Државата преку своите пакет-мерки се обидува тешко заболената туристичка гранка да ја одржува во живот на респиратори. Овие мерки во принцип се поздравени од туристичкиот еснаф, меѓутоа повеќето туристички работници ги оценуваат како недоволни за сериозен опстанок на дејноста.

Ѕвездан Георгиевски

Кога овој хотел по некој случај би бил коњ, тогаш сигурно ќе му испукав куршум во слепоочница. Вака некако одговара еден сопственик на мал сместувачки капацитет во скопската општина Кисела Вода. Тој вели дека неговиот бизнис се базирал на два столба. Првиот столб е таканаречениот “конгресен“ или „деловен“ туризам, но во време на пандемијата овој тип деловни состаноци и патувања се заменети со онлајн средби, така што приходот од нив е сведен на минимум. И вториот столб или „швалерскиот“ туризам, како што го нарекува нашиот соговорник, бележи драстичен пад поради стравот за здравјето на неговите доскорашни редовни клиенти.

Дека туризмот во Република Северна Македонија е гранка во изумирање потврдува и Даниела Михајловска Василева, самостоен советник во Стопанската комора на Македонија. Таа вели дека во првите девет месеци од минатата година падот на бројот на туристите во земјата во однос на претходната година изнесува 60,8 проценти, додека во истиот период падот на странските туристи е дури 84,1 процент.

Според неа, ако се анализира индексот на прометот на услугите во второто и третото тромесечје  од минатата година, согласно официјалните статистички податоци, ќе се забележи дека кај туристичките агенции има пад од 99 отсто во второто и речиси 88 проценти во третото тримесечје. Кај угостителските објекти, огромен пад има кај хотелите и останатите објекти за ноќевање од 88 проценти во второто, односно 54,3 отсто во третото тримесечје. Статистиката покажува дека прометот во ресторанското работење и останатите објекти за подготовка на оброци и служење храна бележи пад од 75 отсто во второто и 29,5 проценти во третото тримесечје.

Во една неодамнешна студија, изработена од страна на Платформата за јавно-приватен дијалог, се констатира дека секоја петта компанија од областа на угостителството и туризмот го намалила бројот на вработени за повеќе од половина. Според истото истражување, дури 85 проценти од опсервираните компании декларирале намалување на приходите за повеќе од 50 проценти во однос на претходната година. Речиси три четвртини од овие компании (73 проценти) сметаат дека е реална можноста да прекинат со дејноста во случај кризата и рестриктивните мерки да продолжат.

Државата преку своите пакет-мерки се обидува тешко заболената туристичка гранка да ја одржува во живот на респиратори. Овие мерки во принцип се поздравени од туристичкиот еснаф, меѓутоа повеќето туристички работници ги оценуваат како недоволни за сериозен опстанок на дејноста. Меѓу другите мерки, кои главно важеа за цело стопанство (обезбедување минимални плати, ослободување од придонеси, бескаматни кредити…), за туризмот беше наменета една посебна мерка, ставена под името „дома си е дома“. Ова всушност подразбираше ваучер-систем за одредена категорија граѓани, кои можеа да го искористат само во домашните летувалишта.

Но, и покрај овој стимуланс, и покрај фактот дека границите кон земјите со мориња беа главно затворени, па домашниот турист мораше да се задоволи со македонските туристички центри, според директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на Република Северна Македонија Љупчо Јаневски, домашните туристи оствариле 1,5 милиони ноќевања, што е на нивото на претходните години. Како и да е, Јаневски смета дека акцијата „дома си е дома“ треба да продолжи и да се модифицира, затоа што е очигледно дека овдешната туристичка индустрија и натаму ќе мора да се потпира на домашниот турист.

Останува да видиме дали хотелот наречен коњ од почетокот на текстот ќе ја преживее кризата. Или нема?

 

Ѕвездан Георгиевски, писател и новинар кој има уредувано и основано повеќе македонски медиуми. Ја востанови престижната македонска книжевна награда „Роман на годината“.