Дури и кога жените престануваат да молчат, кога солидарно се организираат во своја заштита и покренуваат акции за промена на свеста, секогаш недостига вистинска завршница, која би резултирала со општествена промена.

 Ураниja Пировска

Насилството кулминира за време на војна и навидум престанува со спуштање на оружјето, но културата на насилство, особено кон жените на овие простори, е константа и во мирни времиња. Покрај екстремните форми како фемицидите и силувањата, оваа мизогина култура изминативе години најде широко поле за своја манифестација и преку дигиталните орудија. Малтретирањето и вознемирувањето, кое во својата срж е засновано на омразата кон жените, претставува една нерамноправна и секојдневна борба на илјадници жени.

Иако секогаш сме биле далеку од тоа да бидеме ,,скандинавци’’, повеќе од легитимно е прашањето, зошто нашите општества, во кои жените добиле право на глас и на учество во јавниот живот (порано и од некои земји кои се далеку поразвиени), сѐ уште се соочуваат со назадно, насилно и дехуманизирачко постапување. Кон девојките и девојчињата, кон сопругите, мајките, сестрите, колешките. Како е можно и понатаму да биде вообичаено, една половина од човечкиот потенцијал да биде третирана како помалку вредна од машката половина?

Одговорот е несомнено комплексен, исто како што е и проблемот. Транзицијата, во нашиот регион беше придружена со оружени конфликти, крвопролевање и воскреснување на чудовишни идеологии кои немаат никаква толеранција кон ,,другите’’, различните, поранливите. Врз свежите рани од војните, многу лесно јакнеше улогата на религиите, а со тоа и на конзервативните политики воопшто. Во едни такви услови, појавата на антиродови движења на глобално ниво лесно дојде до свои локални претставници и застапници на ретроградни идеи и во политичкиот живот. Конечно, како последица на сето ова, но истовремено и како дополнителна причина за потхранување на деградирачкиот однос кон жените, е непостапувањето  од страна на државните институции во случаи со родово засновано насилство.

Непрофесионалниот однос на органите на прогон, лишен од каква било сензибилизација за овие прашања, придонесе за создавање пракса на неказнивост, на атмосфера во која жртвите се плашат да пријавуваат поради понатамошна виктимизација, како и на една правна состојба во која и покрај усвојувањето на прогресивни политики како што е Истанбулската конвенција, состојбата на терен се менува бавно или воопшто не се поместува од статус квото во кое женскиот живот, но и женскиот телесен и психички интегритет помалку се вреднува.

Сѐ на сѐ, не би било претерување ако речеме дека насилието врз жените на Балканот почесто завршува со епитаф, наместо со правен епилог. Тоа е затоа што државата попрво би ја измачила жртвата на насилство, релативизирајќи го тоа што таа го доживеала и преживеала, отколку да го санкционира насилникот. Дури и кога жените престануваат да молчат, кога солидарно се организираат во своја заштита и покренуваат акции за промена на свеста, секогаш недостига вистинска завршница, која би резултирала со општествена промена. Регионалната реакција на активистките околу случаите со сексуално вознемирување на интернет преку групи на платформата Телеграм (Јавна соба 1 и 2, Balkan room, Гевгелија Хаб, Српска соба, Смоква и други) своевремено го привлече вниманието на јавноста низ цел Балкан, но кривични постапки се иницираа само за мал број од сторителите. Притоа, тие што  одговараа пред законот, беа гонети само за „производство и дистрибуција на детска порнографија“, додека полнолетните жртви и понатаму остануваат без заштита и правда. Сличен е и третманот кој го добиваат жените и девојките од регионот, кои се охрабрија да пријават сексуално насилство под хаштагот ,,НисамПријавила’’.  Ако жртвата е потоа игнорирана или напаѓана повеќе од сторителот, тогаш како да најде волја и сила да истапи, да го пријави, да се бори?

Подобар свет е можен  само кога ќе почнеме вистински  да ги адресираме сите форми на насилство, вклучувајќи ги и вкоренетите светогледи, според кои не само што не постои такво нешто како што е родовата еднаквост, туку односите на надмоќ се манифестираат со изливи на сила и малтретирање. Културолошките промени не се случуваат прекуноќ, но тие може вистински да се забрзаат само со промени во институциите и во начинот на кој се третира и санкционира насилството иницирано од омраза. Токму затоа, женските движења, покрај тоа што мора да го јакнат својот отпор кон конзервативизмот и патријархатот како нивен природен непријател, покрај постојаните напори за промена на свеста во своите заедници, мора да бидат и крајно упорни и доследни во борбата, за демократизирани и сензибилизирани институции и за целосна правна, економска и социјална заштита.

 

Ураниja Пировска, извршен директор на Хелсиншкиот комитет