Ќе дојде ден во Албанија кога високите функционери вклучени во корупциски скандали ќе бидат подложени на истрага, ќе им биде судено и ќе бидат осудени. Но, тој ден нема да дојде во блиска иднина, сѐ додека во мрежата на правдата се ловат само ситни риби.

Лутфи Дервиши  

На 125-те страници од годишниот извештај за 2020 година на Европската комисија за Албанија, обемен материјал што ја скенира и анализира состојбата во земјата која се соочува со 35 поглавја за преговори, зборот „(анти)корупција“ се споменува 90 пати!

Според „Транспаренси интернешнл“ (ТИ) – Албанија е рангирана на последното место во Европа кога станува збор за антикорупција. Со резултат од само 35 (од вкупно 100), Албанија падна за 23 места во рангот само за последните три години. ТИ смета дека корупцијата тука е ендемична и дека влијае дури и врз високите нивоа на управување.

Според последниот годишен извештај на Европската комисија, корупцијата во Албанија е широко распространета и останува „сериозна грижа“. Долги години, еден од главните предизвици во борбата против корупцијата останува неказнивоста на високите функционери.

Медиумите пишуваат за корупцијата; политичарите си играат пинг-понг со меѓусебни обвинувања, но токму правдата го има последниот збор.

Кога станува збор за судскиот систем, Албанија е посебен случај.

Албанија започна невидена реформа во судскиот систем. Реформа која има за цел чистење на судството и реформирање на правните институции. Со одобрување на сите пратеници, Уставот беше променет во јули 2016 година и, со ова, ММО (Меѓународната операција за мониторинг) доби значајна улога.

Осумстотини обвинители и судии се во процес на проверка – многу детална анализа што го скенира не само нивното богатство, туку и професионалноста и интегритетот. Четири години откако се случија уставните измени, резултатите се измешани. Повеќе од 50% од судиите и обвинителите што поминаа низ процесот на проверка не го положија тестот. Чистењето се случува, но цената на оваа уникатна операција е многу висока. Судии од високото ниво не го поминаа успешно процесот на проверка. Земјата е без функционален Уставен суд и без Врховен суд. Како резултат на процесот на проверка, загрозена е и функционалноста на Апелациониот суд.

Ентузијазмот за реформите во судството е заменет со реалното реализирање на истите, а денеска го прифаќаме сознанието дека процесот е комплициран, неизбежен, но дека му треба и време.

Еден од главните услови Албанија да го започне преговарачкиот процес со Европската унија е да има функционален Уставен суд.

Надежта дека на културата на неказнивост ѝ се ближи крај сега се потпира на новите судски институции, имено на Специјалното обвинителство против корупција и на Судот против корупција и организиран криминал. Новите институции, иако сè уште нецелосни, ја започнаа својата работа, но првите судени случаи се чинат многу несигурни: истрага и судски пресуди за случаи од многу ниско ниво на управување. Ловот на „големата риба“, нешто за што граѓаните имаат големи очекувања, сè уште не се случило.

Како можеме да се бориме против корупцијата кога земјата нема ниту функционален Уставен суд, ниту Врховен суд? Дали Албанија навистина може да посочи случаи на корупција на високо ниво за кои била спроведена истрага, имало судење и била донесена судска пресуда? Албанците се обраќаат до Европскиот суд за човекови права во Стразбур за случаите што не можат да ги решат во Врховниот суд во Албанија, а политиката, поради отсуството на Уставниот суд, се обраќа до Венецијанската комисија да добие мислење за прашања што го кршат Уставот.

Борбата против корупцијата и организираниот криминал бара јасна политичка волја и независно и функционално судство. Ќе дојде ден во Албанија кога високите функционери вклучени во корупциски скандали ќе бидат подложени на истрага, ќе им биде судено и ќе бидат осудени. Но, тој ден нема да дојде во блиска иднина, сѐ додека во мрежата на правдата се ловат само ситни риби.

 

Љутфи Дервиши е водител на неделното шоу „Përballë“ на Албанската национална радио телевизија. Тој е обучувач на албанскиот Институт за медиуми. Веќе долги години е визитинг предавач на Универзитетот во Тирана, на Катедрата за новинарство и комуникација, по предметот „Истражувачко новинарство“.