Ефикасна борба против корупција во општеството не беше возможна без политички промени, но сѐ уште не знаеме дали политичката промена навистина е и доволна за големи антикорупциски дела.

Стево Мук

Кога ќе кажеш „корупција“, на луѓето во Црна Гора им паѓаат на памет бројни големи случаи. Меѓу нив, по нејзината очигледност и бескрупулозност, ја издвојувам аферата „Лименка“ – купопродажниот аранжман меѓу државата и родениот брат на тогашниот претседател на Владата, Мило Ѓукановиќ. Со работењето и неработењето на повеќе министри за внатрешни работи, директори на полицијата и други функционери направена е повеќемилионска штета за државниот буџет и повеќемилионска добивка за Братот. Под притисок на опозицијата, медиумите и НВО, Специјалното државно обвинителство ја одолговлекуваше истрагата речиси цела деценија, за на крајот да заклучат дека нема основа за кривично гонење. Штетата за државниот буџет од приближно седум милиони евра (и користа за братот на премиерот) остана без каква било одговорност – кривична, прекршочна, дисциплинска, етичка, политичка.

 

Меѓутоа, корупцијата во Црна Гора е многу повеќе одошто збирка на големи и познати случаи кои се само врв на ледениот брег. Еден познаник своевремено ми кажа дека корупцијата во општинската зграда е присутна почнувајќи од домарот, па сѐ до градоначалникот – домарот го продава вишокот средства за хигиена, а градоначалникот го зема својот дел на големите тендери. Всушност, корупцијата низ годините и децениите стана „единствената игра во градот“ во која секој си пронајде некое свое место и некој свој дел.

 

Црна Гора деновиве избира влада која за првпат не е сочинета од партии што владееле во претходните децении. Искуството ни кажува дека ефикасна борба против корупција во општеството не беше возможна без политички промени, но сѐ уште не знаеме дали политичката промена, освен што беше неопходен услов, навистина е и доволна за големи антикорупциски дела. Затоа со право се поставува прашањето: „Што ќе направите во борбата против корупцијата и организираниот криминал?“. Ветувањата се бројни, а очекувањата големи – дека ќе биде докажано она што критичката и опозициската јавност со години го гледаа и го тврдеа, а пред кое „заробената држава“ упорно затвораа очи. Дел од јавноста очекува со една голема акција „да им се сотре трагата“ на корупцијата и на криминалот, особено на високо ниво (мислејќи притоа на високите функционери и на тајкуните на поранешната власт). Се повикува на лустрација, на отворање досиеја, на испитување на потеклото на имотите. Регионалните искуства зборуваат дека сето тоа е полесно да се изговори одошто да се спроведе.

 

Вистинското прашање е дали, во некој догледен рок, ќе бидат воспоставени независни, професионалнни и одржливи институции кои ќе можат да обезбедат владеење на правото, без оглед на идните политички промени. Затоа што, дури и ако се пресметаме со корупцијата од минатото, што ќе правиме со корупцијата од иднината? За неа, освен мечот на репресијата (полицијата, обвинителството и судството), пред сѐ ќе ни бидат потребни механизми за превенција (спречување) кои ќе го градат, оснажуваат и охрабруваат интегритетот на јавните службеници и на јавните служби.

 

Во  претходните години се нагледавме десетици превентивни механизми кои останаа мртви букви на хартија. А политичката волја, која толку долго изостануваше, и понатаму ќе биде на испит, соочена со опструкциите на „стариот режим“ и со предизвиците макар дел од наследените механизми да ги злоупотреби за зачувување на новата власт. Во сите времиња, корупцијата води кои слабеење на државата и кон сиромаштија, а во ова актуелно време на тешка економска криза, Црна Гора има речиси егзистенцијална причина „да ѝ стапне со нога на врат “ на корупцијата.

 

Покрај процесот на изградба на независните институции, кои и ги водат и ги сочинуваат луѓето, и понатаму во ова општество ќе бидат неопходни оние што даваат голем придонес во откривањето на корупцијата – независните медиуми, истражувачките новинари и невладините организации, но и инсајдери (свиркачи) – храбри луѓе од самиот систем.

 

 

Стево Мук е претседател на Управниот одбор на невладината организација „Институт алтернатива“, истражувачки центар од Подгорица. Се занимава со истражување на јавната управа, корупцијата и владеењето на правото.