Претстојниот попис на населението во Црна Гора е високоисполитизирано прашање. Од номиналното национално, многу е поважно фундаменталното идеолошко определување. Во моментов тоа е дека Црна Гора треба да биде независна, граѓанска исклучиво западно ориентирана држава. Агресивното спротивставување на таквиот идеолошки концепт и загрозувањето на историското право на црногорско самоопределување можат да доведат до поголеми поместувања во однос на населението кон националното прашање.

: Милош Вукановиќ

Сфаќањето на пописот како монотона статистичка процедура е, од историска перспектива, релативно неодамнешна појава и се врзува за држави со силен државен систем  и институции и/или со врамен национален идентитет. Бидејќи Црна Гора не исполнува ниту еден од тие два услови, секако дека и претстојниот попис (наредната година) е високоисполитизирано прашање.

До пописот во 1948 година во Црна Гора немало официјална идентификација по национална, туку само по верска припадност. Во кнежевството/кралството Црна Гора и во Кралството СХС/Југославија можеме да го следиме само конфесионалниот однос на жителите во Црна Гора. На првите пописни листи од 1910 година немало рубрика за национално определување, туку само за вера (православна, мухамеданска, католичка) и за мајчин јазик. Интересно е дека тој попис не препознавал ни Арбанаси. Од друга страна, кога во тоа време државјаните на Кралството Црна Гора во голем број пристигнувале на островот Елис во Њу Јорк, повеќето се изјаснувале како Црногорци, со што сепак покажувале став кон својот идентитет.

На пописот од 1948 година во Црна Гора имало преку 90% Црногорци, очигледно од сите вери, што може да се протолкува како конечна желба за самодефинирање во однос на објективната идентитетска репресија од периодот на Кралството Југославија, желба на победникот во војната за национално единство, но и недостиг на опции и можен страв кај дел од граѓаните да излезат вон државно прокламираниот наратив.

Во текот на периодот на постоење на СФРЈ, имавме промена во структурата на популацијата на Црна Гора со воведување на националната одредница Муслиман и со појавата на Југословените. Забележлива е и одредена осцилација во бројот на Срби. Во 1971 година имало 7,46 Срби. Во 1981 година само 3,32%. Пописот од 1991 година (Црногорци 61,9%, Срби 9,3%) дава суштински национален приказ на Црна Гора, кој потоа ќе влезе во идентитетска криза со случувањата од 90-тите години и со референдумот во 2006 година. Овој турбулентен период го следеше еволуција на посткомунистичките идентитети, каде што дојде до сѐ поизразено потенцирање на посебноста на црногорската нација, од една стрна, и идеолошка замена на одбраната на југословенството со одбрана на српството, од друга страна. Исто така, имавме еволуција и поделба на муслиманскиот идентитет на бошњачки и муслимански. Треба да се нагласи дека промените од 2003 година (Црногорци 43,2 отсто, Срби 32 отсто) во однос на 1991 година се последица и на миграциите предизвикани од војните на териториите на Југославија, односно, на приливот на поголем број бегалци во Црна Гора и на заминувањата од Црна Гора поради економски причини. Пописот од 2011 година (Црногорци 45 отсто, Срби 28,7 отсто) доведе до мали флуктуации на процентите во однос на 2003 година, но, она што беше очигледно е дека црногорскиот идентитет полека се шири кон српскиот, но истовремено и дека делумно губи поддршка кај граѓаните на Црна Гора од католичка и исламска вероисповед.

Факт на кој секогаш морате да сметате во Црна Гора е дека разликите во националното определување во одреден момент можат да бидат културолошки или идентитетски, но и на тоа дека националната идентификација не е толку моќна како кај граѓаните во државите од опкружувањето.

Црна Гора во основа и понатаму е заедница на потомци на независните комуни (племиња, кнежевства) и на локалните изолирани културни заедници кои меѓу првите на Балканот изградиле своја држава. И денеска во Црна Гора речиси сите нејзини граѓани пред сѐ го одредуваат својот идентитет во релација со црногорскиот. Разните варијации и промени и понатаму се, во суштина, реагирање на државната политика кон чија централизација традиционално се негува отпор.

Од номиналното национално, многу е поважно фундаменталното идеолошко определување. Во моментов тоа е дека Црна Гора треба да биде независна, граѓанска исклучиво западно ориентирана држава. Агресивното спротивставување на таквиот идеолошки концепт и загрозувањето на историското право на црногорско самоопределување можат да доведат до поголеми поместувања во однос на населението кон националното прашање. Изгледа дека тој концепт и понатаму не го разбираат многу политички фактори, кои настојуваат резултатите од пописот да ги искористат за свои потреби.

 

Милош Вукановиќ, историчар, специјализант за изучување и презентација на контроверзни теми од 20. век. Некогашен кустос на Историскиот музеј и заменик директор на Народниот музеј на Црна Гора. Во моментов советник во Центарот за граѓанско образование, Подгорица.