Реалноста каква што ја знаеме, во која жените не се заштитени поради мизогинистички практики и патријархални норми, јасно се отсликува во дигиталниот свет и во моделите на однесување што можеме да ги забележиме онлајн.

Софија Тодоровиќ

Онлајн насилството има родова димензија, која станува сѐ повидлива како што расте бројот на жртви. Во пресрет на 25 ноември, кој традиционално се одбележува како Меѓународен ден за борба против насилството врз жените, важно е да зборуваме за предизвиците кои се родово одредени, а со кои се соочуваат жените во дигиталната средина, без разлика на нивната професија.

Веќе некое време слушаме како дигиталното насилство има силно влијание врз слободата на говорот и изразувањето, како и врз општата психолошка состојба на оние кон кои е насочено. Сепак, особено за време на пандемијата на коронавирус, родовата компонента на онлајн насилството стана повеќе од очигледна.

Минатата година, во овој период, на социјалните мрежи се појави фотографија од пациентка која била сместена во „Арената“, која во тој момент беше место каде што лежат заболените од коронавирус. Пациентката е неовластено фотографирана додека се пресоблекувала откако била примена во „Арена“, за да се направат потребните анализи. Фотографијата со нејзиното тело беше споделувана со брзина на светлината, а медиумското покривање беше претежно сензационалистичко и неадекватно. Ова е само еден од примерите што укажува дека ниту една жена не е поштедена, дури и кога е во болница; женското тело се третира како предмет кој им припаѓа на сите и на кој јавноста има право, дури и за обична забава. Фотографијата сѐ уште може да се најде на социјалните мрежи, а идентитетот на пациентката е објавен во таблоидните медиуми бидејќи, според Курир, жртвата им се обратила.

Истражувањето на БИРН наведува дека во Србија, Црна Гора и Босна во периодот од 2016 до 2020 година биле поднесени 263 тужби за неовластено споделување фотографии или видеа. Истите резултираа со 35 осудувачки пресуди.

Само во Србија, според јавно достапните податоци, кога станува збор за кривично дело неовластено фотографирање, во периодот од 2016 до 2019 година се поднесени пријави против 80 лица, од кои 18 се обвинети. Осудени се четири лица. Во истиот период поднесени се и тужби против 51 лице за неовластено објавување и прикажување на фотографии и снимки на друго лице, од кои 22 се обвинети. Повторно, само четири лица се осудени.

Случаите поврзани со стекнување и прикажување порнографски материјали во кои се вклучени малолетници се зголемиле од 24 на 40 од 2019 до 2020 година, а само во првите три месеци од оваа година имало уште 12. Бројот на случаи на следење исто така се зголемил од 43 на 60 меѓу 2019 и 2020 година, со дури 35 случаи во првиот квартал од 2021 година.

Достапните податоци сугерираат дека мотивацијата за пријавување насилство што се случува во дигиталната средина е мала, ако се земе предвид судскиот епилог. Од друга страна, заштитните механизми речиси и да не постојат или не функционираат. Социјалните мрежи имаат стандардни обрасци за пријавување на содржини кои се споделуваат без согласност, а кога штетната содржина е веќе објавена, многу е тешко да се отстрани од Интернет.

Самото известување за случаи на напади врз жени користи јазик на сензационализам и ретко укажува на основните етички принципи за почитување на жртвите и оштетените, особено во мејнстрим медиумите. Разни феминистички групи неуморно се обидуваат да укажат на овие проблеми преку промовирање на принципите на солидарност и избегнување на секундарна виктимизација, но институционалниот одговор сè уште не е на повидок.

Трендот за кој зборуваме не е поврзан само со Србија, тој важи и за други земји од регионот; во регионалната база на податоци на БИРН можат да се најдат случаи на прекршување на дигиталните права од шест земји.

Реалноста каква што ја знаеме, во која жените не се заштитени поради мизогинистички практики и патријархални норми, јасно се отсликува во дигиталниот свет и во моделите на однесување што можеме да ги забележиме онлајн. Во однос на останатите карактеристики, жените можат да бидат повеќе или помалку подложни на различни форми на онлајн насилство, но ниту една од овие карактеристики не значи дека жената нема да стане цел на родово мотивирани онлајн напади, без разлика дали станува збор за лекарка, новинарка, домаќинка, активистка, адвокатка, премиерка, касиерка. Општествата во регионот продолжуваат да се обидуваат да најдат врска помеѓу однесувањето на жените и насилството на кое тие се изложени, занемарувајќи дека одговорноста лежи секогаш и само во оние кои вршат насилство.

 

Софија Тодоровиќ, проект менаџер во БИРН