За тоа време, левицата е глобално во повлекување – нејасно идеолошки позиционирана по колапсот на државниот социјализам, се шета од зелена и пронатовска, до русофилска и синофилска левица наклонета кон авторитаризам.

Сања Радовиќ

Србија денеска е поделена на екстремна и на умерена десница. Дури ни центристичките опции немаат поголеми шанси, а камоли левицата која би заговарала идеи за социјална правда, еднаквост и поширока општествена толеранција. Во земјата во која има преку 100 години наследство и традиција на леви идеи, левицата денеска е на маргините од маргините. За тоа придонесе и бранот на ширење на неолиберални политики ширум Европа по завршувањето на Студената војна, но тоа објаснување во српскиот случај не е целосно.

Во Србија, поради турбулентниот и неправилен политички развој во последните 30 години, завладеа едно националистичко видување на стварноста, а се издигнаа политички сили кои имаат моќна основа во десните традиционални вредности – политички конзерватизам, верска исклучивост, „традиционално“ семејство – поткрепени со пошироки авторитарни и антиглобалистички политики. Тоа е всушност мешавина од страв, параноја, фрустрација, канализирана во токсична политичка идеологија, со интернализирана нетолеранција кон сè што е различно. Десницата ја карактеризира и постојано недоразбирање со општеството и неговите пошироки потреби и зилотска ревност насочена кон преобликување на сè што е скроено според поширок опсег од нивниот. Оваа тажна група се плаши од сè и стравува од сè. Во сè гледа закана и опасност. Бега од сè и лае на сè.

За тоа време, левицата е глобално во повлекување – нејасно идеолошки позиционирана по колапсот на државниот социјализам, се шета од зелена и пронатовска, до русофилска и синофилска левица наклонета кон авторитаризам. Така неснајдена, левицата пропушта историска шанса, во едно античовечно време, да се профилира како единствена хуманистичка опција која се потпира на вредности како заштита на човековите права, принципи на рамноправност која не се доведува во прашање, социјална еднаквост, антинационализам, антишовинизам, антимизогинија, антихомофобија, и која, а ова е важно да се каже во нашево време – принципиелно антивоена, антимилитаристичка и антипопулистичка. За жал, левицата е речиси секаде во служба на системот од кого и потекнува како продукт; оттаму неможноста јасно идеолошки да се дефинира.

Во Србија ситуацијата е уште потрагична – распрскани низ здруженија, студентски движења, неформални збиралишта и поединци, левите идеи во најголема мера и понатаму се фолклорно врзани за југословенскиот социјализам и, изземајќи го афирмативниот однос кон југословенското искуство, не нудат речиси ништо ново. Денеска имаме парадоксална ситуација во која во Србија речиси сите политички сили се борат околу национални теми, а најмалку се занимаваат со проблемите од секојдневието – галопирачка инфлација, постојано влошување на работничките права, непостоење на каква било поширока општествена помош во случај на останување без работа или здравствени проблеми, системска дискриминација, и едно општо понижување на посединецот и на општеството во целина. Имаме обесправени и исплашени луѓе, апатични и безволни, изгубени во дивиот капитализам на кого се препуштени на милост и немилост. Така изгубени, претставуваат лесна мета за десницата, секогаш подготвена за агресивна националистичка пропаганда, додека, од друга страна, левицата во јавниот простор – ја нема. Оние малубројни леви идеи што ги има се злоупотребени од страна на партии кои, во суштина, не водат лева политика, како што е неолибералната СПС. Најголемата работничка партија, СНС, кон работниците се однесува како кон доброволни робови, кои потценувачките и дехуманизирачките работни услови – и ги заслужуваат. Секој обид за побуна го спречува „базенот“ невработени и потплатени работници, кој само заканувачки чека да се прелие врз нечии, за нијанса подобри, несигурни работни позиции.

Проблемот со организацијата на Прајдот во Србија дополнително ја обесмисли поделбата на левица и на десница. Недостигот на способност кај мнозинскиот дел од општеството јасно да види дека заедничката борба против обесправеност и за достоинствен живот претставува фундамент за постоење на заедница во која вреди да се живее (а не да се преживува), ги прави сите останати општествени поделби бесмислени.

 

Сања Радовиќ, историчарка и активистка во областа на човековите права