Во слободниот пад во кој летаме како општества веќе триесет години, образованието и воспитувањето на младите е најмногу понижено.

Слободан Савовиќ

Со распадот на СФРЈ се распадна и системот на општествени вредности според кој живееле предците на денешниот Регион, а кој ниту по триесет години не е обновен. Приказната за ЕУ интеграциите на сегашните политички елити претставува алиби за неспособноста да изградат нови општествени вредности на Балканот. Сопствени вредности кои Европската Унија, во своите различности, би ги прифатила како свои.

Во слободниот пад во кој летаме како општества веќе триесет години, образованието и воспитувањето на младите поколенија (нашата иднина) е најмногу понижено. Тоа е и логично, бидејќи просветата е архитектура на секое општество. Маргинализацијата на просветната професија е ендемска појава, која се манифестира преку скромната материјална положба на просветните работници, неадекватните наставни планови и програми и по трендовите на врсничко насилство, опасни за целото општество. Сето тоа заедно доведува до понижување на Наставничката личност и професија. Конечниот облик на така опструираниот просветен систем се таканаречените „конфекциски професори“, кои ги просветлуваат умовите на новите генерации на Балканот.

Имав исклучителна среќа и чест што сум повикан да работам со млади и да им ја понудам светлоста на знаењето и на доблестите. Да ги ослободиш младите луѓе од сите окови, од плевелот на незнаењето и невоспитаноста и да ги научиш да мислат со сопствена глава, тоа е животна награда вредна за трудот на просветниот работник.

Многу препреки стојат на патот на растењето на новите генерации. Времето во кое растат нашите деца бара да бидат делови од мноштвото, група. Само така ќе ги препознае системот: единки оттуѓени во мноштвото исти.

Додека растат, како цел им се наметнуваат евтини материјални вредности и примери. На почетокот во училиште тоа се добрите оцени, па потоа хартиените дипломи од училиште и од факултет, работа преку врски и, конечно, кредити од банка, за во иднина да бидат заробени со автомобили, станови… Како модел се наметнува функцијата без содржина. И, како што е одамна речено, групата луѓе нема лице, личност, одговорност, не трпи лични вредности. Со групата неподносливо лесно се манипулира, таа заборава што е нејзината корист и среќа. Штом станеме статистички број во група, сме одбрале да нè жигосаат и да нè одведат во трла, сеедно дали се тоа национални, верски или кои било други. А тоа е, за жал, нашето секојдневие речиси триесет години.

За да не бидеме конфекциски професори на кои срцето им е на погрешната страна од телото, мораме, за почеток, да признаеме одговорност пред идината на нашите општества. Образованието е единствениот штит и светлина кое можеме да го имаме во животот. Единствено со знаење можеме да се сочуваме себеси како единка и да ослободиме други луѓе, да изградиме сопствени вредности што ќе бидат наш придонес за ова општество и за иднината на нашите деца.

На знаењето му прилега насмевка, а на незнаењето подсмев. Не постои поинаков пат.

 

Слободан Савовиќ, професор по историја и по географија; генерален директор на Директоратот за општо средно образование, стручно образование и целоживотно учење во рамките на Министерството за просвета на Црна Гора