Како да бидеш ученик во пижами или ученик без соученици? Како ќе се родат првите љубови? Преку интернет? Зарем ова не се валидни прашања?

Фадил Лепаја

Продолжувам со упорност и посветеност да се грижам за облеката, училишната униформа, распоредот за задачи / часови, средувајќи ги книгите по распоред за да ја олеснам малку џиновската чанта што моето дете-тинејџер треба да ја носи секој ден на нејзините кревки раменици . Дигиталната книга можеби е корисна, но таа смета дека онлајн наставата сама по себе не е доволна. Училиште дома, не, благодарам!

Друга мајка објаснува како го следи истиот час по кој знае кој пат, не затоа што паднала на тест, туку затоа што ги следи чекорите на своето дете низ основното образование.

Вели дека чита на Интернет, секогаш од најдобрите автори.

Живееме во конфузија создадена од пандемијата и … од технологијата. Јас пораснав во време кога добриот ученик учеше во училишната или во градската библиотека, додека во денешно време технологијата нуди можности за учење од далечина за време на пандемија, со цел да се обезбеди потребното социјално растојание меѓу децата. Но, стариот систем не функционира без училишното ѕвонче и еден куп студенти наоколу. Од каде ќе земаат плати десетици илјади наставници?

Една мајка се жали на технологијата, исто колку и на вирусот, за кој верува дека е производ на биотехнологијата. Друга се жали дека стариот модел е несоодветен за мерките во пандемија. Дали вреди загриженоста и опасноста да одите и да седнете пред наставник, заедно со уште 30-40 други деца за да го добиете знаењето кое во денешно време може да се најде во секој уред за комуникација, прашува трета, не тргнувајќи го погледот од нејзиниот iPad.

Зарем нема право? Google, Youtube и други апликации носат еминентни педагози и научници пред вас во вашиот дом, додека вие сè уште лежите на вашиот кревет, пиете „дигитален“ пијалок и се образувате. Образованието денеска се враќа како задача на мајката (или можеби на таткото, имајќи предвид дека, во денешно време, за време на изборните кампањи има политички партии кои промовираат „мајчинство“ без оглед на полот).

Како можете да бидете наставник ако нема час или ученици? Ако не ѕвони ѕвончето или ако нема зимски одмори? Како да бидеш ученик во пижами или ученик без соученици? Како ќе се родат првите љубови? Преку интернет? Зарем ова не се валидни прашања?

Вирусот и пандемијата не ни ја донесоа конфузијата. Бирократскиот систем е тој што не наоѓа решение за реформа на образованието, така што со користење на најдобрата технологија и организациски вештини би се постигнале многу подобри резултати, децата не би се заморувале толку многу, а родителите не би морале да посетуваат исти часови по неколку пати. Да се има дете на училиште е како втора работа со полно работно време. А што ако имате две деца? Друга мајка се жали дека полудува што нејзините деца се по цел ден дома, додека таа е онаа што ги извршува нивните домашни задачи и ги испраќа преку е-пошта!

 

Фадил Лепаја, писател, колумнист за печатени медиуми во Косово, Албанија и Северна Македонија, политички коментатор за медиуми на албански и српски јазик во Косово, Србија итн.