Улогата на жените од селото е голема во животите на сите нас, но останува надежта дека ќе почне повеќе да се признава нивната работа, дека ќе бидат повеќе платени и дека ќе имаат поголема социјална сигурност.

 Слободан Ковач

 Меѓународниот ден на жените на село е воспоставен со резолуција во Обединетите нации во 2007 година и оттогаш се одбележува на 15 октомври.

Според податоците на ОН, четвртина од светската популација ја сочинуваат жените на село. Тоа се мајки, баби, сестри и ќерки кои низ вековите работеле, граделе, чувале и готвеле, но никогаш не биле доволно забележани. И навистина, товарот на домаќинството отсекогаш паѓал на грбот на жените. Освен работите кои ги извршувале дома, готвејќи оброци, шиејќи и перејќи облека, одгледувајќи деца и грижејќи се сè да биде уредно, ги чекале и работи на имотот.

Покрај мажите, кои воделе сметка за потешките работи, неретко и жените биле ангажирани кога се ора, се копа, се собира сеното и или се чува стоката. Меѓутоа, она што дополнително го отежнувало нивниот живот во патријархалните семејства било тоа што тоа работење се подразбира како секојдневна обврска и многу често не било признаено или пофалено. Велат дека работата во домот најмалку се забележува, но нејзиното отсуство е и тоа како забележливо. Денеска може да се слушне став дека технолошките достигнувања и изумот на земјоделски машини во голема мера го олесниле животот на жените на село. Особено во селата во рамница, каде што употребата на земјоделски машини е можна и покорисна. Мотиките, греблата, лопатите и останатите алатки полека почнуваат да се оставаат, но тоа сепак не значи и намалување на работата, затоа што животот на село бара човечка рака.

Современото доба донесе и можност жените од руралните подрачја да се школуваат, да стекнуваат знаења и да ги користат во секојдневниот живот. Исто така, се нудат бројни можности за дополнителна едукација околу унапредувањето на земјоделското производство, започнувањето на самостоен бизнис и здружувањето на жени. Сепак, наслушнувајќи ги зборовите на жените од селските подрачја, тие можности ретко можат да ги искористат. Освен што не се доволно охрабрени дека тоа го знаат и го можат, да ја остават куќата и целото домаќинство за да учествуваат на семинари, проекти и други организирани едукативни настани претставува преголем луксуз. Особено во планинските села.

Модерните интернет технологии навистина се достапни за поголем дел од човештвото, но тоа не значи и дека сите жени од босанскохерцеговските села знаат да ги користат и искористат со цел да си го подобрат квалитетот на својот живот и работа. Честопати имаат и отпор кон тоа, бидејќи се чувствуваат како тоа да е предвидено за некои помлади генерации, или дека тоа, едноставно, претставува губење на време, кое можат да го искористат за работа на нивата или во домот.

Живеејќи на село и снимајќи репортажи, имав можност да слушнам констатација дека без жена нема домаќинство, а јас уште би ја проширил оваа реченица велејќи дека без домаќинства нема ни село, а без села нема ни градови, бидејќи, кој ќе го храни нашиот народ? Затоа, не зачудува фактот дека Денот на жените на село и Светскиот ден на храната се слават еден по друг. Значи, 15 и 16 октомври. Улогата на жените од селото е голема во животите на сите нас, но останува надежта дека ќе почне повеќе да се признава нивната работа, дека ќе бидат повеќе платени и дека ќе имаат поголема социјална сигурност. Исто така, важно е да се зборува за жените од село и да се наслушнуваат нивните проблеми во текот на целата година, а не само на овој датум, ако и тогаш некој се сети на нив.

 

Слободан Ковач, политиколог, фотограф и новинар, автор на бројни репортажи од селските подрачја