Извештајот на Европската комисија за оцена на рамката на Националните стратегии за интеграција на Ромите до 2020 година потврдува дека „амбицијата да се стави крај на исклучувањето на Ромите не е постигната“.

 М-р Салиха Џудерија

 Кога во обичниот говор ќе кажете „циган“, тоа всушност значи „оние валканите што живеат во картонски кутии, што просат, крадат…“ Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи во член 1 го означува терминот „расна дискриминација“ како какво било разликување, исклучување, ограничување или избор заснован на раса, боја, потекло или национално или етничко потекло, чија цел или резултат е поништување или нарушување на признавањето, уживањето или остварувањето, врз основа на еднаквост, на човекови права и основни слободи во политичкиот, економскиот, социјалниот, културниот живот или на кое било друго поле од јавниот живот.

Начинот на кој се постапува кон Ромите, најбројното малцинство во БиХ, е поврзан со низа стереотипи и искривени перцепции, кои честопати всушност претставуваат специфична форма на расизам кон нив.

Во последниве години, се појавија различни термини што означуваат расизам кон Ромите: антициганизам (anti-Gypsism) и еквивалентниот израз – антиромски расизам. Го употребуваме зборот Ром, што значи „човек“, како поим што вклучува разни сродни групи Роми (Роми Патници, Синти, Арли, Гурбети, Бојаш/Рудари, Ашкали, Египќани…), кои претставуваат различни култури, начини на живот и занимања.

Антициганизмот е посебен вид на расизам, идеологија заснована на расна супериорност, форма на дехуманизација и институционален расизам поттикната од историска дискриминација која се изразува, меѓу другото, преку насилство, говор на омраза, експлоатација, стигматизација и најочигледна форма на дискриминација.

Во Европа живеат околу 12 милиони Роми и Ромки, а во БиХ, според Министерството за човекови права и бегалци на БиХ, живеат близу 40.000 Роми. Во последната деценија е направено многу за да се намали социјалната исклученост на Ромите во Европа и во БиХ. Сепак, структурниот и институционален расизам останува основната причина за нивното исклучување.

Извештајот на Европската комисија за оцена на рамката на Националните стратегии за интеграција на Ромите до 2020 година потврдува дека „амбицијата да се стави крај на исклучувањето на Ромите не е постигната“. Исто така, во БиХ, Ромите како најголемо малцинство, како што е наведено во извештаите на Министерството за човекови права и бегалци на БиХ, се најзагрозеното малцинство според сите економски и социјални параметри на општествена вклученост.

Целокупната положба на Ромите во БиХ е оценета како потешка од онаа на другите малцински заедници, пред сѐ поради високите стапки на невработеност, ниските стапки на запишување на ромските деца во училиште и нискиот степен на образование на возрасните, лошите станбени и инфраструктурни услови и недоволната опфатеност со здравствени и социјални услуги, така што, во поголема или помала мера, Ромите се маргинализирани: економски, просторно, културолошки и политички.

Резолуцијата на Европскиот парламент (2020/C449/01) го истакна зајакнувањето на борбата против антициганизмот, неговите манифестации наведени во Резолуцијата (2019/2509(RSP), со цел да ги поттикне сите европски земји да се борат против злосторствата од омраза, против говорот на омраза – онлајн и офлајн – продолжувајќи да истакнува дека сè уште има причина за вистинска загриженост и за одговорност (што недостасува) во земјите низ Европа.

Исто така, на властите во БиХ им треба сеопфатен пристап со посилен фокус против антиромскиот расизам, заедно со четири цели за вклучување на Ромите (образование, домување, вработување и здравје), на кои треба да им се додадат недискриминација на Ромите, вклучување во еколошки одржливо дигитално општество и создавање можности за рамноправна застапеност на Ромите и на Ромките во сите сфери од животот.

Да зборуваме за расизмот.

 

М-р Салиха Џудерија, правничка и магистер на Факултетот за криминологија и безбедносни студии во Сараево, помошник министер за човекови права на БиХ. Добитничка на наградата од Фондацијата на Кралот Хусеин за лидерство во областа на човековите права во 2006 година.