Додека слушаме приказни за помирување, кохабитација, стабилизација, ние всушност го умртвуваме нервот на побуната и се помируваме со трошките што ни ги оставиле транзициските добитници.

Срѓан Периќ

 Поединецот или колективот кој не учи од искуство е препуштен на стихијата на повторувањето. Инерцијата на заборавот толку нѐ успива до степен да не ги распознаваме калапите на случувањата кои толку грубо нѐ обликувале. Затруени со омраза, во вител од случувања кои не сме ги разбрале, презрени поради искушенијата на кои не сме одолеале, живееме остатоци, да го наречеме тоа прецизно, од нашите егзистенции.

Додека слушаме приказни за помирување, кохабитација, стабилизација, ние всушност го умртвуваме нервот на побуната и се помируваме со трошките што ни ги оставиле транзициските добитници. Останува неизвесно колку време ќе ни биде потребно за да сфатиме дека, од сите поделби, најразорна е онаа што го дели животот на рати од кредит.

Опивачките приказни за посебноста на нацијата си ја вршат целта: додека како заедница пукаме, класната формација од другата страна на масата непречено врши мутации кои само ја оживуваат. Токму кога една олигархија ќе биде прозрена, се создава нова и низ симбиоза или соединување со старата – ѝ дава нов живот. Бидејќи, да не е таа „свежа крв“, претходната постепено би исчезнала. Оваа рамка за мимикриран класен судир нѐ доведе до тоа да не го гледаме она што е очигледно: животот проаѓа крај нас.

Ако сте сомничави дека зад овие редови се крие песимизам, еве бројки: просечната плата во Црна Гора во јануари била 530 евра, а точно десет години порано – 518. Во истиот интервал, минималната потрошувачка кошничка е намалена од 754 евра на почетокот од 2011 година, на 643 евра на почетокот од оваа година. Каматата на станбените кредити од почетокот од тој период знаеше да биде околу 9%, за сега да дојде до ниво на нешто под 5%, додека цените на квадратот во зависност од локацијата и моментот на пазарот имаа значителни варијации и до преку 40%. Така, за стан од 60 метри квадратни во Подгорица, некогаш ратата за кредит на 25 години изнесуваше околу 500 евра. Сега, со зголемената цена на квадратот, а намалена каматна стапка, за истиот периот може да биде меѓу 480 и 490. Каматата речиси двојно помала, просечната заработка приближна – а ратата скоро иста. Нелогично? Не, сосема логично, баждарени сме точно колку што можеме да поднесеме. Да забележиме овде: во богатите земји од ЕУ, таа камата е и значително под 2%, а заработките и преку 6 пати поголеми. И додека голтаме национални приказни, а јадеме сѐ послаба храна, помалку водиме сметка за здравјето, повеќе се изложуваме на стрес, јуриме кон точката на триумфот на бесмислата – кога од овој збир на коски и месо ќе ни остане само школка од која ѕвечи празнина.

Залудни се приказните за решенија, за социјални станови, за формирање на станбени фондови, нашето пијанство е на голема оддалеченост од точката на отрезнување.

Ние не ја изгубивме можноста да ги решиме проблемите, ја изгубивме способноста да ги препознаеме. По децении на прогонување на слободната мисла и говор, притисокот на кавгите по социјалните мрежи, нападите врз елементарната логика во јавниот простор, трупањето на теории на заговор – станавме запуштени. На добар пат кон заостанатост. Ги испуштивме исцелувачките средства кои го крепат разумот – образованието и преиспитувањето. Ние не умееме подобро, иако можностите кои ги имаме пред нас никогаш не биле поголеми. Станавме заробеници кои клучот од бравата го имаат во џебот, но тоа ниту го чувствуваме, ниту го знаеме. Клучот на несогласување и побуна. Бидејќи, поинакви можеме да бидеме само ако тоа навистина го сакаме.

До тогаш, плати рата од кредитот.

 

Срѓан Периќ, граѓански активист, еден од основачите на НВО КОД од Подгорица