Мојата приказна не треба да се раскаже; мојот наратив е лажен и нему не треба да му се верува. Исто како што жртвите на силување се обвинувани дека лажат. А не тие што навистина лажат: силувачите.

Пишува: Румена Бужаровска

Неодамна имав средба со мало друштво во кое беше присутен мој пријател од пред петнаесетина години. Одамна се немавме видено, и во меѓувреме очигледно е дека двајцата сме се развиле во различни правци, па сега веќе немаме многу заеднички разговори освен кои серии сме ги гледале. Со нас беа уште двајца пријатели, и тие мажи. Во еден миг, зборувајќи за себе и за моите стравови и ограничувања во јавниот простор, спомнав за предизвиците што жените ги имаат при движењето надвор од домот, и како постојано сме во навикнат грч штом излеземе надвор. Мојот пријател од раната младост преврте со очите и презриво воздивна. Другите двајца молчеа и чекаа да помине непријатниот миг кој божем јас го создадов.

Не ми е првпат да добијам ваква реакција кога ќе споделам искуство за моето секојдневие како жена. „Пак фураш феминистичка пропаганда“ или „Аман со тој феминизам“ се чести фрази на напад како одговор на забелешки што го нарушуваат чувството на комфор и пријатност на мажите, кои, замислете, се соочуваат со тоа што значи едноставно да живееш како жена во патријархално општество. Всушност, чувството на комфор, или пак неговото одземање – значи чувството на непријатност – излегува многу повредно од постојаното чувство на непријатност, страв и закана со кои жените се соочуваат во нивното секојдневие (ако ви е непријатно и не знаете за што зборувам, проверете ги исповедите во #сегакажувам#каденеодам во Македонија како и хрватскиот пандан #ženeujavnomprostoru).

Го соочив мојот поранешен пријател со тоа што ми го направи: дека неговoто моментално чувство на непријатност во тој миг го стави на повредна позиција од моето постојано чувство на непријатност (патем, истиот тој пријател пред многу години ми купи солзавец, во случај кога ќе се враќам дома навечер да ме нападне манијак, имајќи предвид дека тоа се случуваше. Солзавецот ми е во ранец, кој додека пишувам стои позади мене). Му реков дека со тоа всушност се обидува да ме замолчи и не ми дозволува да ја раскажам мојата приказна. Не му беше пријатно, но ете, ми „дозволи“ да продолжам да создавам непријатна ситуација со тоа што му раскажав што ми се случи две недели претходно.

Беше топла вечер и со другарка ми низ центар пешачевме 20 минути до нашиот омилен бар. Градот беше прилично празен поради пандемијата. Сепак, јас и мојата пријателка се движевме по добро познати патчиња, избегнувајќи ги темните места и таму каде што во минатото сме имале непријатности со довикувачи или манијаци. Како и да е, во текот на тие 20 минути, во центарот на градот, четирипати ни беше свиркано и довикувано од орди мажи или пак мажи зад волан (во еден случај, автобус од јавен превоз. Искуства со возачи на автобуси и со возење во автобус имаме многу). Во случај некого да го интересира, двете бевме облечени во долги црни широки фустани.

Мојот пријател од раната младост ми рече нешто во стилот на „извини ама јас такви луѓе не познавам“, сакајќи да каже дека тој не познава и не сретнал луѓе што напаѓаат девојки на улица, вербално им дофрлуваат, или се насилни со нив на физички начин. Со тоа повторно ме стави мене во позиција на некој што или а) лаже б) преувеличува за да добие внимание в) е луда. На таков начин, моето искуство како жена едноставно е безвредно. Мојата приказна не треба да се раскаже; мојот наратив е лажен и нему не треба да му се верува. Исто како што жртвите на силување се обвинувани дека лажат. А не тие што навистина лажат: силувачите.

За среќа, наративот е веќе во рацете на жените и овој процес е неповратен. Мојот пријател од младоста кој мисли дека има добри намери и има заборавено дека ми купил солзавец за да се заштитам од луѓето што не ги познава, има методи кои нам веќе ни се познати и не не’ замолчуваат. Затоа, методот „ќути за да не ми биде непријатно“ веќе не функционира. Па така, искрено се надевам дека на некого му создадов непријатност во текот на читањето на овој текст.

 

Румена Бужаровска е авторка на четири збирки раскази; нејзините збирки раскази се преведени и објавени во Хрватска, Србија, БиХ, Црна Гора, Словенија, Италија, Унгарија и во САД. Таа е книжевен преведувач од анлиски на македонски јазик и е вонредна професорка по американска книжевност на Филолошкиот факултет во Скопје. Таа е и коорганизаторка и коавторка на вечерите на раскажување на женски приказни „ПичПрич“.