Сфатив дека пазарот е немилосрден судија и регулатор. Дека натпреварот на дневна основа те прави подобар и поконкурентен.

Сенад Заимовиќ

Приказна прва

Беше рана пролет, 1989 година. Работев во Младинската програма на Радио Сараево. Му предложив на уредникот Бора Контиќ да набавиме, преку компензација, телефакс, кој штотуку се појави на пазарот.

На презентацијата му ги објаснивме на раководството техничките можности на уредот. Во еден момент, со притискање на копчето copy, покажав дека документот што го испраќаме, примачот го добива како копија. Прашањето беше: „Како може документ да помине низ телефонска жица?!“ Реков: денеска го читате „Тајмс“ во Њујорк, истиот ден и во Москва. Директорката ни нареди да го депонираме факсот во магацинот. А потоа, за еден месец, тогашниот телекс беше заменет со телефаксите на РТВ Сараево.

Приказна втора

Кон крајот на есента во 1992 година добив задача да работам на концептот за реорганизација и обединување на маркетинг службата на РТВ Сараево на едно место, лансирање на РТВ магазин… Помислив дека сите јавни личности од сферата на политиката, културата, забавата… кои доаѓаат во РТВ, како и стотици илјади претплатници, би можеле да добиваат бесплатен магазин со претплатата на РТВ, кој би се финансирал со продажба на рекламен простор. Работејќи на овој проект, сфатив дека Јавниот сервис е поставен според трошоци, а не според профит. Огромниот удел на трошоци во службата го оневозможуваше инвестирањето во програмски содржини. Размислував возниот парк да го претворам во агенција за изнајмување автомобили, педесетина вработени работеа на нивно чистење и одржување. Зошто не би биле на пазарот за да даваат услуги на РТВ, но и на други клиенти, итн. Сфатив дека овој концепт, за жал, е неприменлив. Повеќето луѓе не сакаат да работат според пазарните принципи.

Приказна трета

Во воени околности, од 1993 до 1995 година, бев уредник на серијал тричасовни емисии „Рат Арт“ на ТВБиХ. Напорна работа во невозможни услови. Но, бевме препознаени, па во 1994 година ја добивме наградата на Здружението на новинари на БиХ за Проект на годината. Ме дочека и понуда да бидам уредник на Документарната програма. Се приближуваше крајот на војната. На еден од редакциските состаноци реков: со крајот на војната завршува и нашиот емотивен и патриотски ангажман. Сега следува време за професионален пристап. Подобрите да бидат земени предвид, а полошите да бидат отфрлени.

Приказна четврта

Уважувајќи ја важноста на Јавното радио, ТВ и дигиталниот сервис за општеството како целина, но и неизбежноста на промените, сонував за можностите на модерен Јавен сервис кој ќе произведува документарни филмови, културни, образовно-научни емисии, значи, сите оние програми што се важни за заедницата, а не се комерцијални. Програми кои ќе бидат архивирани на дигитални медиуми и ќе станат значајно наследство за иднината. Сакав да видам Јавен сервис ангажиран во ТВ и филмски продукции, Јавен сервис привлечен за младите луѓе кои ќе учат и стекнуваат нови знаења во склад со времето во кое живееме. Би сакал Јавен сервис кој користи дигитални платформи со полн капацитет.

Приказна петта

Решив да ја продолжам кариерата на реалниот пазар. Сфатив дека пазарот е немилосрден судија и регулатор. Дека натпреварот на дневна основа те прави подобар и поконкурентен. Од 1998 година до денеска сум директор на агенцијата за комуникации Фабрика (www.fabrika.com). Зад нас се стотици успешни кампањи, креативни концепти, решенија за дизајн, аудио и видео продукции, медиумски анализи и стратегии. Сè уште размислувам како Јавниот сервис може да биде подобар, поефикасен и дека новите генерации ќе ја видат неизбежноста на промените и ќе го направат она што мојата генерација не успеа да го направи.

 

Сенад Заимовиќ, директор на агенцијата Фабрика Сараево, експерт за медиуми