Сега конечно е време да станеме посериозни, но под еден услов – и понатаму да знаеме да се шегуваме.

Расим Златан Прште

„Имам вродена мана – роден сум на Балкан“, се шегуваше на сопствена, но секако и на сметка на своите земјаци познатиот мостарски хуморист Осман Џихо. На тоа, уште попознатиот маестро Мишо Мариќ, во рецензијата на книгата „Вакцина против омраза“, за својот пријател, меѓу другото, ќе запише: „Џихо е дежурен радиотелеграфист кој отчукува СОС – Спасете ги нашите души…“ Уште попознат од споменатите двајца, големиот Меша Селимовиќ знаеше да рече: „Солзи ми течат од смеа – ако престанам да се смеам, ќе останат само солзите“.

Недоволно среќен, па така и недоволно спретен во потрагата по утешни зборови, но и подеднакво неподготвен да потонам во рамнодушност, или да потклекнам пред туѓиот очај и најцрните претчувства, често се занесувам и го повикувам – во моментот, ни помалку ни повеќе, туку Мика Антиќ. А таму, од неговиот Хороскоп, излетува нималку шеговита, но сеедно мудра лековита, мислата на Лудвиг Берн: „Мисли во жив свет, а живеј во измислен“. Малубројни се зборовите што можат да бидат сламка, но во „живиот свет“ (да не речам во жива кал) „се повредни од злато“.

И така, од ден на ден тешејќи го оној на другиот крај од телефонската линија, а рака на срце, и самиот себе, во замена или контра онаа, веќе излитената, за клучните денови, седмици и месеци кои се пред нас – смислувам и измислувам, цитирам и наслушнувам.

Уште повеќе, сѐ потешко ги разбирам хероите во бели мантили, затоа што само тие и нивните штитеници можат взаемно да се разберат. Да ги следам нивните совети, тоа веќе би имало смисла, но…

Затоа, повторно на слушалка и, за да го намалам заедничкиот ризик од вишок нервирање, повикувам на помош уште еден волшебник кој, одамна отсутен, пристигнува да нѐ инспирира, да нѐ опомене и да ни даде снага…

Кога го прашале популарниот Чкаља, кој без конкуренција можеше да ги насмее сите дваесет милиони свои земјаци – дали некогаш и самиот се нервирал – по потврдниот одговор следело и потпрашање – за што најмногу – на што волшебникот додал: Најмногу ме нервираше тоа што воопшто се нервирав.

Не знам каква врска има тоа со големиот актер и дали воопшто зачекорив во април, но знам сигурно дека, и без април, сме неизлечиви оптимисти. Можеби тоа на нашите политичари и не им е познато, но ова не е ни момент за тоа, и затоа преколнувам: „Да ги оставиме политичарите на мир! Тие нас одамна нѐ оставија“.

Најпосле, „вистинска среќа е што ние, Босанците и Херцеговците, навистина не размислуваме и не гледаме дали е вистинско време за шега“, бидејќи, не дај Боже да размислуваме.

Не знам дали морав да одам толку далеку, но затоа знам дека „Повеќето сопружници ја заслужуваат секоја пофалба затоа што, и пред пропишаните мерки, држеа прописна дистанца“, а некаде пишував и за тоа дека „короната е сѐ попопуларна меѓу другите пријатели“ (и не сум изненаден). „Тешко е да се најде подобро алиби “. Тешко. Сега конечно е време да станеме посериозни, но под еден услов – и понатаму да знаеме да се шегуваме.

Уф, и мене ми е време за терапија… Десет по десет реда хумор од онаа книга на Џиха, и така трипати дневно, пред јадење, а може и потоа – НЕВАЖНО! Затоа што без љубов, да не речам „побратимство“, како што некогаш копнееше ненадминливиот Шербеџија – нема да ни помогнат ни Фајзер, ни Спутник.

 

Расим Златан Прште, чапљинско-сараевски афористичар, поет и новинар. Автор на шест книги афоризми и поезија.