Подновен со нови идеи, ете, и со јавен повик до младите за креирање ново лого и обновен оптимизам и уверувања дека Западен Балкан не е заборавен. И дека Берлинскиот процес е единствениот долгорочен, сигурен и сеопфатен проект со кој се обезбедува регионална соработка и системско пристапување кон ЕУ.

Берлинскиот процес започна амбициозно во 2014 година, но со текот на времето, го изгуби фокусот, а потоа и сосема стивна. Некои тоа го правдаат и со динамичните и комплексни процеси во Европа и во светот и со процесите на прегрупирање на центрите на моќта во современиот мултиполарен свет. Кои и да се оправданијата, факт е дека Берлинскиот процес во изминатите најмалку три години беше „активен“ само за ограничен и тесно специјализиран круг на луѓе и институции.

Во меѓувреме, блесна иницијативата Отворен Балкан што ја поведоа македонскиот и албанскиот премиер, Зоран Заев и Еди Рама, и српскиот претседател, Александар Вучиќ. Иницијативата собра голем број комплименти и изрази на поддршка, особено од преку Атлантикот, а самите протагонисти ги уверуваат ЕУ лидерите и бирократите дека иницијативата е компатибилна со Берлинскиот процес, а особено дека не е започната како супститут на членството во ЕУ. Тоа никако.

Сепак, дел од експертите и креаторите на јавното мислење го сметаат Отворен Балкан за паралелен процес, што не му помага на процесот на регионална соработка и интеграција. Ова особено во поглед на целите што се идентични во двата процеси  – заеднички регионален пазар и слобода на движењето.

Лесно е да се каже дека Отворен Балкан може да го загрози Берлинскиот процес, затоа што не ги вклучува сите земји од регионот, па и дека опасно го загрозува евроинтеграцискиот процес на сите земји на Западен Балкан. Сепак, и делумното отворање на границите меѓу половина од земјите во регионот значи огромен напредок за регионот кој до пред нешто повеќе од две децении тонеше во воени крвопролевања.

Косовската организација Балкан Форум, дел од Платформата за граѓанско општество, голема мрежа од граѓански организации од целиот регион на Западен Балкан, во мај издаде анализа под наслов „Европскиот ангажман во Западен Балкан во рамките на Берлинскиот процес. Анализата коинцидираше со изјавата на германскиот канцелар Шолц на 4 мај кога најави дека процесот ќе биде обновен во втората половина од 2022 година.

На крајот од Анализата се објавени и шест сетови на препораки во чија подготовка учествуваа повеќе организации, меѓу кои и македонската организација за човекови права, Цивил. Анализата на Балкан Форум и препораките од граѓанското општество реално, директно и конкретно ги опфаќаат најважните аспекти на (не)функционирањето на Берлинскиот процес и можат да им послужат како добар водич на сите инволвирани политичари, бирократи и останати актери од ЕУ и од регионот.

Лесно е да се започне нешто, но тешко е да се започне истото – по вторпат.

Берлинскиот процес, на прагот на своето рестартирање, наспроти оптимизмот и широката насмевка со која се враќа на секогаш бурниот (Западен) Балкан, треба да одговори (искрено) на повеќе прашања. На пример: Зошто го снема, за да мора да се враќа? Дали Западен Балкан ќе го добие неопходниот приоритетен статус, особено во контекст на хибридната и оружената воена закана што доаѓа од Москва и други потенцијални закани за регионот? Има ли Берлинскиот процес капацитет, посветеност и ресурси да му помогнат да започне суштински трансформативни процеси, вклучително и процесот на помирување, наспроти тенденциите кои со еден збор се нарекуваат стабилократија?

Особено затоа што се работи за Балкан, и тоа Западен.

 

Џабир Дерала, македонски писател, продуцент и новинар