Дијагнозите кои секојдневно ги добиваме, не присилија сите да утврдиме дека образовното тело треба многу повеќе да работи на својот одбранбен систем и ќе му треба подолго време да се излекува од подмолната болест чии коморбидитети некако, со децении, сите ги прикривавме.

Сандра Грујевска

Образовните системи ширум светот отсекогаш биле причина за анализи, дискусии, реформи, конфликти, потсмев, страв, неизвесност…

И секоја година, образовните системи во многу земји се нарушени поради природните опасности поврзани со климатските промени, вооружените конфликти, политички пропаганди или, во најлош случај, епидемии.

И кога ни се случи пандемијата Ковид 19, бевме, и мислам дека сеуште сме, во еден грч што и како ќе го движи едукативниот процес во едни вакви услови.

И сите сме изненадени како гром од ведро небо… сеуште, за жал.

Е сега, сигурно ќе се запрашаме дали требаше мерката за успех или неуспех во образованието да ни ги тестира антителата од Ковид 19? Пандемијата, секако, не освести да провериме дали нашиот образовен систем е имун и дали знае како сам да се одбрани. Сепак, дијагнозите кои секојдневно ги добиваме, не присилија сите да утврдиме дека образовното тело треба многу повеќе да работи на својот одбранбен систем и ќе му треба подолго време да се излекува од подмолната болест чии коморбидитети некако, со децении, сите ги прикривавме.

Јас бев, сум и ќе бидам поборник за технологија во училницата, искомбинирана со креативноста и слободата на наставникот. Сметам дека игнорирањето на образовните можности што ни ги овозможи технологијата ги става децата во неповолна положба и затоа не требаше да ја игнорираме или да и се спротивставуваме. Многумина ќе кажат, културата на живеење пред компјутерскиот екран во целина ги отежнува работните места (на наставниците). А, дали го избравме вистинскиот пат да си го олесниме работното место преку технологијата, и не ја искористивме како сојузник. Еве, пандемијата ни покажа и не научи дека се се може, па се надевам следната лекција ќе ја научиме по полесниот пат. Но ако постојано се спротивставуваме на промените и ако целосно ни ослабне активноста на образовниот систем и опадне неговиот имунитет, тогаш за жал тој ќе има влијание и на целото наше општество. Неопходен е еден образовен систем кој во иднина ќе биде имун на сите фактори кои би можеле негативно да влијаат. Е па тогаш, ајде да го вакцинираме образовниот систем, па да биде подложен на имунитет!

А ние како наставници, да се потсетиме зошто сме наставници, да застанеме малку и да си направиме еден рестарт. На децата сега им требаме на поинаков начин, да покажеме што значи емпатија и трпеливост.  Сега е потребен наставник кој ќе им помогне да се почувствуваат сигурни, во време кога се на несигурен простор над кој прелетуваат секакви опасности.  Можеби, оваа прилика ќе ја искористиме да ги преструктуираме образовните дејности во правец на создавање на критичко расудувачки субјекти и мислечки суштества кои ќе развиваат хуманистички вредносни системи, а со тоа и поправедни светови?

А во 21 век, и време на глобализација, кога светот се менува вртоглаво, можеби е подобро да ги следиме потребите на децата малку повнимателно, бидејќи ако тие се движат напред а ние стоиме во место, тогаш сигурно сме на патот на неуспехот.

 

Сандра Грујевска,  magister po megunarodni odnosi, profesor po angliski jazik i osnovac na Ucilsteto za stranski jazici Step by step. Vo momentov , vrabotena na Univerzitet American College Skopje, kako Karieren Sovetnik