Кога во Црна Гора ќе се завртиме околу себе, гледаме дека немаме левица, туку дека на нејзино место е десница која лажно се претставува. Постоечката номинална десница, пак, е конзервирана во борби кои припаѓаат на одамна минато време.

Стефан Џукиќ

Тектонските пореметувања кои настанаа по падот на Берлинскиот ѕид, по распадот на Советскиот сојуз (а попатно и на СФР Југославија), и трансформирањето на тогашната левица во Европа и САД во партии на „третиот пат“ во голема мера пореметија каква било идеја за постоење на политички спектар. Со самото тоа, денеска е неблагодарно да зборуваме за диференцирање на лево и десно, со свест дека левицата и тоа како живее во Јужна Америка, но само повремено крева глава во Европа (растот на поддршката на Меланшон во Франција, лабуристите за време на Корбин во Британија, поединечни ЕУ партии собрани во ПЕЛ). Такво нешто е уште потешко во држава која во тие термини, поради предолгата непроменливост на власта, е прет-политичка.

Колку и да сакаат пуристите да ги водиме поделбите лево-десно врз основите Маркс-Смит, тоа денеска не е случај. Тие се претворија во дијапазон од разидувања кои неретко ги диктираат актуелните случувања во САД или во некои други влијателни земји. Така, тие раздвојувања ги наоѓаме во прашањето НАТО-Русија, атеизам-религиозност, како и во цела низа социјални прашања за бракот, абортусот, ЛГБТИК правата, прашањата за безбедност, имиграции и слично.

По Втората светска војна, власта во Црна Гора ја носеа номинални „левичари“ сѐ до 2020 година. Имено, црногорскиот огранок на Советот на комунисти во 1991 година се трансформира во Демократска партија на социјалистите, а со неа, од 1997 година па натаму, власта секогаш ја сочинуваа и некои други партии кои по име беа социјалистички. Верувам дека секого би го изненадило дека партии со вакви имиња претседаваa со апсолутната распродажба на некогашните општествени, а тогашни државни имоти, дека економски ја форсираа идејата за слободен пазар и за неолиберализам, која во пракса беше чист кронизам, тип на капитализам во кој врските меѓу лидерите од политиката и од бизнисот ги отвораат сите деловни врати. По промената на власта, нивниот најголем ангажман во поглед на економијата беше жестоката критика на реформата во чија основа е зголемување на минималната плата. Да бидеш левица, а да развиваш кронизам, да распродаваш државен имот и да се бориш против минимална плата е чист оксиморон. Истовремено, овие партии не беа во склад со левите идеи на антимилитаризам, антиимперијализам, космополитизам, прогресивен систем на оданочување, буџетско фаворизирање на здравството, школството, јавниот сообраќај и вложувањето во универзални системи за право и сигурност.

Десницата, од друга страна, се однесува како да се наоѓа во седумдесетите. Не е спорно дека конзервативниот спектар секогаш малку каска зад актуелните случувања, но враќањето на теми кои и современата десница одамна ги има решено претставува модус на однесување. Константно се зборува за аманетите на владетелите од претходните векови, за верата прадедовска и душата словенска, за тоа да „живееме како нашите стари“, истовремено кокетирајќи со теориите на завера од маргините на западниот десен спектар додека се борат против „злото на современиот свет“. Разлики меѓу доктрините на овие политичари и на религиските водачи речиси и не постојат, и неретко тие политичари и се кријат меѓу догматските изјави на религиозните великодостојници.

Кога така ќе се завртиме околу себе, гледаме дека немаме левица, туку дека на нејзино место е десница која лажно се претставува. Постоечката номинална десница, пак, е конзервирана во борби кои припаѓаат на одамна минато време. Во Црна Гора можете да кажете дека сте левичар или десничар, но немате партија која идеолошки ве претставува, ниту која ја интересира онаа основа – Маркс или Смит.

 

Стефан Џукиќ е дипломиран филозоф, колумнист и есеист