Сите заедници се затвораат во своите рамки, не сфаќајќи притоа дека верските и националните разлики не се причина за проблемите и конфликтите, причина е ограничената свест во рамките на токму таа заедница.

Слаѓана Кавариќ Мандиќ

Ако го следиме трендот на пораст на бројот на млади со високо образование, може да изгледа дека црногорското општество напредува. Ако го погледнете односот село-град, растечкиот број на миграции кон градот исто така може да укажува на тенденција за модернизација на општеството. Меѓутоа, она што загрижува е што ниту бројот на дипломи, ниту скокот од опинок во лакиран чевел не значат ништо за општествената еманципација.

Во Црна Гора расте степенот на религиозност, а ненадејниот бум и агресивната политизација доволно зборува за природата и основата на тој религиозен модел посеан во 1990-тите. Независно од мултиетничката карта на општеството, истражувањата покажуваат дека многу образовани, светски и напредни млади луѓе сè повеќе се противат на мешаните бракови, и дека затоа придонесуваат повеќе за исцртување невидливи линии меѓу поединците со поинаква културна, религиозна и национална определба.

(http://library.fes.de/pdf-files/bueros/belgrad/15293.pdf).

Зошто толеранцијата не расте со образованието? И зошто образованите луѓе не можат и не сакаат да избегаат од пра-свеста на племето?

Одговорот на овие прашања не е едноставен, бидејќи последицата е многукратно предизвикана. Истражувањата, на пример, покажуваат дека Црногорците и Црногорките живеат најдолго со родителите, а топлото гнездо го напуштаат во просек на 33 години, што значи дека речиси половина од животниот век го поминуваат во положба на дете. (https://ec.europa.eu/eurostat/statistics-explained/index.php?oldid=494351#Geographical_differences). Не морате да следите никакви истражувања за да разберете дека, и по осамостојувањето, родителите не придонесуваат за автономијата на веќе одамна пораснатото „дете“, без разлика колку е старо и економски независно. Напротив, многу почесто се трудат да влијаат на важните одлуки на возрасниот и одамна полнолетен човек.

Без да ја потценувам статистиката, во желбата да ѝ вбризгам крв на статистиката, да ја оживеам, за да не остане само една точка околу која треба да се загрижиме, па потоа да погледнеме во туѓиот, далечен двор, ќе дадам неколку примери од мојата околина.

Скоро секој човек од исламска вероисповед околу мене се смета себеси за загрозен од екстремните православни верници. Имаат право на тоа, бидејќи ако не директно, тогаш пасивно-агресивно, голем број православно одгледани личности не би сакале снаа или зет од друга вероисповед, особено не од исламска, за која веќе постојат некои лоши епитети и речиси општ консензус за различна културна основа. Ако не би прифатиле некого во своето семејство, тогаш секое друго прифаќање е во најмала рака лицемерно.

Но, ова е само една линија на заплетот. Она на што претставниците на исламската заедница немаат право е да се затворат во сопствената група, и така да ги исклучат „неправославните православни“, значи голем број на оние кои не се грижат за религијата, а имаат христијански имиња, што ги става во групата на оние за кои се молиш дека нема да го окупираат срцето на твојата ќерка или син. Ќе ги окупираат некои други окупатори, нели? Економски стабилен зет или снаа од дијаспората, кои се заколнале дека ќе ја зачуваат традицијата и чистата крв, исто како што православниот син ѝ се заколнал на вечна љубов на мајка си, а таа нему на вечен топол оброк што никогаш нема да ѝ го понуди прво на снаата, туку на синот, бидејќи и меѓу „нашата“ крв се знае чија е поблиска.

„Кружењето на крвта“ всушност формира вертикална насока од предок кон потомок. Поентата ми е дека авторитарните рефлекси се пренесуваат генерациски, од колено на колено, и ниту една диплома не може да ги смени. И овие рефлекси се слоевити, во сите деноминации, меѓусебно условени и политички профитабилни. Сите тие наши кутри дипломци се на површината, додека длабоко внатре владее трансгенерациската траума од војната, како и патријархалната замка на доминација во семејството, родот и племето.

Сите заедници се затвораат во своите рамки, не сфаќајќи притоа дека верските и националните разлики не се причина за проблемите и конфликтите, причина е ограничената свест во рамките на токму таа заедница, која со својата деструктивна логика во различноста наоѓа проблем, во спојувањето причина за поткопување, во почетокот наклонетост кон крајот.

Напредокот е прашање на отпор, а не на согласност.

 

Слаѓана Кавариќ Мандиќ е докторант и уредник на порталот Normalizuj.me