Постоеше една изрека: „Сè се менува, освен училницата“. Велам, постоеше, затоа што денеска училницата не е повеќе онаа училница.

Проф. Сенад Алиќ

Кога ќе се сетам на почетоците на својата професионална кариера во просветата, имам чувство дека одев по улица и кого и да го сретнев се фалев дека сум „дури“ професор во средно училиште. Бев горд.

Со текот на времето, како што минуваа годините, колегите и колешките кои заминуваа во пензија велеа дека биле „само“ професори.

Размислував зошто мене ми беше „дури“, а ним „само“.

Ова прашање го поставив на конференција која зборуваше за наставникот и неговата улога. Воспитувањето му помага на детето она што го научило да го користи на хуман и на добронамерен начин. Воспитувањето е филтер за тоа како ќе реагира секој човек. Секогаш го наведував како пример Нобел, кој го измислил експлозивот за благородни цели, но онаму каде што воспитувањето затаило, и родителското и наставничкото, експлозивот е користен за рушење, за убивање и за лоши цели.

Зад себе имам 27 генерации ученици. Трагам по резултатите од својата работа. Ги среќавам моите поранешни ученици. Во моментов работам како директор на Гимназијата Сараево School of Science and Technology; мојот претпоставен ми е поранешен ученик, меѓу вработените се четири мои поранешни ученици. И сфаќам, да сум бил некој арогантен, тежок професор, некој намќор, сигурно мојот денешен работодавец не би ме ангажирал, а моите поранешни ученици не би сакале да бидат дел од тој тим. И поранешните ученици што ги среќавам ми упатуваат насмевка. Останало нешто, тоа е моето „дури“.

Во своето професионално искуство сум имал повеќе проекти во кои сум го запознал воспитно образовниот систем во различни земји од светот, искуството од меѓународните програми IBDP, програмата Кембриџ; и секаде професорот е – професор, тоа е она универзалното.

Постоеше една изрека: „Сè се менува, освен училницата“. Велам, постоеше, затоа што денеска училницата не е повеќе онаа училница. Таблата и кредата веќе не се основни средства за работа на час, книгата веќе не е единствениот извор на знаење, нема повеќе мемориско учење. Детето е во фокусот, но се наоѓа во маса од технолошки иновации, помагала кои влијаат врз креирањето на развојот на секое дете.

Дали ученикот и понатаму ни останува во фокусот, дали педагогијата и понатаму претставува основа за работа со детето во училиштето?

Одговорот би требало да гласи „да“. И денеска треба да постои човечки допир, контакт во живо, разговор со ученикот, за да му бидеме поддршка во неговиот раст и развој. Современиот облик на растење на детето подразбира да користи социјални мрежи, онлајн извори, различни алатки. Сето тоа влијае врз креирањето на личноста на младиот човек, ги одредува неговите стилови на живеење, неговите приоритети. Како да одговориме на современите извори што ги користи младиот човек, а тоа да биде во негова корист?

Да се занимаваш со воспитно-образовна работа, честопати велам, тоа е „one man show“. Мораме да понудиме знаење, квалитет, да ја разработиме методиката, треба да дојдеме до детето, да бидеме дел од воспитниот процес на младата личност.

Сите тоа ниту го знаат, ниту го можат. Има сè помалку студенти на наставните факултети (мала плата, девалвирана улога на наставникот, притисок од родителите, наставникот станал административен работник). Да се биде наставник во очите на општеството веќе не е „дури“, туку „само“, како што кажав на почетокот од овој текст, но јас сум непоправлив педагог кој е свесен за својата улога. И понатаму сметам дека да бидеш наставник е „дури“, и дека тоа е една благородна и хумана професија, чие педагошко значење се развива уште од античка Грција.

 

Сенад Алиќ, директор на Гимназијата Сараево School of Science and Technology