Денешните балкански култови на личност се базираат на сеприсутност на вождовите во контролираните медиуми, а ги користат и старите методи на преобликување на јавниот простор преку нови зданија и статуи.

Филип Стојановски

 Навидум парадоксално, во 2012 г. токму режимот на декларираната антикомунистиччка партија ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје подигна нов споменик на Тито.

За тој случај немаше јавна дебата. Нема јавни податоци како е платен. Со споменикот како свое постигнување се фалеше Сојуз на Титови леви сили, една од нивните сателитските партии на ВМРО-ДПМНЕ чие главно гласачко тело беа пензионери.

Недостатокот и на неофицијални реакции од пошироките десничарски кругови покажа дека и таму владее перцепција дека Титовиот лик сè уште има употребна вредност за собирање политички поени, односно дека бројот на негови почитувачи е далеку поголем од бројот на мразачи.

Од таа перспектива не изгледа чудно што Јордан Мијалков, претходно носител на низа функции во политиката, економијата и спортот во СФРЈ, во своето прво интервју за „Вечер“ како прв министер за внатрешни работи на независна Република Македонија 1991 г. се пофалил дека неговите синови во ЈНА служеле како воени полицајци во Титовата гарда.

По 2006 г. еден од тие синови, Сашо Мијалков стана „семоќен“ шеф на тајната полиција во рамки на десничарскиот популистички режим предводен од неговиот прв братучед Никола Груевски.

Важно е и да се напомене дека авторитарниот профил на граѓаните не се градел само во социјализмот. Повеќето европски држави не може да се пофалат дека и пред Втората светска војна имале висок степен на демократија, мерено со денешните стандарди.

Голем дел од жителите на регионот биле воспитувани во авторитарен дух, кој подразбирал поклонение пред неприкосновен, скоро натчовечки водач кој ги решава сите проблеми. Такви очекувања во меѓувоениот период 1918-1941 граделе не само државите со кои владееле фашистички партии, туку и повеќето други кои осцилирале меѓу кревка парламентарна демократија и диктатура, односно монархија.

Српски аналитичари посочуваат дека Кралството Југославија како држава инвестирало во градење на култот на личност на членови на династијата Караѓорѓевиќ можеби и повеќе средства од она што СФРЈ го вложувала во градење на култот на личност на Тито. Меѓу другото до 1941 год. тука спаѓало и именување на белградски улици и по други живи членови на семејството, како кнезот Павле и неговата сопруга Oлга (денешните бул. Деспот Стеван и ул. Џорџ Вашингтон).

Некои од тие практики продолжиле. И кралот и Тито станувале кум на најмладо дете од многудетни семејства, „донирајќи“ им државна поддршка. Се ширеле известувања за случаи во кои обичен граѓанин преку писмо писмо до владетелот го свртел неговото благонаклоно внимание. Современата форма се режирани средби со граѓаните пред ТВ камери, при кои Груевски и Вучиќ веднаш на мобилен му се јавуваа на надлежен државен службеник и „го решаваа проблемот“.

Во 2014 година „Глобал војсис“ извести дека поддржувачи на политичарите Никола Груевски и Милорад Додик демонстрираат лојалност преку тетовирање на нивни ликови на своето тело, практика која беше присутна и во СФРЈ со ликот на Тито.

Денешните балкански култови на личност се базираат на сеприсутност на вождовите во контролираните медиуми, а ги користат и старите методи на преобликување на јавниот простор преку нови зданија и статуи. Сепак, за разлика од претходните генерации и самиот Тито, тие се воздржуваат од ставање на својот лик на скулптури, а како замена користат популарни историски ликови.

Но сепак, како што посочува и Рагми Јусуфи во книгата „Македонските тројански коњи“ (Темплум, 2017) сите знаат дека спомениците како оној на Александар Маедонски се сурогат за нарачателот. Ова важи и за новиот споменикот на Стефан Немања во Белград, но и за стотици помали статуи распослани низ Балканот последнава деценија-две.

Во центарот на Скопје на пример, покрај капитални зданија кои ја симболизирале моќта на државата како Офицерскиот Дом и Театарот, режимот на Караѓорѓевиќи имал подигнато и коњанички статуи на кралот Петар и Александар пред Камениот Мост. Статуите биле урнати 1941 г. а зградите настрадале во земјотресот од 1963 г. Но, сите тие градби, заедно со слични статуи со ликови на македонски револуционери ги подигна власта на Груевски со проектот „Скопје 2014“, чија намена, покрај колосално перење државни пари, беше промоција на моќта на Груевски и неговата партија.

Една од последиците е „враќање“ на ликот на градот од времето кога, според самите партиски идеолози, државата била „колонизаторска“. Иронично, ситуацијата во која една политичка сила ја колонизаторски ги експлоатира институциите и граѓаните сосем се поклопува со дефиницијата на „заробена држава“, термин кој Европската Унија го употреби за антидемократскиот систем кој владееше со Република Северна Македонија до 2017 г.