Во Црна Гора се нижат учебнички примери на стратегии на анти-родовото движење, уназадувајќи ја демократијата, а доведувајќи на позиции на моќ десни, клерикални струи, кои го инструментализираат нарушувањето на човековите права на жените и на ЛГБТИК лицата за политички, но и за материјален профит.

 Јован Уличевиќ

Оваа 2022 година за Црна Гора претставува јубилеј – една деценија преговори во рамките на процесот за пристапување кон ЕУ, но и една деценија организирање на црногорската Парада на гордоста. Сосема случајно, и мене ми е значаен овој јубилеј – една деценија откако го споделив со своето опкружување фактот дека сум трансроден маж. Додека ја гледаме „одбраната на семејните вредности“ и користењето на Еуропрајдот во Србија за да се оттргне вниманието од важните надворешни и внатрешни политички проблеми, ова е вистински момент да се запрашаме што кажува за општеството начинот на кој се разговара за ЛГБТИК лицата?

Позитивен факт е дека е усвоен Законот за животно партнерство на лица од ист пол, но она што не ни го донесе законот е суштинското прифаќање на ЛГБТИК лицата поради чувство на солидарност и вредностите кои ги застапуваме како општество, туку одлука од носителите на одлуки со цел да се добие „плус“ на европската мапа на обврски. Токму таквиот пристап му дава снага на наративот за почитување на човековите права како нужност во процесот на европски интеграции, а не како една демократска зрелост на општество кое е свесно дека е добро и продуктивно само тогаш кога е добро кон сите свои членови.

Црна Гора од „лидер во регионот“ во однос на човековите права на ЛГБТИК лицата – иако не сум сигурен во квалитетот на регионалната конкуренција – многу брзо дојде до земја во која за девет месеци се убиени најмалку пет жени, беше организирана дебата околу правото на абортус на Јавниот сервис во која беше уважено мислењето на Српската православна црква, министерот за економија бараше консултации од митрополитот на СПЦ по повод креирањето на политика за наталитетот, додека говорот на омраза, застапен и во Парламентот на Црна Гора, порасна на сите основи, особено таргетирајќи ги жените, ЛГБТИК лицата и лицата со инвалидитет. Високиот степен на толеранција и двоумењето да се осудат ваквите ставови ѝ даде моќ на една насилна атмосфера, во која пратениците не се ни извинуваат за кажаните зборови. „Ова е најава за биолошка војна против нашиот народ и против православната вера“, кажа пратеничката на Демократскиот фронт Јелена Божовиќ, во текот на дебатата за усогласување на Законот за социјална и детска заштита до Законот за животно партнерство на лица од ист пол. Јован Вучуровиќ, еден од лидерите на истата политичка групација, наведените измени ги окарактеризира како „удар врз она што е свето, во овој случај врз семејството“. Освен отворените напади, застапена е и инструментализацијата на човековите права на ЛГБТИК лицата, позната како pinkwashing. Така, на пример, Јавниот сервис РТЦГ се обиде да ја инструментализира Парадата на гордоста за да го оправда преносот на устоличувањето на митрополитот на СПЦ Јоаникиј на Парламентарниот канал. Сето наведено е учебнички пример на стратегии на анти-родовото движење, кое даде резултати ширум светот, уназадувајќи ја демократијата, а доведувајќи на позиции на моќ десни, клерикални струи, кои го инструментализираат нарушувањето на човековите права на жените и на ЛГБТИК лицата за политички, но и за материјален профит.

Како квир (и) феминистичките, демократски движења им одговараат на овие загрижувачки трендови? Неуморно, но, се плашам, недоволно ефикасно, иако истражувањата покажуваат дека поддршката за ЛГБТИК лицата пораснала во многу сегменти. Верувам дека борбата за човекови права на која било маргинализирана група нема иднина доколку се води исклучиво во рамките на идентитетските граници. Ова става товар врз сите малцинства да бидат активно граѓанство, и покрај сите предизвици, во ситуација во која ниту мнозинството жители не покажува завиден степен на активност и на граѓанска непослушност. Потребни ни се наративи кои ги поврзуваат граѓанските борби и препознаваат дека, во основа, сите нас нѐ мачат истите маки, но и дека без укажувања на специфичностите со кои се среќаваат одредени лица меѓу нас, нема суштинска борба за опстанок на демократијата.

Во екот на војни, климатски катастрофи, екстремна сиромаштија и распламтена омраза, немаме привилегија да бидеме изморени, ниту сведени на еден идентитет.

Немаме привилегија ниту да чекаме на солидарност за да ја понудиме. На крајот, начинот на кој општеството ги третира ЛГБТИК лицата покажува и како се третира себеси, и каква визија имаме (и дали ја имаме) за тоа како треба да изгледа едно општество. Нецелосната демократија доживеа пораз. Прашање е дали е тоа и наш пораз, или, наспроти сѐ, можеме да ја живееме солидарноста и да создаваме некое поинакво утре.

 

Јован Џоли Уличевиќ, активист, основач на феминистичката организација Спектра, како и на регионалната организација Транс Мрежа