Црна Гора деновиве, но и годиниве, ја тресат скандали со прислушување, што укажува на слаби контролни механизми, но и отсуство на одговорност за очигледните злоупотреби на Агенцијата за национална безбедност.

Туфик Софтиќ

Деновиве Црна Гора ја тресе случајот со пронаоѓање уреди за прислушување во канцелариите на Специјалниот државен обвинител, за кои осомничениот, поранешниот шеф на Агенцијата за национална безбедност, Дејан Перуничиќ, призна дека биле поставени во негово време.

Јавноста бара и очекува одговори на прашањето по чиј налог и за кого постапувал тогашниот прв човек на Агенцијата за безбедност, бидејќи верзијата дека Агенцијата го прислушувала специјалниот обвинител „за свои потреби“ и за нивна анализа навистина изгледа повеќе од наивна.

Сето ова се случи само неколку дена откако поранешниот шеф на црногорската контраразузнавачка служба на АНБ, Лука Булатовиќ, изврши самоубиство, оставајќи порака дека „не знаел многу работи што морал да ги знае“. Затоа се истражува можната поврзаност на случајот со прислушувањето и самоубиството на високорангираниот агент на АНБ.

По минатогодишната промена на власта и преземањето на безбедносниот систем од рацете на Демократската партија на социјалистите, повторно се актуелизира уште една голема афера, која со години е обвиткана во мистерија: каде исчезна и кај кого сега се наоѓа уредот за прислушување наречен „Јагуар“.

Се шпекулира дека системот „Јагуар“ сега би можел да биде во рацете на паралелните безбедносни структури кои ДПС се обидува да ги воспостави, не помирувајќи се со пораз и по три децении владеење со Црна Гора.

„Јагуар“ своевремено беше во сопственост на поранешната армија на државниот сојуз на Србија и Црна Гора. Она што е единствено познато е дека системот го користел Петтиот воено разузнавачки центар со седиште во Подгорица.

Откако се постави прашањето за неговото исчезнување, од тогашните владејачки кругови единствено се обидоа да ја релативизираат неговата вредност и употребливост поради неговата наводна застареност.

Добро упатен извор тврди дека, сепак, колку и да се појавиле нови генерации уреди за прислушување, „јагуарот“ е сѐ уште конкурентен.

„Јагуар“ пристигна во Црна Гора од Хрватска на почетокот на војната во 1990-тите години и распадот на поранешната ЈНА.

По повлекувањето на југословенската војска бил префрлен во Подгорица и ставен во командата на корпусот. Армијата на СЦГ тогаш го користеше за да го следи секој што беше интересен.

„Јагуар“ беше во Подгорица до референдумот за независност. Добро упатен соговорник смета дека „јагуарот“ сигурно не ја напуштил територијата на Црна Гора.

Системот за прислушување „јагуар“ може да следи пет илјади телефонски разговори во минута од далечина до сто километри. Со него можете да ги слушате сите жичени и безжични телефонски комуникации, радио врски, станици и системи, а многу успешно декодира телефони. Овој уред за прислушување може да го лоцира лицето што се следи во радиус од пет метри.

Скандалите со прислушување во Црна Гора се вжештија уште пред осум години, па веќе не се знае кој кога прислушува.

Се започна со аферата „листинг“, од која јавноста дозна дека наводно на телефонска врска биле избеганиот нарко бос Дарко Шариќ и тогашните министри за финансии и за надворешни работи.

Продолживме со листингот на разговори меѓу пребегнатиот шеф на балканската мафија, Насер Кељменди, и високи политичари и функционери на црногорската АНБ продолжи. Беа следени и прислушувани и странски дипломати, особено од земјите членки на НАТО.

На почетокот од годината беше откриено дека АНБ незаконски прислушкувала независни интелектуалци и новинари на независни медиуми, поради што се поднесени кривични пријави против разрешениот директор на АНБ, Дејан Перуничиќ, и неговите соработници.

Последните скандали во Црна Гора само ги подгреаа стравувањата и сомнежите дека во Црна Гора, покрај официјалните безбедносни служби и строгите законски процедури, којзнае кој може, практично, без никаква контрола и одговорност, брутално да ги гази човековите права и да го прислушува секого што „не му е по волја“.

 

Туфик Софтиќ, истражувачки новинар од Беране