Гаранциите за тајност на комуникациите мора да бидат во основата на секое општество кое е демократско или барем сака да биде. Треба да им се обрнува постојано внимание, не смеат да бидат во фокусот на јавноста само по повод скандали

Родољуб Шабиќ

„Незаконското прислушување на претседателот е неспорно докажано, истрагата е завршена, а до надлежното обвинителство се доставени сите докази со кои се објаснува улогата на сите припадници на МВР кои учествувале во прислушувањето“, соопшти Министерството за внатрешни работи на почетокот на март годинава.

Но, и по речиси осум месеци, нема обвиненија! И за сето тоа време, јавноста не слушна ниту една веродостојна информација, ништо конкретно. Само, благо речено, контроверзното објаснување на министерот Вулин: „Делови од МВР ги злоупотребиле овластувањата, барајќи од надлежниот судија прислушкување на некои луѓе за кои однапред направиле легенда и побарале мерки за да ги следат нивните криминални активности, а во суштина, ги барале не затоа што биле криминалци, туку затоа што знаеле дека ќе слушнат со Александар Вучиќ или со некои од членовите на неговото семејство“.

Како „објаснувањето“ се вклопува во реалниот контекст? Нели, покрај „делови од МВР“, неизбежно се подразбираат и актери надвор од МВР? Ова значи дека нашите судии се или неспособни незнајковци со кои лесно се манипулира, или свесни соучесници во нелегалното прислушување? Или …? Како и прашањето – како е можно некој незаконски да го прислушува шефот на државата повеќе од една година, а БИА да не знае ништо за тоа?

Но, најверојатно, одговорите ќе изостанат. И пред 10-тина години, откако претседателот на Србија соопшти дека е прислушуван, јавноста беше преплавена со наслови како – „Српски Вотергејт“, „Подготвуваа државен удар“, „Мафијата нареди следење на претседателот“. Сѐ е практично исто, само презимето на претседателот е различно, Николиќ, а не Вучиќ. Но, и покрај изјавите за „змиско гнездо“, дека сè „ќе мора да се истражи до крај“ бидејќи „вака не може да се живее во Србија“, истрагата не донесе ништо. МВР спроведе истрага, но обвинителството не најде никаква основа за обвинение.

Во секој случај, аферите имаа огромен публицитет. Зазедоа илјадници страници и минути, го пренасочуваа вниманието на јавноста и потиснуваа во сенка некои работи од големо, суштинско значење за сите граѓани.

Просторот не дозволува повеќе, па, на пример, можеме да споменеме само неколку од нив.

Своевремено, акцијата за надзор на Комесарот за информации и заштита на личните податоци врз давателите на услуги за мобилна телефонија покажа дека не го знаеме ни приближниот број на пристапи до комуникациските податоци, дека можеме само да претпоставиме дека се работи за огромна бројка, за неколку стотини илјади. Кај единствениот провајдер кој се осмели да активира софтверска апликација што ги брои пристапите до задржаните податоци, бројката за една година беше поголема од 270.000! Ако БИА го задржала онлајн пристапот до базите на податоци на давателот, можеме ли да се надеваме дека сега е поинаку? Што знае јавноста за тоа?

Неколку години подоцна, според податоците на канадската организација „Citizen Lab“, позната во светот по набљудувањето на проширувањето на системите за следење на комуникациите, Србија се најде меѓу земјите во кои е лоциран софтверот „FinFisher“, кој овозможува целосно следење на комуникацијата преку Интернет, е-пошта, разни „четови“ и „Skype“. Нашиот граѓански сектор побара од властите да се изјаснат одговорно за ова, но одговор немаше. Што знае јавноста за тоа?

Гаранциите за тајност на комуникациите мора да бидат во основата на секое општество кое е демократско или барем сака да биде. Треба да им се обрнува постојано внимание, не смеат да бидат во фокусот на јавноста само по повод скандали, ниту тема на чаршиски муабети и логично неодржливи „официјални вистини“. А ако со години се третираат токму така, тоа со сигурност зборува за постоење на голем ризик во однос на правата на граѓаните и за непостоење на одговорна власт.

 

Родољуб Шабиќ, адвокат