Како уникатната идеја на млада дама од Северна Македонија се покажала како полн погодок.

 Софија Дацева

 Јас сум 27-годишна жена-претприемач и основач на три компании, две во Северна Македонија и една во Обединетото Кралство. Моите компании се специјализирани за развој на иновативни технолошки процеси во индустријата за храна и пијалоци, кои ќе понудат додадена вредност за целните потрошувачи и ќе имаат позитивно влијание врз животната средина.

Мојата прва компанија Matryoshka е основана пред 5 години и е специјализирана за производство на сладолед од вино (го нарековме WICE). Иако идејата за комбинирање на вино и сладолед изгледа привлечна, процесот е многу сложен. Главната причина е разликата во точките на замрзнување, односно точката на замрзнување на виното може да достигне до -18℃, додека сладоледот замрзнува на 0℃.

Се опседнав со идејата за создавање сладолед од вино додека ја завршував последната студиска година на универзитетот во Лондон. Требаше да дипломирам на катедрата за финансии и претприемништво и веќе имав понуда за работа во финансискиот сектор. Како и да е, отсекогаш сум негувала страст кон прехранбената индустрија и создавање нови производи, па кога ја добив идејата за сладолед од вино, „прогуглав“ и сфатив дека нема ништо слично достапно на пазарот. Единствениот сладолед од вино развиен дотогаш беше „вбризганиот“ вински сладолед, каде вкусот и мирисот на виното се зачувани во сладоледот, но најголемиот дел од алкохолот, всушност, испарил.

Верував дека ако успеам да развијам сладолед кој, всушност, го задржува алкохолот внатре, тоа ќе има потенцијал да предизвика промени во индустријата за сладолед и да создаде нова форма на консумирање вино. Во 2017 година продолжив на постдипломски студии на Универзитетот во Ворвик, со специјализација во секторот Иновации и претприемништво. Таму успеав да потврдам доказ за концепт и набрзо го тестиравме сладоледот низ кампусот и победувавме на натпревари.

По магистерските студии решив да се преселам во С. Македонија и тука да ја изградам производната линија. Во 2018 година успеав да го освојам мојот прв грант од Фондот за иновации и технолошки развој, кој претставуваше отскочна штица за да се доведе WICE до фаза на преткомерцијализација. Во овој момент имаме чашка WICE од 180 ml што може да има подеднаков ефект како да сте испиле чаша вино. Од 2018 година, старт-ап екосистемот во Северна Македонија почна силно да се развива. Имаше многу нови можности за МСП, меѓу кои и акцелератори кои понудија инвестиции. Во 2020 година ја добив мојата прва инвестиција од X-Factor Accelerator што ми помогна да изградам целосна производствена линија за производство на вински сладолед. Истата година отворив филијала во Велика Британија, бидејќи голем синџир супермаркети покажа интерес за продажба на WICE во Англија. Очекуваме да започнеме со продажба на WICE и во „Тинекс“ во февруари 2022 година.

Мојата друга компанија, WISE Group, беше основана случајно и никогаш не планирав овој производ да стигне толку далеку. Во 2019 година бев во посета на една локална винарија во Северна Македонија и го открив комињето. Се шокирав кога ги видов големите количества комиње што се фрла на депониите. Зедов мал примерок со намера да го ставам во винскиот сладолед. Откако ги добив резултатите, сфатив дека комињето е многу богато со антиоксиданси, растителни влакна, витамини – сето тоа е многу корисно за здравјето на луѓето. Неколку месеци подоцна, го развивме мултифункционалниот адитив од комиње. Овој додаток внесува растителни влакна, антиоксиданси и претставува природна состојка за боење на храната и планираме да го продаваме на производителите на храна. Во моментов, производителите на храна користат три различни адитиви за да ги добијат овие карактеристики во нивниот финален производ, додека WISE адитивот ќе претставува единствен производ со 3 функционалности, понуден по исплатлива цена.

Нашата цел за следната година е да стигнеме до фаза на комерцијализација на двата производи и, уште повеќе, да станеме меѓународен бренд, а во исто време да продолжиме со одржлив развој, бидејќи имаме само една планета и секој треба да учествува во нејзината заштита.

 

Софија Дацева, извршен директор на Matryoshka