Повеќе немаме присилна стерилизација, но имаме училишна сегрегација. Веќе не сме робови, но 60% од нас работат во неформална економија, за многу помала плата, во споредба со 30% од нашите не-ромски соседи. Веќе не се соочуваме со холокауст, но нашиот животен век е 10 години помал од оној на остатокот од популацијата.

Орхан Усеин

Сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и права. Тие се обдарени со разум и совест и треба да се однесуваат еден кон друг во духот на братството.

Универзална декларација за човековите права, член 1

Ако сте загрижени каде отишле злосторствата од омраза и дискриминацијата во време на Ковид-19, не грижете се, сѐ уште се тука, живи и здрави.

Поминаа седумдесет и две години од усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права – сите човечки суштества се раѓаат слободни и еднакви по достоинство и право. Но, во реалноста, не сме. Присилно иселување, сегрегација во училиштата, дискриминација на работното место, злосторства од омраза и незаинтересираност на институциите да си ја завршат работата – што и да именувате, сум го видел. Кога станува збор за дискриминација на Ромите и негирање на нивните права, одлично се согласуваме во регионов.

Според последното истражување на Балканскиот барометар, кое ги испита мислењата на бизнис секторот и на јавноста во регионот, на неверојатни 68% од анкетираната популација не би им било пријатно да стапат во брак, или нивните деца да стапат во брак со Ром. Околу 26% од нив експлицитно не сакаат нивните деца да делат училница со ученик од ромската заедница, а на дури 63% не би им било пријатно – што значи дека и тие не сакаат ромски деца во близина на нивните деца, но не сакаат да го кажат тоа толку отворено. Повеќе од една третина (32%) не би помислиле да поканат Ром во нивните домови. Само 25% би го изнајмиле станот на Роми. Тоа значи дека во градот каде што веќе е тешко да се најде пристоен стан, имам уште помалку шанси да го добијам, без оглед на моето образование, месечните примања, социјалниот статус или што било друго, само затоа што сум Ром.

Поробувањето на Ромите, онака како што е познато низ историјата, денеска е забрането, но се преобразило во нови форми. Ставањето на човековите права во центарот на вниманието со усвојувањето на Декларацијата можеби сугерира дека светот цврсто решил да раскине со мрачното наследство на тортура, присилна стерилизација, холокауст, ропство, и дека е засрамен, му е непријатно и сочувствува со она што им било правено на Ромите и на други ранливи групи. Но, наместо тоа, многу злосторства продолжуваат незабележани, бидејќи не изгледаат толку сурови. Повеќе немаме присилна стерилизација, но имаме училишна сегрегација. Веќе не сме робови, но 60% од нас работат во неформална економија, за многу помала плата, во споредба со 30% од нашите не-ромски соседи. Веќе не се соочуваме со холокауст, но нашиот животен век е 10 години помал од оној на остатокот од популацијата.

Иако интеграцијата на Ромите во вистинска смисла е сè уште далеку, ни дава надеж тоа што шесте лидери на Западен Балкан седнаа заедно пред две години, за првпат досега, и ја усвоија Познанската декларација. Во неа, меѓу другото, се обврзаа да работат на зајакнување на владините структури за заштита од дискриминација, обработка на жалби од Роми, обезбедување правна поддршка на наводните жртви и идентификување на шеми за дискриминација, вклучително и институционална и скриена дискриминација. Новата стратешка рамка на ЕУ за Ромите, која стартуваше во октомври минатата година, го стави антигипсизмот високо на агендата и го препозна како основна причина за сите проблеми со кои Ромите се соочуваат секојдневно. Се очекува антигипсизмот, посебна форма на расизам, да стане официјално признат и од релевантните институции во регионот.

Бидејќи сè уште гледаме многу прекршувања на Декларацијата за човекови права, која е донесена толку одамна, би било наивно да се помисли дека Познанската декларација ќе направи чуда за само две години. Но, се движиме во вистинската насока – па да се надеваме дека ќе продолжиме да го правиме тоа, без да правиме чекори наназад или да стагнираме.

 

Орхан Усеин, раководител на Канцеларијата на Проектот за интеграција на Ромите, спроведен од Советот за регионална соработка (RCC) со финансиска поддршка на Европската унија и Фондациите Oтворено општество